1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Корона-кризата ќе ја убие љубовта кон кешот кај Германците?

Тимоти Рукс
14 мај 2020

Германците се познати по тоа што речиси сѐ плаќаат во готово. Сега епидемијата од Ковид 19 и социјалното дистанцирање ги принудува луѓето сѐ повеќе да плаќаат со картички или онлајн.

https://p.dw.com/p/3bvSX
Deutschland München Coronavirus
Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Balk

Германија можеби многу одамна се ослободи од кралството, но земјата сѐ уште има крал: кешот. Германија е една од ретките богати земји чии граѓани се познати по тоа што речиси не плаќаат со картички, а уште помалку бесконтакно со паметни телефони. И германските продавници и ресторани се исто така познати по тоа што нерадо прифаќаат плаќање со картички. Но, сега поради правилата за социјално дистанцирање и стравот од ширење на Ковид 19, на излозите во многу ресторани и продавници има натписи на кои се бара клиентите да плаќаат електронски, по можнст со бесконтактни картички, за да се избегне близок контакт при размена на пари. Вистинска револуција има и во однос на зголемениот број онлајн нарачки на разни производи и достава на храна за време на карантинот. Се чини Германците конечно ќе бидат приморани да се префрлат на електронско плаќање, без разлика дали сакаат или не. Наскоро готовината можно е да не биде повеќе главна.  

Фактор страв                        

Не се засегнати само деловните субјекти. Голем дел од купувачите исто така не сакаат повќе да користат готовина, и покрај фактот што банкнотите од 5 и 10 евра кои најмногу се користат, се менуваат често. Бундесбанк, Германската централна банка,   потврди дека готовината не претставува висок ризик во ширењето на вирусот. Сепак, постои општо чувство на нелагодност во однос на користење монети и пари.

За многумина овој фокус кон парите не е во склад со науката. „Секое парче од некој производ на рафтовите во продавниците, од салами до тестенини или овошје, или шише пиво сто пати повеќе се фаќа од различни раце и луѓе, отколку готовината,“ вели за ДВ, Вилфрид Фурман, експерт од Универзитетот во Потсдам. Тој смета дека актуелната ситуација ја експлоатираат оние кои сакаат да се ослободат од готовина. Други се порезервирани, но го гледаат истиот тренд. Гинтер Шнабл, економист од Универзитетот во Лајпциг, вели дека актуелната криза е само уште една во долгата линија на чекори за да се напушти користењето на готовина. „Или директно - бидејќи не се издаваат повеќе пари, на пример банкнотите од 500 евра повеќе не се печатат, а Европската комисија размислува да ги укине малите монети! Или индиректно, со намалување на вредноста на валутата преку инфлација.“

Кој ќе плати?

Засега се уште во оптек има милиони евра банкноти и милијарди евра во монети, а во Германија има околу 58.000 банкомати. Сепак предавањето на сите тие пари е долг и скап процес. Треба да се печататат или коваат, да се складираат и транспортираат до банките и банкоматите. Потоа треба да се сортираат, пребројат, и да се донесат назад во банките и евентуално да се заменат. Глобално трошоците за ова се проценети на 0,5% од светскиот БДП.

На крајот не плаќаат само централните банки, туку и помалите банки. По години на речиси никакви или ниски камати и зголемени такси за услуги, банките бараат начин да скратат трошоци. Едно можно решение би било да се ослободат од главоболката со готовина.

Повеќе:

Со хартиени брисачи и метални монети против коронавирус

Коронавирус: Криминалците во криза?

Ќе излезат ли милијардите од под перница?

Финансиските институции и се повеќе трговци на мало можат посебно да вршат притисок врз клиентите со тоа што ќе им се олесни или отежни пристапот до готовина. Тие можат да ги зголемат или намалат таксите на банкоматите, да го намалат бројот на банкомати или едноставно да не ги полнат со многу готовина за луѓето да се откажат да ги користат. Сега пред многу банкомати има редови, но тие не се пополнуваат редовно – бидејќи „банките не остваруваат профит со чување на голема количина готовина – поради што повеќе не ги користат отколку што ги промовираат или гарантираат за нив,“ вели Фурман.

