Деновите на Тереза Меј се одброени
27 јуни 2017Генерално, формирањето на коалициската влада во Лондон не е ништо особено. За споредба, во Холандија владината коалиција се состои од пет партии. Малку промени во британскиот биполарен систем не се на одмет, како што се случи и со коалицијата на Конзервативците и Либерал- Демократите во времето на Дејвид Камерон. Сега Конзервативците мораа да и се обратат на една мала партија. Но, ДУП (Демократската унионистичка партија) не е вообичаена политичка фракција.
Политичката цена која би можела да ја плати Тереза Меј може да биде многу висока.
Несигурни партнери
ДУП е регионална партија од Северна Ирска. Екстремно социјално конзервативна, таа е против истополни бракови, абортус и делува како реликт од 19. век. Притоа, партијата е исклучиво протестантска, што во постмодерна Велика Британија предизвикува дополнителни проблеми. Критичарите ја нарекуваат ДУП- секташка. Партијата, или во најмала рака, генерацијата која ја основаше е обвинета за врски со екстремисти и терористи.
Тоа не е партија со која Лондон треба да легне в кревет. Правејќи го тоа, се доведува во прашање Договорот од Велипеток кој ѝ донесе мир на Северна Ирска. Лондон треба да остане неутрален, што за Тереза Меј станува невозможно откако вети една милијарда фунти и други концесии за поддршката од ДУП. Нарушувањето на неутралноста може да доведе до опасни последици во Белфаст.
Поддршка за Брегзит?
На Меј ѝ е потребна поддршка од ДУП, пред сѐ за Брегзит, особено за да се протурка договорот во парламентот. Но, дури и со гласовите на ДУП тоа ќе биде тешко: потребно е само седум конзервативци да го сменат мислењето за да се урне планот за Брегзит, а Меј да мора да си ги спакува коферите. Иако ДУП го поддржува планот на Меј за „тврд Брегзит“, партијата исто така сака да ја сочува отворена границата со Ирска. Овој политички оксиморон ги прави компромисите тешки и го ограничува просторот за преговори на Меј, оставајќи ја зависна од барањата и добрата волја на ДУП во преговорите со Брисел.
Силна и стабилна влада?
И поддржувачите и опонентите сметаат дека деновите на власт на Меј се одброени, можеби уште во септември или некој месец подоцна. Нејзиниот наследник ќе ја наследи и коалицијата со ДУП. Таквата политичка нестабилност го остава Лондон без солидно мнозинство за склучување на макар разумен договор за Брегзит. И други политички и економски мерки ќе бидат тешки за договор, со оглед на фундаменталистичкиот карактер на ДУП.
Политичката реалност на Тереза Меј е далеку од силна и стабилна влада на која се надеваше кога ги свика предвремените избори. Противниците на Брегзит ќе профитираат од хаосот во владата, што отвора врати за кои сите сметаа дека се одамна затворени. Во Лондон, сите опции се повторно на маса.