1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заев за самитот во Трст: Македонија е голем добитник

ЖА
12 јули 2017

Ќе има конкретна поддршка за изградба на инфраструктура, многу значајна за идните пред сè економски, но и севкупни перспективи на поврзувања на Македонија со регионот и Европа, изјави македонскиот премиер Зоран Заев.

https://p.dw.com/p/2gPlA
Mazedonien Anti-Regierungsproteste Zoran Zaev Oppositionsführer Statement
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

Македонскиот премиер Зоран Заев, кој учествува на Самитот ЕУ-Западен Балкан во Трст, изјави дека станува збор за навистина важен настан на кој се расправа за перспективите на целиот регион и на Европската унија, но и секако за регионалното поврзување.

„Јас сум многу среќен поради тоа што сите овие состаноци кои овде се одржуваат оставаат сериозен впечаток дека има одлична перспектива за Република Македонија и регионот на Западен Балкан. Пораките кои овде ги добиваме, а и оние што ние ги испраќаме, се дека ние ќе го поддржиме овој процес, ќе соработуваме за регионот да може да напредува, секако сам за себе, но и во перспективите кон ЕУ. Состаноците кои овде се одржуваат не само што ќе ја зголемат соработката, поврзувањето, транспортот, економијата помеѓу сите овие земји, туку верувам дека ќе испратат силен сигнал - фокусот на Европа да биде сè повеќе насочен кон овој регион, поддржувајќи го за навистина севкупните вредности на овој регион да се приближат кон вредностите кои Западна Европа ги познава. Само на тој начин ќе се забрзаат сите процеси за целосна интеграција на Македонија во ЕУ“,  изјави Заев.

На новинарско прашање дали може да каже некои конкретни точки од она што е договорено, македонскиот премиер одговори дека сè ќе биде објавено официјално, со конкретни цифри, но потенцира дека „Македонија е голем добитник од овој самит“.

Ќе има конкретна поддршка за изградба на инфраструктура, многу значајна за идните пред сè економски но и севкупни перспективи на поврзувања на Република Македонија со регионот и Европа“,  рече Заев.