Заканите на Иран се опасни
16 август 2017Политиката е полна со парадокси. Тоа на Средниот Исток е видливо повеќе од каде било на друго место во светот. Иранскиот претседател Хасан Рохани само што го стави под знак прашање најголемиот надворешнополитички успех во својот мандат. Притоа, треба да се биде свесен дека сигурно не е желба на Рохани да го откаже нуклеарниот договор од 2015 година. Неговата закана со напуштање на атомскиот договор во случај на нови американски санкции може да се толкува како повик за помош - да не се дозволи да се дојде до тоа.
Зашто, нуклеарниот договор има многу непријатели: во Вашпингтон, во Тел Авив, во Ријад, но и во Техеран. Иранските непријатели се мобилизираат. Парадоксално, но тоа го прават уште позасилено по победата на Рохани со голема предност на последните избори во мај. Конзервативниот естаблишмент во земјата, предводен од моќниот духовен водач Али Хамнеи, оттогаш прави сѐ за да му го скуси просторот за дејство на Рохани и да го торпедира отворањето кон Запад, што е желба на Рохани и на мнозинството од населението. Рохани во својот прв мандат инвестираше многу политички капитал во процесот на приближување кон Западот и во атомскиот договор. Сега е соочен со фактот дека некој на Иран не сака да му ја исплати дивидендата од атомскиот договор, и тоа владата во Вашингтон која е на курс на конфронтација со Техеран, која носи нови санкции, која отворено бара начини за пропаѓање на атомскиот договор и во рамките на која отворено се зборува за промена на режимот во Техеран.
Американските санкции влијаат врз европски фирми
Американската казнена политика води и до тоа европските фирми да се воздржуваат од ангажман во Иран. Тоа особено важи за банките и финансиските институти. Без нивна помош, меѓутоа, трговијата не може да земе замав, со оглед на тоа што финансирањето е проблематично. На крајот излегува дека европските фирми не се регулираат во Брисел, туку во Вашингтон, а интергацијата на Иран во светската економија останува на втор колосек.
Агресивната реторика на Вашингтон ги засилува „соколите“ во Техеран, а Рохани мора да одговори на тоа. Во неделата парламентот го зголеми буџетот за ракетна програма и за Револуционерните гарди. И, се разбира, и властодршците во Техеран гледаат во насока на Северна Кореја. Ким Јонг Ун се заканува со нуклеарен напад за да го одржи во живот својот режим. Колку е поголем надворешниот притисок, толку се поголеми неговите закани. Досега тоа му успева. Можеби и Техеран сега си посакува враќање на некоја од нуклеарните опции.
Нуклеарниот договор го направи светот посигурен
Притоа мора да се има на ум дека атомскиот договор функционира. Меѓународната агенција за атомска енергија во меѓувреме даде потврда на шест извештаи за придржување на Иран кон Заедничкиот план за акција, кој е поврзан со атомскиот договор. Иран е значително подалеку од атомско оружје отколку што беше пред три години. Светот стана посигурен. Но, од договорот не треба да се очекуваат работи за кои тој не е создаден - добро однесување на Иран во други политички сфери, како на пример по прашањата на Сирија, Ирак или Либан.
Дотолку е поважно Европејците да не се залагаат само за атомскиот договор, туку генерално да ги јакнат умерените сили во Иран. Како што тоа го сторија пред 10 дена, кога Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика, Федерика Могерини, одлета за Техеран специјално за инаугурацијата на Хасан Рохани.