Демек комедијанти, за демек сериозни
12 јули 2019Вистинската руска пенетрација e ноторен факт и билдањето на суверенизмот, на десничарските и националистички партии низ Балканот и во Европа, се спроведува со многу пожестоки механизми и алатки. Со поткуп, бизнис дилови, директни или индиректни финансирања на властите, опозицијата, најчесто десницата. Ние за тие процеси и трансакции немаме докази, или сѐ уште ништо не испливало.
Но, клучниот елемент во руската пенетрација се базира на инвестирање во политичките опции кои гарантираат ерозија на демократските институции и вредности, уништувањето на владеењето на правото, газењето на човековите слободи и други некои идеолошки тематики, како пренагласување на религијата и верата, традиционалното семејство, оддалечување од западните вредности во поширока смисла. Тоа подеднакво важи и за промовирањето на рускиот економскиот модел, односно доминацијата на лажниот олигархиски и феудалистички капитализам, кој ги одржува на власт трулите политички елити. Што се однесува до институциите и владеењето на правото, корупцијата и криминалот, во Македонија и двете опции, подеднакво се докажаа неспособни и безволни да го променат воспоставениот систем.
Оттука, руската пенетрација, онаква каква можеме да ја видиме во Украина, Србија, Босна, Унгарија, Франција или Италија, искрено не нѐ засега, или во најмала рака немаме докази дека тавките директни акции на поткуп и влијание, во моментов се случуваат. Но, тоа не значи дека нема да се случуваат во иднина.
Руската пенетрација успева делумно затоа што Русите со право се уверени дека колку една држава повеќе ја купува измамата за суверенистичката идеја, толку повеќе самата ќе работи на сопствената изолација и ќе падне во замката да стане полесен плен за големите играчи. Во, исто време, колку повеќе една држава е руинирана и корумпирана, заглавена во клиентелизам и непотизам, толку потешко ќе биде за неа да се интегрира во западните институции и вредносен систем.
Апсурдот е што нашата држава, барем во делот на прашањата поврзани со демократското владеење и институции, владеењето на правото и корупцијата и клиентелизмот, сама си го врши руското влијание, сама се еродира и долгорочно се изолира, и со тоа остава простор за уште подеструктивни сили, отворено сомничави кон Западот, да се вратат на власт.
Затоа е неверојатно аспурдно и навредувачко да се гледа како руската пенетрација, макар и во ваква поблага форма, се искористува како алиби за неодговорноста и некомпететноста на Заев, наместо токму сериозноста на предизвикот да биде причина за осуда и признавање на вина, кое потоа ќе се преточи во преземање на одговорност резултирајќи во позитивни промени. Вака, сѐ се сведува на смешка, на правдање или навивање за Заев од страна на властите и сите негови полтрони и апологети.
Посрамотена е државата во моментите на најголема меѓународна инволвираност и помош кон Македонија. Посрамотена е институцијата Премиер, каде вршителот на должност нема капацитет, дали поради јазичната или можеби некоја друга бариера, да ја разбере несериозноста, а со самото тоа и неадкватноста на тоа што му се кажува и на кое тој погрешно и невкусно возвраќа, неспособен тоа да го доведе во релација или барем кај него да разбуди некаков си сомнеж, околу вистинскиот идентитет на соговорникот.
Отсуство на безбедносна култура и систем
Новата Агенција за национална безбедност донесе зголемени ингеренции на премиерот во разузнавањето. Премиерот го води Советот за координација на безбедносно-разузнавачките служби. Зарем ваков премиер кој цела година го возеле странски служби, кој по час разговор не забележува дека е насамерен, кој издава информации за други држави и државници, нивни приватни броеви, испраќа фотографии, открива ставови на светски и регионални сили, како трета страна, изразува судови за стратешки прашања и позиции на соседните земји, ќе ги координира нашите безбедносни служби? Во најмала рака треба да се преиспита неговата реална компетентност и да се корегира отсуството на безбедносна култура и систем, која владее околу него.
Со овој грандиозен безбедносен и дипломатски кикс на премиерот, се брукаме пред сојузниците, излегуваме смешни пред целата меѓународна заедница, и делуваме како несериозен партнер, и тоа токму во периодот кога очекуваме поддршка за датумот и дефинитивен влез во НАТО алијансата.
