Гуаидо најавува нови протести
2 март 2019Притисокот врз владата на Венецуела на чело со Николас Мадуро станува сѐ посилен: самопрогласениот привремен претседател Хуан Гуаидо повика на обновување на протестите против контроверзниот претседател за време на карневалските денови наредната недела. По состанокот со аргентинскиот претседател Маурисио Макри во Буенос Аирес, Гуаидо рече: „Ние ќе ја преобразиме карневалската традиција во голема протестна акција".
Покрај тоа, министерството за финансии на САД санкционираше шест високи претставници на безбедносниот апарат на Венецуела. Во образложението министерството истакна дека овие лица раководеле со блокадата на испораките на помош за земјата и на тој начин ја интензивирале хуманитарната криза. Со санкциите се замрзува сиот имот и финансиски средства на засегнатите во САД. Покрај тоа, граѓаните на САД им се забранува да водат бизнис со нив.
Повеќе:
-Мадуро против Гуаидо: Борба како онаа на Али и Формен
-Венецуела: Кој ќе издржи во политичкиот покер?
-Какви се шансите за американски воен напад во Венецуела?
Гуаидо ја започна својата јужноамериканска турнеја пред една недела во Колумбија, каде присуствуваше на состанокот на таканаречената група Лима, која во присуство на американскиот потпретседател Мајк Пенс повторно побара одржување на слободни избори во Венецуела,. Јужноамериканските лидери, кои ги посети Гуаидо, го уверија во нивната поддршка во борбата за власт против Мадуро. Во исто време, тие истакнаа дека го признаваат Гуаидо како легитимен привремен претседател на Венецуела.