Покрај користење на банкомати за да се сменат навиките, банките исто така може да го намалат или да ги укинат високите годишни такси за користење кредитни картички кои им се наплаќааат на клиентите. Но, досега одбиваат да дејствуваат на поголемо ниво.

Deutschland Berlin Kartenzahlung
На многу места може да се плати само со картичкаФотографија: DW/M. Özcerkes

И покрај воведувањето на еврото, постојано расте обемот на готовина пуштена во промет, со голем скок од почетокот на корона-кризата, вели Шнабл. Тој смета дека ова не се должи само на редовите на банкоматите, туку дека побарувачка за готовина е зголемена поради недовербата во системот.

„Довербата во монетарниот и финансискиот систем продолжува да опаѓа поради тоа што побарувачката за готовина многу веројатно ќе се зголеми и заштедите порадо ќе се чуваат под перница дома,“ вели овој експерт за ДВ.

Бавен раст на картичките 

Со други зборови, дури и додека плаќаат електронски Германците чуваат кеш како сигурност за неизвесни времиња. Врз основа на истражување на однесувањето на домаќинствата, Бундесбанк јавува дека 74% од сите трансакции во Германија се направени со готовина, особено за суми под 50 евра. Поинтересно е дека плаќањата во готовина се под 48% од трансакциите со голема вредност. Прв пат кешот падна зад другите начини на плаќање. 

Понови бројки покажуваат промена. Денес 41% од Германците ги користат своите дебитни картички почесто отколку пред пандемијата, покажува истражување на Германската иницијатива за платежни системи, организација на платежната индустрија. Ако се додадат и кредитните картички, 57% од Германците велат дека ја користат картичката повеќе од претходно. Инго Лимбург, претседател на Иницијативата, вели дека тоае само почеток. „Сметаме дека трендот кон плаќање со картички ќе расте диспропорционално”, изјави тој за ДВ. 

За да се олесни таквата транзиција, банките издаваат повеќе картички со функција за безконтактно плаќање и го зголемија лимитот од 25 на 50 евра без потреба да се внесе пин. Сега и продавниците треба да ги репрограмираат своите машини за да може ова да стане реалност. 

Криење зад бројките 

Но, колку и да е убедливо и лесно плаќањето со картичка многу Германци се воздржани да се откажат од готовината. Да се заштити приватноста е првиот аргумент што се цитира. Кешот е анонимен и тешко е да се следи трагата. „Кешот е парче слобода која како и економската слобода е загрозена како никогаш досега. Владата уште повеќе ќе биде информирана за плаќањата и имотот на граѓаните”, вели Гунтер Шнабл.

Инго Лимбург е пооптимистичен околу безбедноста, иако инсистира дека регулаторот мора да ги сфати сериозно грижите на клиентите и можеби ривалските системи за плаќање да се држат до европските стандарди, а помалку да се потпираат на американските технолошки гиганти. „Ние сме особено скептични околу заштитата на податоци од големите американски играчи. Податоци од платежни трансфери не смее да се користат за други цели како маркетинг и создавање профили. Платежните сервиси мора да имаат суверенитет над ваквите сензитивни податоци”, вели Лимбург. 

Восхитот завршува тука

Покрај грижите за „Биг брадер" има и други проблеми со дигитализацијата како кражба на идентитетот, сајбер напади, прекин на електрична енергија или технички проблеми. Дополнително на тоа постари луѓе, сиромашни и лица без банкарски сметки или некои кои едноставно се офлајн, би биле исклучени. Покрај тоа во времиња на криза луѓето сакаат нешто во што имаат доверба. Нешта што може да ги допрат. 

Ќе биде тешка борба да се убедат Германците трајно да се префрлат на електронско плќање. Но, повторувањето е мајка на знаењето. Кога еднаш ќе се надминат тешкотиите и луѓето ќе видат колку е лесно да се плаќа со картичка или пак смартфон, можеби помалку ќе се навратат на паричници и кеш. Полека, но сигурно сите нешта покажуваат во ист правец.