Евросонг стартува со првото полуфинале
9 мај 2017Изборот на песна на Евровизија, започнува денеска во Киев, каде во рамки на првата полуфинална вечер настапуваат претставници од 18 земји. Втората полуфинална вечер е закажана за 11 мај, и на неа ќе настапи и македонската претставничка Јана Бурческа со мелодијата „ Dance Alone". Финалето на годинешниот Евросонг ќе биде во сабота на 13 мај.
Најпопуларниот музички натпревар во Европа се одржува по 62-ри пат а годинава домаќин е главниот град на Украина, благодарејќи на минатогодишната победа на Џамале со песната „1944“. Ова е вторпат Украина да е домаќин на натпреварот, предходниот пат беше домаќин во 2005. година. На Изборот на песна на Евровизија годинава во Украина има претставници од 42 земји.
Португалија и Романија се вратија по отсуството во 2016. година, додека Босна и Херцеговина се повлече од натпреварувањето поради финансиски проблеми, а Русија нема да учествува бидејќи Украина ѝ забрани влез на нивната претставничка.
Во првото полуфинале учествуваат Шведска, Грузија, Австралија, Албанија, Белгија, Црна Гора, Финска, Азербејџан, Португалија, Грција, Полска, Молдавија, Исланд, Чешка, Кипар, Ерменија, Словенија и Летонија.
Право на глас ќе имаат публиката и членови на жиријата од земјите учеснички, како и директните финалисти Италија, Велика Британија и Шпанија.
Во втората полуфинална вечер покрај Македонија се натпреваруваат уште и Србија, Австрија, Малта, Романија, Холандија, Унгарија, Данска, Ирска, Сан Марино, Хрватска, Норвешка, Швајцарија, Белорусија, Бугарија, Литванија, Естонија и Израел.
Ќе гласаат публиката и жиријата од земјите учеснички од второто полуфинале, како и директните финалисти Германија, Украина и Франција.
Русија требаше да настапи по редниот број 3 во ова полуфинале, но се откажа од натпреварот откако украинската влада ѝ забрани влез во земјата на нивната претставничка Јулија Самојлова.