Дали имаме нова шанса со Бугарија?
23 март 2022Украинската криза веќе допира во сите аспекти на нашиот живот. Возиме поскап бензин, јадеме поскапа храна, парите кои ги заработуваме поради инфлацијата секој ден вредат помалку, а живееме во постојан страв дали конфликтот ќе ескалира и ќе се прошири. Единствена полу-надеж, во овие тензични времиња, за нас, е дека конфликтот во Украина ќе ја „разбуди“ ЕУ за Балканот, и дека сведоштвата од војната, ќе го направат нашиот тековен проблем со Бугарија толку банален, што лидерите ќе се „сепнат“ и ќе одлучат да мрднеме од мртва точка. Тука суштинските дилеми се како и на кој начин овој процес ќе се развива, односно дали ова ќе биде шанса за пробив или уште една затка на нашиот, веќе предолг и претрнлив, пат кон ЕУ?
Првата варијабла тука е каков ќе биде односот на ЕУ кон ова прашање. Иако е точно дека воената криза ги подига влоговите и интересот на унијата кон Балканот, не треба да очекуваме чуда. Кризата доаѓа во време кога во регионот уште не се затворени повеќе суштински прашања: Босна не е стабилна, Црна Гора се дестабилизира, Србија е фатена помеѓу чеканот и наковалната, дискусијата за размена на територии во Косово не е мртва, а Албанија и Македонија се блокирани на патот кон ЕУ – се’ на се’, турбулентен период. Претставниците на меѓународната заедница, под овие околности, би рекол оправдано, покажуваат обновен интерес за брза стабилизација и интеграција на регионот во ЕУ, но тој интерес повторно ќе биде во стилот и духот на самата ЕУ: заробен во процедура и релативно импотентен. Надежите дека итноста и сериозноста на кризата ќе ја натера ЕУ да ги пренебрегне реформите и критериумите, па со политичка одлука да интервенира во динамиката на тој процес, не се оправдани. Тие тоа одбија да го направат за Украина, каде секојдневно има жртви, нема да го направат ни за нас.
-други колумни од авторот: Дали во војна имаме право на цензура?
Втората варијабла, особено за Македонија, е дали сериозноста на ситуацијата може да биде нов импулс во решавањето на отворените прашања со Бугарија, и доколку е тоа така, како би можело да изгледа таквото решение и процесот низ кој би дошле до него? Најнапред, секако дека акутноста на кризата, прави ова прашање, и во билатерален, но и во регионален контекст, да биде предмет на засилен интерес и динамика, особено што како што поминува времето, шансите за решение се намалуваат, а негативните последици растат. Оттаму, овој нов импулс кој се чувствува во односите Скопје-Софија, сепак може да значи нова реална шанса за решение. Според мене, содржината и контурите на решението не се толку проблематични, колку искреноста во пристапот. Ако го разложиме можниот пресек на позициите помеѓу двете држави, станува очигледно дека основите се тука, но механиката заостанува.
Првата најважна варијабла за нас—јазикот и идентитетот—не се спорна позиција, односно, јасно е дека кај нас нема политичка сила која би можела со тие параметри да тргува. Тоа е веќе етаблирано како црвена линија од која сите политички фактори најавија дека нема повлекување, па со тоа веќе не е предмет на преговори – односно станува услов за решение, но не влегува во директната содржина на решението. Втората варијабла – каде евентуалниот постигнат договор помеѓу Скопје и Софија би го нашол своето место во преговорите со ЕУ, исто така, изгледа дека има добра основа за компромис. Имено, досега и ние, но уште повеќе, неколку членки на ЕУ, инсистираа дека овој процес (билатералниот) не може да стане составен дел на преговарачката рамка, зашто ќе ги окупира преговорите, и ќе воведе непристоен преседан за идните проширувања (ако ги има). Но, доколку, во најдобрата европска традиција на креативни и безначајни решенија, се најде опција која ќе реферира на договорот, но нема да го загрози процесот на проширување во системска смисла, мислам дека членките на ЕУ нема заради тоа (особено ако е веќе усогласено помеѓу Македонија и Бугарија) да се противат. Така стигнуваме до третата варијабла, а тоа е Уставот, односно неговата промена со цел да се вметнат и Бугарите како таксативно наведено малцинство, по примерот на другите досега внесени. Бугарија инсистира тоа да се случи пред почетокот на преговорите, а ние на крајот. Како и за сите работи, компромисот лежи некаде помеѓу. Бугарија знае дека промените на Уставот траат, и невозможно е да се завршат во кусиот рок кој останува до јуни. Но, постои период од најмалку 18 месеци после почетокот на преговорите, помеѓу првата меѓувладина конференција и отворањето на првите поглавја, во кој има доволно време тоа да се заврши. Тука мислам дека ќе биде доволно да се иницираат промените, за да се покаже quid pro quo, и потоа има доволно време да се заврши и дебатата и домашната работа.
-други колумни од авторот: Ретро мода на Балканот
Тука доаѓаме до суштинскиот проблем, а тоа е политичката волја. Тука импулсите ќе бидат обратни: кај нас, што сме поблиску до пакет решение кое ќе не’ „одглави“ на патот кон ЕУ, така притисокот за договор ќе се зголемува, зашто целта ќе биде на дофат. Затоа сум внимателен оптимист дека за промените на Уставот, ако се дел од конечен пакет, ќе се најде двотретинско мнозинство. Сентиментот ќе биде: „уште овој пат, и да завршиме еднаш засекогаш со компромиси“. Но, во Бугарија тој импулс ќе биде обратен. Со затворањето на последните делови од пакетот-решение, Бугарија, барем делумно, ќе ја изгуби својата предност, односно можноста за целосно вето. Во текот на преговорите е многу потешко да се вратат на тие почетни радикални позиции. Затоа, како што наближува процесот кон неговиот расплет, кај нас ќе оди полесно, а во Бугарија се’ потешко. Дали Петков и Ковачевски имаат сила да го пробијат тој лед, ќе видиме. За Бугарија, тоа е пресвртна точка – дали сакаат имиџ на Зеленски, или имиџ на Путин.