ЕУ построго ќе ги регулира штетните гасови од автомобилите
18 декември 2018Емисијата на јаглерод диоксид (ЦО2) од новите автомобили треба да се намали за 37,5 проценти до 2030 година, одлучи во понеделникот (17.12.) Европската Унија.
Ваквата одлука е резултат на постигнат компромис, откако Германија бараше намалување за 30 проценти, а ЕУ инсистираше на 40 отсто.
Актуелниот претседавач со ЕУ, Австрија, ја најави одлуката само два дена по завршувањето на Климатскиот самит во Катовице, Полска, каде оваа тема беше жешка точка на дискусии.
Издувните гасови на автомобилите придонесуваат за голем дел од штетните емисии кои предизвикуваат климатски промени.
ЕУ членките долго спореа околу одлуката за намалување на емисиите на ЦО2. Земјите автопроизводители како Германија но и други, како Холандија и Данска, имаа задршки за одлуката.
„Со овој закон, ги поставуваме вистинските цели и стимулации за ограничување на емисиите во транспортниот сектор“, изјави европскиот комесар за клима и енергија Мигел Ариас Канете.
„Тоа ќе ѝ помогне на нашата индустрија да усвои иновации во насока на мобилност со нулта-емисии и натамошно ќе го зајакне нејзиното глобално лидерство во производство на чисти возила“.
Автопроизводителите- незадоволни
Германските автопроизводители го критикуваа правилото, нарекувајќи го рестриктивно и нереалистично.„Законот бара премногу, а промовира премалку“, соопшти Германското здружение на автопроизводители.„Денес никој не знае како ќе бидат постигнати договорените ограничувања во тој временски рок“, велат оттаму додавајќи дека никаде во светот не постои толку строга регулатива.
Автопроизводителите сметаат дека потегот ќе го наруши статусот на Европа на меѓународниот пазар и ќе ги загрози работните места.
Целите за 2030 година ќе се однесуваат на севкупното производство на браншата, што значи дека моделите со високи емисии на гасови ќе мора да се надоместуваат со поголема продукција на возила со нула-емисии, како автомобили на батерии, на пример.
Како резултат на тоа, автопроизводителите ќе бидат пред предизвикот да продаваат далеку повеќе чисти возила, наспроти возилата со дизел или бензински мотори.