Димитров за ДВ: Ќе биде тешко да ни се каже „Не“
13 септември 2019ДВ: Неделава ги посетивте Париз, Брисел и Берлин. Тема на разговорите, верувам, беше датумот за почеток на преговорите со ЕУ. Со какви очекувања се враќате во Скопје?
Никола Димитров: После 18 години од потпишувањето на Спогодбата, 14 после кандидатскиот статус, конечно мислам дека целта ни е на дофат. Охрабрен сум. Има земји, како што е да речеме Франција, каде што процесот на донесување одлука е во конечна фаза- сепак уште нема одлука. Меѓутоа, мислам дека има целосно разбирање за заслужените преговори, за влогот оваа година: дека не само уште еден Совет за општи работи или Европски совет, и дека пораката што ќе ја пратат кон нас ќе има големи импликации и за регионот и за самата ЕУ. Конечно, ние добивме 10. извештај со позитивна препорака од страна на Европската Комисија и многу ќе биде тешко да се верува ако нема конечно одлука од земјите членки во октомври. Така што, верувам дека работите одат во добар правец.
ДВ: Кои се главните, или која е главната пречка? Што им пречи на овие земји кои се уште не донеле одлука?
Во однос на домашните задачи, тоа што преостанува е исходот од преговорите околу Законот за јавно обвинителство. Меѓутоа, не секој закон врши работа. Има земји-членки кои што имаат црвени линии: да не се изгубат случаи-истраги, по пат од старата кон идната институција, сега нели во системот на редовното обвинителство, да нема скриена амнестија, да не биде политиката таа која што ќе кажува што ќе се гони кривично, а што не, туку системот: судството, обвинителството итн. Мислам дека ќе треба да бидеме многу ажурни во следниве денови и недели, да објаснуваме до каде сме и кои се разликите. Меѓутоа, атмосферата ја проценувам дека е исклучително позитивна. Многу е тешко оваа година да се каже „Не“ од било која перспектива, од било која земја-членка.
ДВ: Веќе втор ден сте во Берлин (13.09.). Каква е атмосферата тука, какви се очекувањата и ќе има ли поддршка од Бундестагот за процесот?
Јас во овие ден ипол-два, имав 15-ина многу релевантни соговорници: од министерот за надворешни работи Хајко Мас, државниот министер Михаел Рот, многу пратеници од Бундестагот, каде во последната недела од септември ќе се донесе одлука, од разни политички групации. Еден соговорник немаше којшто изрази сомнеж околу одлуката. Мислам дека e недвосмислена и извесна позитивната одлука на Германија во однос на почетокот на пристапните преговори.
ДВ: Немаше никакви забелешки од германска страна?
Повеќе зборувавме за регионот, што ќе биде понатаму... Јас не претставувам розова слика овде, зборувам отворено и за грешки и за минуси, меѓутоа истакнувам и очигледен напредок. Мислам дека имаме исклучително убедлив случај оваа година со македонската приказна и во однос на соседството, и во однос на демократскиот развој дома.
ДВ: Еден проблем се јавува се почесто во Германија, во германската јавност и во медиумите, но и во настапите на политичарите. Имено, начинот на кој се употребува новото име Северна Македонија (Nordmazedonien) и придавките и именките кои произлегуваат од него. Се почесто се случува да се користат именки како северномакедонски, северномакедонци... Дали разговаравте со вашите домаќини тука околу овој проблем и дали македонската дипломатија и државата севкупно реагираа на овие проблеми?
Ја искористив приликата и на средбата со мојот домаќин, со министерот (Хајко Мас, н.з.) го отворив ова прашање. Се работи за исклучително значајно и суштинско прашање и за целосна примена на терминологиите на Договорот од Преспа. Суштинскиот столб на договорот е врз основа на нашето право на самоопределување да бидеме тие што сме: Македонци, Македонки- зборувам за македонскиот народ- македонски јазик, кој што е многу експлицитно наведен во членот 1, и само затоа што можеме да продолжиме да бидеме Македонци, можевме да ја прифатиме географската одредница Северна кон името Македонија, бидејќи нашата Република е во историскиот северен дел на регионот Македонија. Оттука, ние имаме една постојана инструкција до сите дипломатско-конзуларни претставништва на Северна Македонија да реагираат со веќе спремен текст кога има грешки во примената. Посебен предизвик е германското јазично подрачје поради правилата и граматиката на германскиот јазик и побарав разбирање за ова прашање. Мислам дека дури на краток, но и на среден и на долг рок, ова е многу важно. Се разбира дека другите, третите земји, немаат иста сензибилност по ова прашање и токму затоа е многу важно ние да реагираме и на грешки од новинари, и на грешки од политичари, и се додека примената не стане етаблирана пракса. Не смее да се дозволи еден текст да има, а да нема соодветна реакција, и ова бара голема ажурност од сите во Министерството, во амбасадите и конзулатите, и воопшто на ниво на држава.