И не држат оправдувањата дека и други државници биле насамарени, притоа далеку пократко време и не во повеќе наврати. Поентата не е кој друг бил насамарен, туку што говорникот кажал, какви државни позиции, сопствени или туѓи гласно ги соопштил, си дозволил да коментира стратешки информации, да алудира на нечија поткупливост, да се исмева на етничка линија, со други зборови, буквално да тропа пред друг наводен државник.
Вакви какви што сме, не делуваме како да сме доверлив партнер, особено знаејќи на која страна сме во борбата со руската пенетрација и обидот за зголемено деструктивно влијание во Европа и на Балканот. Ни пратија демек комедијанти, затоа што сме демек озбилни. Не исмеаја, затоа што проценката им е дека тоа е доволно за оваа смешна Македонија.
Помеѓу малата европска армада која интенцијално работи против „Европскиот Советски Сојуз" во името на Мајка Русија, нашиот премиер е жесток проамериканец, ама излегува дека одработува за Русите, чисто од наивност и неспособност.
Приватни пранкови и приватни специјални војни
Пресконференцијата на Заев беше комична, но неопходно таква. Прво ги обвини индиректно Русите, па излегоа сите безбедњаци да потврдат дека е специјална војна, па во општата конфузија на тези, дури помина и празната теза на Шекеринска дека разговорот можел да се спречи ако се снимало како Мијалков. Навистина, тоа е тезата на нашиот министер за одбрана?! Конечно, за да биде ставен камен врз прашањето од страна на Заев, објаснувајќи дека пранковите и местенките на кои бил жртва биле приватни местенки. Изгледа премиерството и државните позиции за Заев се приватна работа.
Прв пат слушам за приватни некои хибридни и специјални војни, приватни пранкови, приватни антизападни политики на ВМРО, приватно одалечување од НАТО. Некои приватни Руси излегоа овие! И да не продолжувам во серијата небулози кои беа искажани неделава, секако ужасно е да се констатира, какви глупости е во состојба да изјави нашиот премиер, а уште пострашно, колку сме подготвени да преминеме преку настанот, без да извлечеме некаква поука.
Сѐ ова никако не ја прави полесна позицијата на опозиција и нивните медиуми. Немањето сенс за развивање на некоја приказна, до каде е легитимно да се турнеш во напаѓањето на премиерот, зашто сепак, ако претераш се префрлуваш кон напад на државата, и понатаму продолжува трејдмаркот на ова нахално и деструктивно ВМРО. Многу од прашањата кои ги поставија беа на место, тоа мора да се признае, но тонот, позадината, инструментализацијата, говорат за сѐ, освен за државно-освестена партија водена од интересите на земјата.
Манифест на меѓународен суверенизам
Но, да се вратиме на сериозните аспекти од оваа нова државна драма во приватна режија на Заев.
Сосема погрешно беше разбран, другарот Путин, кога пред две недели во Фајненшел Тајмс прогласи дека либерализмот е „надминат“, опсолетен, буквално да преведам. Не мислеше Путин на економскиот либеризам, на неолиберализмот ала Тачер, тука на демократијата, на моќта на народот кој слободно ги избира своите претставници, на слободата. За него лично, демократијата е надмината и опсолетна.
Путин фактички го истакна својот манифест на меѓународен суверенизам. Исмевајќи се со либералната демократија го издигна приматот на диктатурата на мнозинството, завиткана во обландата на квази директната демократија. Затоа исмевањето со Заев не е наивно, затоа што е моќен инструмент на исмевање на нешто многу поголемо од нашиот премиер и нашата држава. За денес ние да се смешкаме, Путин отпочна најмалку две војни, во Осетија и во Украина. За лесна политичка дивиденда ја понуди приказната околу мигрантите и ги посочи властите во Европа за непревземање мерки и акција. Го пофали Трамп, Орбан и сличните, неговите демократски сурогати во општиот демократски регрес кој расте низ стариот континент.
