1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Криминал

Коронавирус: Криминалците во криза?

Марко Милер
15 април 2020

Податоците од Германија покажуваат пад на бројот на кражби, тепачки или ситни кражби. Но, криминолозите предупредуваат дека се отвора простор за поголеми измами и перење пари.

https://p.dw.com/p/3apVg
Symbolbild Internetkriminalität
Фотографија: picture-alliance/Imagebroker/J. Tack

Јавниот превоз, железничките станици, улиците и плоштадите се празни деновиве. Собири се забранети, а многу луѓе работат од дома. Ова се лоши времиња за многу криминалци. Сѐ уште нема официјална статистика како мерките за изолација поради пандемијата се одразуваат врз стапката на криминал во Германија, велат за ДВ од Сојузниот завод за криминалистика. Сепак има првични бројки, велат од покраинското министерство за внатрешни работи на Северна Рајна Вестфалија.

Во најнаселената покраина значително е опаднат бројот на пријави за обивање, поголеми и ситни кражби во периодот од 1 март до 5 април во споредба со истиот период лани. Така кражби во станови опаднале за една третина, од 2483 на 1620. И ситни кражби има двојно помалку – од 3592 пријавени случаи минатата година сега се 1857.

Покраинскиот завод за криминалистика на Долна Саксонија направи споредба на неделата меѓу 30 март и 5 април – кога веќе важеа строги правила на изолација – со истиот период од минатата година. Велат има 45% помалку случаи на тепачки и напади со телесни повреди, 50% помалку кражби и над 90% помалку деликти на џепчии.

Повеќе:

-Германија и Ковид-19: Чекор по чекор враќање во нормала

-Карантин: Седењето дома му штети на имунолошкиот систем

-Коронавирус: новите симптоми и четирите фази на заболување

Објаснувањето е јасно – ситните кражби во време на држење физичко растојание и избегнување на метеж се речиси невозможна мисија. Крадците исто така ретко обиваат станови бидејќи поголемиот дел од луѓето се цело време дома.

„Кога се затворено кафетериите, дискотеките и пивниците тогаш нема тепачки," вели Кристијан Фајфер еден од најпознатите криминолози во Германија. Тој проценува дека ќе има пад и на стапката на криминал кај деликти поврзани со дрога бидејќи и трговијата со наркотици исто така често се одвива на јавни простори.

Креативни измамници

Но, како што вели една германска поговорка: маката го тера човекот да биде креативен. Па така и криминалците намирисаа други можности. Во Северна Рајна Вестфалија привремено е запрена исплатата на помошта за загрозените мали претпријатија бидејќи и тука се вплеткаа измамници. Надлежните предупредуваат на нова верзија на измами со стари лица – измамниците се јавуваат претставувајќи се како внуци кои бараат пари за заболени од коронавирусот и бараат пари за лечење. Или звонат на врата преправени во медицински персонал кој наводно треба да ги тестира станарите од коронавирусот, а потоа влегуваат и крадат.

Себастијан Фидлер, претседател на Сојузот на германски криминалистички службеници вели дека се отворени многу лажни портали на кои се нудат средства за дезинфекција, лекови или маски. Клиентите уплаќаат пари, но не ја добиваат нарачката. Ако ја добијат, тогаш тоа се најчесто плагијати. Овој вид на измама е уште поопасен бидејќи многу луѓе мислат дека се ефикасно заштитени од вирусот. „Криминалците со ваква пиратерија остваруваат огромни профити и тоа на сметка на туѓото здравје," вели Фидлер за ДВ.

Криминалот во темна зона

Криминологот Фајфер предупредува на уште можност. „Кога на пример, кафаните се соочени со банкрот, мафијата може лесно да ги купи и во иднина да ги користи за перење пари.„ Фидлер смета дека ќе се зголеми и лихварството, како традиционална гранка на организираниот криминал, бидејќи многу мали компании ќе бидат во финансиски потешкотии. „Или ќе им позајмуваат пари со огромни камати или ќе им ги преземаат фирмите," вели тој и додава: „Мислам дека генерално криминалот се префрла во темна зона."

Додека луѓето обично не размислуваат дали да викнат полиција кога некој ќе им украде нешто или ќе им го обие станот, многу поголем е бројот на неоткриени случаи на изнудување пари или перење пари. Очекувано е официјалната полициска статистика да покаже голем пад на ваквите кривични дела, но имајќи го сето ова в предвид сепак нема да можеме да бидеме сигурни во веродостојноста на овие бројки.