ЕУ- Кина: Ветувања кои го спасија образот
10 април 2019Очекувањата од редовната годишна средба меѓу раководните политичари на ЕУ и кинескиот премиер Ли Кечијанг намерно беа држени на минимум. Од упатени извори во ЕУ се велеше дека заедничките ставови не достигаат ни за усвојување на завршно соопштение, веројатно беше разговорите да завршат без напредок. Но, кинеската делегација во Брисел пристигна со нови ветувања, кои беа доволни за да се зачува образот на двете страни. Очекуваното дипломатско фијаско изостана.
Има ли иднина за партнерството на ЕУ и Кина?
„Преговорите беа тешки, но барем завршија плодоносно“, резимираше претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск. Едно партнерство мора секогаш да се потпира на взаемност, му порача тој на кинескиот гостин. Во сегашната економска ситуација ЕУ и Кина сепак имаат голем интерес од функционирање на трговски систем базиран врз правила.
Ова е отворена алузија на трговската војна меѓу САД и Кина, како и на новите закани од Вашингтон кон Европејците. Неочекуваните најави на американскиот претседател Доналд Трамп за воведување увозни царини во вредност од единаесет милијарди долари за европските стоки заради порамнување на субвенциите за европскиот концерн Ербас, фрлија сенка и врз средбата на Ле Кечијанг и челниците на ЕУ во Брисел.
За двете страни се постави прашањето - кој стратешки интерес овде има приоритет: зачувување еден вид заедничко партнерство со оглед на притисокот од Вашингтон или инсистирање исклучиво на сопствените интереси. Сепак, ЕУ е најголемиот трговски партнер за Кина, а обратно, Пекинг е на второ место за ЕУ. Во оваа ситуација кинеската страна покажа дека не е пожелен спор истовремено со сите меѓународни партнери.
Кинеските гостински подароци
„Ова е навистина пробив. Првпат Кина се согласи да соработува во реформа на Светската трговска организација“, задоволно изјави шефот на преговарачкиот тим на ЕУ, Доналд Туск: реформа која за цел би имала јакнење на трговски систем базиран врз правила и врз рамноправен третман на партнерите.
Кинескиот премиер Ли Кечијанг во овој контекст изврши еден вид стратешки пресврт. Тој истакна дека „европските претпријатија треба да имаат рамноправен третман“. Обвинувањето за принуден технолошки трансфер одамна ги труе меѓусебните односи: западните фирми се присилувани да го предаваат своето технолошко знаење на кинеските џоинт-венчер партнери, кои потоа го искористуваат за на меѓународниот пазар да понудуваат копирани продукти по пониска цена. Кинескиот премиер вети формирање арбитражен механизам кој би се зафатил со тужбите на странските фирми во Кина.
Освен тоа, кинескиот премиер направи отстапки и во врска со дијалог околу државната помош за кинеските претпријатија со цел да се зајакнат меѓународните правила за одржување фер конкуренција.
Колку овие ветувања ќе имаат влијание во практика за европските фирми, мора допрва да се тестира. Кина не секогаш ги реализира своите најави, како последно во 2017 година, кога претседателот Ши Џинпинг на Светскиот економски форум во Давос даде оптимистичко ветување за отворање на пазарот, кое меѓутоа не беше спроведено.
Повеќе:
ЕУ го заострува тонот кон Кина
Стравот од Кина ја турка ЕУ кон единство
ЕУ сѐ позагрижена поради ангажманот на Кина на Балканот
Во оваа насока, премиерот Ли Кечијанг во Брисел потенцираше: „Ние мора да ги реализираме нашите ветувања“. Двете страни се заложија за јакнење на напорите за наоѓање решенија за низа клучни пречки.
Крај на наивноста на ЕУ
Во март ЕУ изврши темелна проверка на односите кон Пекинг и зазеде значително поостар став кон Кина. Во одделни области Кина е партнер, во други пак системски релевантен ривал и економски конкурент, констатираше ЕУ. Францускиот претседател Емануел Макрон по неодамнешната средба со кинескиот претседател Ши Џинпинг во Париз, зборуваше за „крај на наивноста“ во однос на Кина. Состанокот во Брисел беше прва заедничка средба по заострувањето на основните позиции.
На ЕУ ѝ е важна пореалистичка проценка на соработката со Кина и обид да се постигне крај на нееднаквиот третман. Од овој аспект, ЕУ го смета самитот со кинескиот премиер за прв успех, иако претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер по завршувањето предупреди дека партнерството е поважно од било кога досега, но „мора да се биде искрен еден кон друг“.