1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ДУИ очекува покана од СДСМ за разговори за ново мнозинство

1 август 2020

Во интервју за косовската „Т7“, Бујар Османи ги оценил како „коментари на аналитичарите“ гласините дека е договорен модел за ротација на премиерот.

https://p.dw.com/p/3gG7N
Mazedonien Hauptsitz der Partei DUI in Mala Recica
Фотографија: DW/S. Toevski

Демократската унија за интеграција очекува покана од СДСМ за формирање на ново парламентарно мнозинство, веднаш по конституирањето на Собранието. Ова го изјавил високиот партиски функционер, Бујар Османи, во интервју за косовската телевизија „Т7“, пренесе „Аласт-М“. Но, во исто време, Османи не ја исклучил можноста за формирање мнозинство и со ВМРО-ДПМНЕ. Гласините дека е договорен модел за ротација на премиерот (три години премиерот да биде од СДСМ, а една година од ДУИ) Османи ги нарекол „коментари на аналитичарите“, иако како партија не би имале ништо против таквата идеја. Притоа, предлогот на ДУИ за прв премиер Албанец го опишал како симболичен.

„Една од паролите на кампањата беше ‘Зошто да не’, така што - зошто да не? Сè е можно. Во случајот со премиерот, симболиката е поважна отколку практичниот аспект. На овој начин се кршат табуата на нееднаквост во оваа земја. Мислам дека институциите се ослободуваат“, изјавил Османи во интервјуто за косовската „Т7“.

Опонентите на ДУИ во албанскиот блок веќе изјавија дека партијата на Ахмети ќе го изгуби легитимитетот ако не го исполни ветеното, бидејќи токму со кампањата за премиер Албанец ги добиле гласовите. 

„ДУИ треба да проба да има свој премиер, тоа е Насер Зибери, кој уште го гледаме по билборди во Скопје. Тие добија толку пратеници заради него, и сега ако не можат да го исполнат тоа, ќе треба да отстапат и ќе треба да се направат други комбинаторики. Нашата коалиција ќе треба да настапи и да почнеме преговори. Ние не сакаме да влегуваме во преговори пред ДУИ да го истроши својот легитимитет. Тие треба да се соочат со тоа што го ветија“, изјави лидерот на Алтернатива, Африм Гаши.

Athen Treffen Vize-Außenminister Mazedonien Namensstreit
Османи: Во случајот со премиерот, симболиката е поважна отколку практичниот аспектФотографија: Reuters/A. Konstantinidis

Партиите подготвени за разговори

Атмосферата се’ повеќе ја вжештуваат шпекулации и комбинаторики за тоа кој со кого може да обезбеди постабилно мнозинство. Иако зад сцената партиите неофицијално веќе го испитуваат пулсот на потенцијалните партнери, од страна на СДСМ формалните разговори за мнозинство коешто ќе формира влада ќе започнат по Илинден, односно по конститурањето на парламентот закажано за вторник, 4-ти август.

За разговори за нова влада е подготвена и ВМРО-ДПМНЕ, чиј лидер изјавуваше дека неговата партија има поголем кредибилитет за тоа, сметајќи дека СДСМ освоила помалку гласови ако се одземат оние на Беса. Мицкоски деновиве обвини за обид за купување пратеници од страна на СДСМ, посочувајќи дека им биле понудени пари и привилегии. Доколку никој не успее да формира влада, тој не ја исклучува можноста за нови избори наесен.

Премиерот Оливер Спасовски ги отфрли обвинувањата на Мицкоски.

„Наводното купување на пратеници е уште една небулоза на Мицкоски. Ние сме сериозни и така ќе се однесуваме и при формирањето на владата. Низ разговор, низ дијалог, со прифаќање на принципите за кои се залагаме, тоа ќе биде основа на која ќе побараме поддршка од пратениците во собранието. Очекувам тоа да се случи многу скоро, по конституирањето на македонското Собрание“, рече премиерот.

Тој ја отфрли и можноста за нови избори наесен.

„Мицкоски секој ден ги менува ставовите. До пред некој ден велеше дека тој ќе формира влада, дека составува парламентарно мнозинство. Сега вели нови избори. Изборите поминаа. На нив има јасен победник. Тоа е СДСМ. Ние ќе ја формираме новата влада“, рече Спасовски.

На оваа изјава на премиерот реплицираше еден од потпретседателите на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски.

„Што се однесува до формирањето на нова влада и неговото тврдење дека залудно се чекале нови избори, доколку толку е уверен дека СДСМ ќе ја формира владата, да видиме кој е составот на таа влада, чие ќе биде премиерското место и чуму толку нервоза доколку работите им одат ‘подмачкано’, или да не биде работата кажана низ призмата на еден од нивните потпретседатели ‘гладна кокошка просо сонува’, тоа допрва ќе видиме“, порача Мисајловски.

Nord-Mazedonien Ausnahmezustand wegen Coronavirus ausgerufen | Stevo Pendarovski
Претседателот Пендаровски вели дека мандатот ќе го додели на онаа партија или коалиција која ќе обезбеди мнозинствоФотографија: Büro des Präsidenten von Nord-Mazedonien

Пендаровски: Од партиите зависи

Додека партиите лицитираат со сопствениот потенцијал за формирање влада, претседателот Пендаровски е посветен на уставните рокови. За тоа кој ќе партиципира во владата, Пендаровски вели дека зависи исклучиво од преговорите што ќе ги водат партиите кои обезбедија влез во парламентот.

„Така што, возможна е влада без СДСМ и коалицијата кои освоија најмногу пратеници, или без ВМРО-ДПМНЕ, која е втора партија според истиот критериум. Јасно е дека ако така се договорат, возможна е и влада без партијата што е трета според бројот на освоените мандати (ДУИ-н.з)“, изјави Пендаровски во интервју за „Фокус“.

Вели дека мандатот ќе го додели на онаа партија или коалиција која ќе обезбеди мнозинство.

„Како претседател, буквално немам никаков маневарски простор. Членот 90 од Уставот е јасен. Исто така, не се предвидени никакви условувања, како оние од 2017-та, кога флагрантно беше прекршен највисокиот државен акт. Подготвен сум, ако има договор, мандатот да го доделам и пред да заврши уставно определениот рок од 10 дена“, изјави Пендаровски.