Договор за Трамп и за Израел
16 септември 2020Израел потпиша договори за воспоставување дипломатски односи со Обединетите Арапски Емирати и со Бахреин во Белата куќа, под покровителство на американскиот претседател Доналд Трамп.
Стотици луѓе ја следеа церемонијата на потпишување на билатералните договори со кои се формализира нормализирање на веќе подобрените односи меѓу Израел и двете арапски држави, со согласност за нивно заедничко спротставување на Иран.
Договорите ги потпишаа премиерот на Израел Бенјамин Нетанјаху и министрите за надворешни работи наОбединетите Арапски Емирати (ОАЕ) и Бахреин, Абдулах Бин Зајед Ал-Нахјан и Халид Бин Ахмед Ал Халифа, како и Доналд Трамп.
Трамп, кој се надева дека овие историски договори ќе доведат до нов однос меѓу силите на Блискиот исток и ќе го зацврсти неговиот имиџ на миротворец пред претседателските избори во САД, прогласи на церемонијата на потпишување „раѓање на нов Блиски исток“.
Повеќе:
-Збогување од палестинска држава
-Израел и ОАЕ воспоставуваат дипломатски односи
-Абас го откажува договореното со Израел и САД
„Тука сме денеска да ја промениме насоката на историјата. По децении поделби и конфликти, обележуваме раѓање на нов Блиски исток“, рече Трамп.Договорите не се однесуваат на повеќедеценискиот израелско-палестински конфликт.
Додека ОАЕ, Бахреин и други арапски земји ја поддржуваат Палестина, администрацијата на Трамп ги убеди двете држави да не дозволат тој конфликт да спречи да имаат дипломатски односи со Израел.Нетанјаху потпишувањето на договорите го оцени како „историски пресврт“. Министерот за надворешни работи на ОАЕ, Ал-Нахјан, брат на моќниот престолонаследник, му се заблагодари на Израел што ја „запрел анексијата на палестинските територии“, иако Нетанјаху тврди дека оваа одлука е само привремена.
Шефот на бахреинската дипломатија Ал Халифа најви дека неговата земја ќе стои до Палестина и го нарече денот „вистинска историска можност, момент на надеж и на можности“.
Скептиците, вклучувајќи и многу блискоисточни аналитичари и поранешни официјални лица, изразуваат сомнеж во ефектите од договорите и критикуваат што тие ги игнорираат Палестинците, кои документите ги осудија како „нож во грб“ од арапските браќа.
Сепак, и најголемите критичари не одрекуваат дека овие документи можат да доведат до големи промени во регионот, особено ако по ист пат тргнат другите арапски земји, посебно Саудиска Арабија, што би имало последици за Иран, Сирија и Либан.
Засега се верува оти блиску до признавање на Израел се Оман, Судан и Мароко.Трамп синоќа најави нови договори, дури и пред ноемвриските избори во САД, велејќи дека САД „работат со околу пет различни земји“.