1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Драма и голема неизвесност во Собранието

БГ
19 октомври 2018

Иако првично најавена за 12 часот, па одложена за 15 часот, собраниската седница на која требаше да продолжи расправата за уставните измени никако да започне. Јавноста ја преплавија гласини и шпекулации

https://p.dw.com/p/36qgH
Mazedonien Parlament in Skopje
Фотографија: Picture alliance/dpa/epa/G. Licovski

Со часови нема никаква информација за тоа што се случува во Собранието и до каде е планираното продолжение на седницата посветена на уставните измени кои произлегуваат од Преспанскиот договор. Единствено пред јавноста се појави дел од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ предводена од Антонијо Милошоски, кој побара од собранискиот спикер Талат Џафери веднаш да ја свика седницата и да се премине на гласање. Впечатокот беше дека Милошоски и неговите сопартијци се сигурни оти власта го нема обезбедено потребното двотретинско мнозинство, иако некои собраниски извори не исклучуваат ниту политички блеф. Нивниот контра-аргумент е дека меѓу пратениците кои стоеја зад Милошоски недостасуваа барем десетмина од пратеничката група на опозициската коалиција.

Во јавноста во меѓувреме, уште од рано утрото се шират најразлични гласини и шпекулации кои одат во различни правци: од тоа дека власта има обезбедено двотретинско мнозинство, до тези дека сѐ уште се трага по него. Гласините ги засили и ослободувањето од домашен притвор на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Крсто Мукоски кој е меѓу обвинетите за крвавиот упад во Собранието од 27 април минатата година, заедно со уште двајца негови сопартијци кои неделава исто така добија ослободување од судот: Сашо Василевски и Љубен Арнаудов. Сепак, нејасно е дали тие ќе го поддржат договорот.

Заев верува во чуда

Со оглед на роковите, владејачкото мнозинство не мора да притиска да го истурка гласањето токму денеска, затоа што има време до среда. Дел од информациите утрово велеа дека можеби ќе се чека и пристигнувањето на помошник- заменикот на американскиот Стејт Департмент Метју Палмер в понеделник. Палмер е денеска во Белград на безбедносниот форум, од каде уште еднаш порача дека Преспанскиот договор е историска шанса за земјата која нема да се повтори.

Индикативно, Палмер му порача и на раководството на ВМРО-ДПМНЕ да ги ослободи пратениците од притисоци и да им дозволи да гласаат по сопствена волја во Собранието.

Распоредот на силите во парламентот е таков што на владејачкото мнозинство од 72 пратеници му се потребни најмалку уште 8 за да ја отвори постапката за уставни измени.

На собраниската седница за уставните измени за дискусија остануваат пријавени уште десетина пратеници од владејачкото мнозинство, откако сите пратеници на ВМРО-ДПМНЕ во средата се откажаа од таа можност.

Во својата последна изјава, премиерот Зоран Заев рече дека се надева на чудо.

„Јас верувам. Јас сум верник. Некогаш и чуда се случуваат. (...) Она во што јас верувам, е дека пратениците ќе се смогнат сили, ќе се изнедри енергија, ќе се собере храброст, ќе се сплоти одговорност, за да се добие минимум двотретинско мнозинство“, изјави Заев.