Дали ВМРО-ДПМНЕ стои зад бојкотот на наставата?
10 мај 2021Неколку недели по најавите за дигитализација на образованието, што предизвика незадоволство и реакции во јавноста, владејачката СДСМ обвини дека опозициската ВМРО-ДПМНЕ стои зад бојкотот на наставата организиран од група родители.
„На лагата и се кратки нозете, не требаше многу да помине за целата јавност да се увери кои се мотивите за целиот циркуз околу дигитализацијата во образованието“, изјави денеска Елизабета Наумовска, претседателка на Комисија за образование на СДСМ. Таа обвинувањата ги упати на адреса на Драгана Спасевска, којашто ја предводи групата „Учебници и настава мора да има“, која се спротивставува на реформите во образованието. Деновиве беа објавени нејзини фотографии од учество на митинзи на опозициската партија, а Наумовска денеска на прес-конференција посочи дека Спасевска е „истакнат член на ВМРО-ДПМНЕ, со што се потврдува дека зад бојкотот на наставата стои партијата предводена од Христијан Мицкоски“.
„Со ова се потврдува дека ВМРО-ДПМНЕ свесно злоупотребува ученици и родители заради партиски цели“, велат од СДСМ.
-повеќе на темата: Кој стои зад повиците за бојкот на наставата?
По прес- конференцијата на битолската СДСМ на која беа покажани фотографии од Драгана Спасевска на митинг на ВМРО ДПМНЕ, таа на својот профил и на фејсбук групата „Учебници и настава мора да има” порача дека се откажала од партија кога преку ноќ влегувале лица на работни места кои не пречекориле партиска врата, а за неа не се нашло едно работно место по струка. „Партијата беше само изгубено драгоцено време и граматички минато свршено време. Партијата не ги хранеше моите три деца. Партијата е само дискриминација“, вели таа.
Се најавуваат протести
Мирни протести низ повеќе градови и мирен марш во Скопје најавија родителите од иницијативата „Учебници и настава мора да има“, откако не добиле официјален одговор од Министерството за образование во однос на нивните барања доставени и разговарани на работната средба одржана во четвртокот.
-повеќе на темата: Се бара решение за бојкотот, родителите и МОН ќе седнат на заедничка маса за учебниците
Од МОН, пак, велат дека мотив за промените се долгогодишните слаби постигнувања на македонските ученици на меѓународните тестирања како ПИСА и ТИМСС, но и барањата на наставниците, кои укажувале на слабостите на националниот образовен систем. Според Министерството, дигитализацијата на учебниците ќе се одвива етапно за учениците од четврто одделение па нагоре, како и дека нема да се дозволи ниту едно дете да биде исклучено од образовниот процес.
Поради незадоволството од предлог-законот да се заменат хартиените учебници со дигитални, родителите изминативе две недели повикуваат на бојкот на наставата. Покрај нивното барање да не се повлекуваат од употреба хартиените учебници, тие побараа и задолжително нивни стручни претставници и од граѓанскиот сектор да учествуваат во работната група за измени во законот. Според предлог- законот, дигитализацијата на учебниците треба да започне следната учебна година, за учениците од четврто одделение, а потоа етапно да се воведува и во погорните одделенија.