Ракетен напад врз аеродромот во Кабул
30 август 2021Неколку ракети биле изпукани утрината во насока на аеродромот во Кабул, објавија едногласно очевидци од авганистанската престолнина и официјален претставник на американската влада. Како што се вели, проектилите биле пресретнати од против-ракетен одбранбен систем. Во близина на аеродромот се кренал чад. Нема извештаи за жртви или повредени. На социјалните мрежи беа споделени видеа на кои се гледа запален автомобил од кој се верува дека се испукани ракетите.
Американскиот претседател Џо Бајден вчера уште еднаш предупреди предупреди од нови напади врз аеродромот и неговата најблиска околина. Повеќе од сто луѓе беа убиени таму во самоубиствен бомбашки напад во минатата недела, меѓу нив 13 американски војници. Тоа беше најсмртоносниот напад врз американските војници во Авганистан во последните десет години.
Цивилни жртви при американски напад со дрон?
Американската армија, инаку, вчера соопшти дека успеала да спречи нов самоубиствен напад на аеродромот во Кабул. Како што објави Пентагон, беспилотно летало на американската војска уништило автомобил наполнет со експлозив.
Операцијата успешно спречи „непосредна закана“ за аеродромот од страна на терористите, а исходот од воздушниот напад сѐ уште се испитува, соопшти американскиот команден центар за регионот (Центком). Уништеното возило содржело „големо количество експлозив“, „што можело да доведе до дополнителни жртви. (...) Би биле многу тажни поради евентуална смрт на невини луѓе“, се вели во соопштението на американската војска, со кое се реагира и на извештаите дека во нападот со дронот загинале и три деца.
Последни часови на воздушниот мост
САД, во меѓувреме, се блиску до финализирање на конечното повлекување на нивните трупи од Авганистан. Утре, американските вооружени сили ќе ја напуштат земјата во Хиндукуш по 20 години. Со повлекувањето, завршува и воздушниот мост за евакуација откако радикалните исламски талибанци дојдоа на власт пред две недели. Од 15 август, околу 114.000 луѓе се евакуирани од Авганистан. Германскиот Бундесвер ја заврши својата мисија за евакуација во четвртокот.