Путин црта слика која е едноставна, користи инструменти и популизам кои се допадливи, на кои обичниот човек, нема што да каже, освен: - Види го овој, кажува добри работи. Промовира антички, деструктивен национализам, истиот оној национализам кој предизвика две крвави војни и серија помали геноциди низ Европа. Зошто би се срамел од таквата реторика, сега кога тој национализам е хегемон во двете светски сили како Русија и САД, а чекаме да го покаже повторно своето грдо лице и во Азија.
Освојува во својот поход земји од среден калибар како Италија и Унгарија, поткупува политичари на власт или во опозиција во Австрија, Германија, Италија, Франција, Србија или Босна. И полека но сигурно, ја наметнува својата алтернатива за нов светски поредок, на антиподите на либералната демократија, според својот олигархиски капитализам сошиен по негова мерка и потреба. Вистински оксиморон е, но денес Путин е лидерот, идеологот на таканаречениот „меѓународен национализам" кој беснее од Вашингтон до Москва, од Рим до Будимпешта, ги крши и ги меле традиционалните сојузи и алијанси, го предвидува надминувањето на тоа што треба да ни биде највредно, односно, вредностите на западните демократии; ѝ се исмева, како и со нас, со нашата идеја за демократски и прогресивни општества.
Нека пропадне поделена и раскарана Европа
Ако добро погледнеме, Путин исцртува еден нов, триполарен свет, каде место за Европа нема. Како и неговиот колега Трамп, идејата на ова ново G3 е Европа да се расцепка, фрагментира, балканизира, да се остави на милост и немилост на големите сили, да биде изедена дел по дел, кога веќе како ЕУ е преголем залак за светските сили. Нека пропадне поделена и раскарана Европа, тоа е целта на Путин, Трамп и нивните слепи и себични потрчковци. Но, се заборава, дека и караниците се дел од демократијата.
Ова интервју треба убаво да го прочитаат и препрочитаат во Брисел, и потоа уште еднаш да си го пуштат Заев, за да видат како идејата за исмевање, е можеби последното и најефикасно оружје против Европа и демократијата.
И не е точно дека Европа дефетистички стои и само гледа што ѝ се случува, но дефинитивно сѐ уште не започнала да возвраќа со иста мера. Откривањето на скандалите со поткуп на Ле Пен, Салвини, Орбан, Фараж, Страхе, специјалните и конвенционалните војни во Украина, сајбер војната која се одвива на секојдневно ниво, санкциите кои и понатаму држат против Москва, говорат дека борбата е сурово реална и воопшто не е смешна. И Москва не седи и гледа, возвраќа, најновите адути се економските санкции кон Грузија, барем онаму каде Кремљ се уште може да глуми сила. А наводно, допрва следува, да се изразам еуфемистички, „обединувањето“ на Москва со Минск.
Други колумни од авторот:
Демократска Европа е жена, маж или трансродово лице
Бунтот за Иловица кој не го гледаме!
Влезени сме длабоко во доменот на геополитиката, и кога таа командува водството го презема реализмот, а реализмот во меѓународната политика значи трупи, граници, санкции и неминовен судир. Нема повеќе - bussines as usual. Македонија од овој аспект се покажа како најслабата алка. Последниот и најнов НАТО партнер, излезе смешен, а со тоа ја направи смешна и цела Европа и целиот Запад.
Но, додека ние си играме..., внимание, во Чешка народот протестира против корупцијата. Во Романија референдумот околу правната држава оствари масовна победа. Ердоган е победен во Истанбул и Анкара. Брегзитот трча кон амбисот, додека на европските избори екстремната десница освои многу помалку од очекувањата, а во Шпанија и во Шведска левицата ја подига главата. Секоја недела излегуваат снимки за корупцијата и продадените државни интереси од страна на партиите и лидерите кои го поддржуваат Путин. Ако Путин решил сите свои карти да ги стави на ваквите екстремни десничари, ризикува многу наскоро, тој самиот да се пронајде како надминат и опсолетен, многу повеќе од отпишаната демократија.
Со прости зборови, работата е сериозна драги наши наивни властодршци, судирот е реален, и иако можеби не сме најважни во оваа геополитичка борба, како партнери на Западот, не сме небитни. Време е конечно тоа да го разберете и да станете посериозни.