1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Двајца директори и заменикот-министер поднесоа оставки

БГ
10 септември 2021

Директорите на тетовската болница и заменик-министерот за здравство попладнево најавија дека поднесуваат оставки од функцијата, од морални причини, по трагедијата во модуларниот центар во кој загинаа 14 луѓе.

https://p.dw.com/p/40Asp
Nordmazedonien Brand in einem Krankenhaus in der Stadt Tetovo
Фотографија: DW/Petr Stojanovski

Двајцата први луѓе на тетовската болница, директорот Флорин Бесими и економскиот директор Артан Етеми и заменикот-министер за здравство Илир Хасани денеска поднесоа оставки на функцијата по несреќата во модуларната болница во која загинаа 14 луѓе. 

„Мојата оставка нема да ги утеши семејствата, но верувам дека ќе поставам морална линија која сите ние во општеството можеме да ја следиме“, напиша Бесими во оставката. 
„Губењето човечки животи на овој начин е голема трагедија. Функцијата не може да биде пред дигнитетот и хуманоста“. 

„По таков трагичен и несреќен настан, оваа одлука е неминовна“, пишува Бесими. 
Речиси истовремено, од функцијата се повлече и економскиот директор Артан Етеми. 

„Чувствувајќи длабока болка од трагедијата што се случи во модуларниот центар во Тетово, каде што бев и лично присутен, од тажните слики што ги доживеав извлекувајќи ги со свои раце телата на жртвите, во својство на економски директор ја давам мојата оставка од оваа позиција од морален чин“, напиша Етеми во оставката. 
Двајцата директори очекуваат истражните органи и меѓународните експерти да  ја откријат вистинската причина за трагедијата што се случи во модуларниот центар. 
Веднаш по нив, повлекување од функцијата најави и заменикот-министер за здравство Илир Хасани. 

„Во овие тешки моменти за сите нас, поднесувам оставка како највисок морален чин. И покрај фактот дека немам никаква врска со процедурите за формирање модуларна болница, иако немам никаква врска со организацискиот дел, оставката е најмалиот чин што можам да го направам во моментов, да ги почитувам жртвите, повредените, јавноста и себеси. Нема ништо над достоинството!“, вели Хасани. 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи