1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нов план за прераспределба на „рамковните“ административци

ДТЗ
6 март 2022

Судбината на рамковните вработувања - за едни откази, за други унапредувања. Дел од административците се сопнаа на безбедносни проверки, други пак паднаа на испити.

https://p.dw.com/p/47Kms
Symbolbild Bürokratie
Фотографија: picture alliance/dpa/Patrick Pleul

Дел од вработените со Рамковниот договор, кои со планот на Министерството за политички систем минатата година требаше да се префрлат на нови работни места, ќе добијат втора шанса. Министерството за политички систем размислува за изготвување на нов план со кој што ќе се најдат посоодветни работни места за оние кадри коишто не успеаја да се вклопат во институциите каде што беа распределени. 

Станува збор за1.349 вработени со К5 програмата кои со планот на вицепремиерот Артан Груби беа распоредени на нови задолженија во повеќе државни институции. Дел од нив веднаш преминаа на новите работни задачи, дел се откажаа набргу по распределбата, некои поминаа низ дополнителни обуки за да се вклопат, но има и такви кои се уште не одат на работа, а земаат плата. Станува збор за лица коишто со распределбата требаше да бидат префрлени пред се во Министерството за внатрешни работи (МВР) и во други институции, каде што е потребно да поминат низ безбедносни проверки. Токму поседувањето на безбедносни сертификати го оддолжи процесот, па многумина чекаат зелено светло од институциите за да тргнат на работа. 

Nord-Mazedonien | Artan Grubi | DUI  Generalsekretär
Пред повеќе од една година, Артан Груби го презентираше планот за прераспределба на административците. Дел од нив се уште не тргнаа на работа.Фотографија: DW/P. Stojanovski

Една година потоа - лет во место

Пред повеќе од една година, на 22 јануари 2021 година, вицепремиерот и министер за политички системи, Артан Груби го презентираше планот за прераспределба на административците вработени преку Програмата за соодветна и правична застапеност на нови работни позиции во 237 институции и органи на државната и локалната самоуправа. Со овој план требаше да се реши деценискиот проблем, кој претставува сериозен товар за буџетот и конечно да се најдат столчиња за службениците кои воопшто не одеа на работа. 

Три месеци подоцна почнаа и првите проблеми. Дел од институциите се пожалија дека имаат превработеност и не им требаат кадри кои немаат соодветно искуство и образование за позициите на кои се поставени.  Како камен на сопнување се јави проблемот со прераспределбата на службениците во Државниот пазарен инспекторат. Тогашниот директор, Стојко Пауновски во изјава за ДВ порача дека нема да дозволи кај него да бидат прераспределени кадри кои нема да работат, ќе седат дома, а ќе земаат плата.

„Детективи, криминалисти, јавна администрација не може да работат во пазарниот инспекторат. Од кадрите коишто треба да бидат префрлени само 12 се правници и за нив ќе се најде решение. Но, нас ни требаат луѓе што ќе работат на терен, а не да седат во канцеларија“, дециден беше Пауновски. Тој во април минатата година беше разрешен од функцијата поради „пркосното“ однесување, но проблемите со несоодветните кадри коишто беа префрлени во инспекторатот останаа. 

Новата директорка на Државниот пазарен инспекторат, Анета Симеска Димоска за ДВ вели дека повеќето од кадрите коишто им биле префрлени веќе имаат нови работи места, дел од нив поминале низ обуки, некои работат како преведувачи, а имаи такви кои добиле откази. 

„Тие започнаа со работа на 1 септември минатата година, а на 31 декември 2021 година им беа изречени откази на двајца, бидејќи три дена по ред не дошле на работното место“, вели Димоска за ДВ. 

Откази и во УЈП и во Царина

МВР, УЈП, Царината и Државното правобранителство требаше да згрижат најголем дел од рамковните административци. Меѓу нив, најголемиот дел се економисти и правници, но има и кадри со средно образование. 

Од кадрите коишто беа префрлени во Царинската управа, речиси никој не ги одбил новите работни задачи. Па така, како што потврдуваат од Царина за ДВ, од вкупно 74 административни службеници, само на еден службеник му прекинал работниот однос на негово барање, додека останатите 73 службеници се во работен однос во Царинска управа.

Владата ги укинува, привремените вработувања се множат

За разлика од нив, Управата за јавни приходи од вкупно 100 преземени административни службеници, тројца сами побарале прекин на работниот однос.

„На шестмина административни службеници им престанало вработувањето по сила на закон, а за еден службеник се води постапка за престанок на вработување по сила на закон. Останатите административни службеници распоредени се на работни места и ги извршуваат своите задолженија“, велат од УЈП за Дојче веле.

Проценките се дека над 10 проценти од административците коишто беа опфатени со прераспределбата, сѐ уште не се седнати на работните столчиња, бидејќи се соочуваат со законски, безбедносни и системски пречки. Така, во Министерството за внатрешни работи, каде треба да се вработат најголем број од службениците - 143, треба да поминат низ безбедносни проверки. Поради чувствителноста на институцијата, станува збор за стандардни процедури низ коишто треба да поминат сите вработени. 

Нов план за прераспределба

Откако првичниот план за прераспределба на аминистративците не успеа целосно да се реализира, во план е да се направи нова прераспределба. Државниот секретар во Министерството за политички систем, Рами Ќерими за ДВ вели дека оние службенци коишто нема да добијат безбедносни сертификати во МВР, МНР, Финансиската полиција или пак, поради други причини не почнале со работа, со нов план ќе бидат прераспределени во други институции. 

„Има институции каде што нема простор, или пак административците немаат адекватно образование за работните места. Затоа со нов план ќе се најде посоодветна работа за нив“, вели Ќерими. 

Тој објаснува дека во дел од институциите се уште трае постапката за префрлање на административците. Кај Омбудсманот, на пример, постапката треба да оди преку Собрание, поради што и целиот процес е подолготраен. Во инспекторатите, дел од службениците поминуваат низ шестмесечна обука, по што полагаат испит. Ако положат ќе бидат унапредени во инспектори, во спротивно ќе работат како администрација. 

Symbolbild Ausruhen im Büro
Додека дел од административците речиси една година се на нови задолженија, други сѐ уште се на платен список, но не добија работни задачи.Фотографија: Fotolia/alphaspirit

„Од некои институции сѐ уште чекаме одговор. Пред неколку дена четири-пет лица беа префрлени на нови работни задолженија“, вели Ќерими. 

Додека дел од административците речиси една година се на нови задолженија, други сѐ уште се на платен список, но не добија работни задачи. „Тие доаѓаат во Министерството за политички систем, добиваат насоки, во постојанн контајст се со нас, некои одат на работа во институциите иако се уште формално не се во работен однос таму, но целта е да се прилагодат на новите работни обврски“, велат од Министерството за политички систем. 

Според официјалните податоци, во Министерството за политички систем се вработени околу 1.500 лица. Овие вработувања се спроведени во периодот 2008-2015 преку Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор. Според податоците, во земјава има над 135 илјади административци. Над осум милиони евра државата издвојува секоја година за „армијата“ вработени според Рамковниот договор. Според некои проценки, во последните 10 години за оваа ставка биле издвоени околу 100 милиони евра од буџетот.