1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Законот за СЈО како желботека!

Костадин Делимитов
15 мај 2019

Заев и Мицкоски се пазарат, Јанева не се дава. Преговорите за Законот за јавно обвинителство заглавија и прашање е кога ќе се одглават. Експерти критикуваат, бомби продолжуваат да се објавуваат!

https://p.dw.com/p/3IVeZ
Mazedonien Press Sonderstaatsanwaltschaft in Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Епилогот на претседателските избори не предизвика поместување во преговорите помеѓу власта и опозицијата поврзани за иднината на Специјалното јавно обвинителство. Преговорите се заглавени, позициите и натаму спротивставени. Крајот на мини одморот на премиерот Зоран Заев би требало да значи и продолжување на преговорите кои од досега кажаното се далеку од компромис. Пред сѐ поради ставовите на опозицијата, чиј список со барања е доста долг и во најголем дел неприфатлив за власта.

Јанева не се предава

Во очекување на нова средба на работните групи или можеби тет-а-тет средба на премиерот Зоран Заев и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, се огласи специјалната обвинителка Катица Јанева. Таа предупреди дека барањето на опозицијата за запирање на сите истраги отворени по 1 јуни 2017 е неприфатливо. Барањето на опозицијата за нејзина смена таа го нарече политичка изјава што не држи вода:

Mazedonien Anklage der Sonderstaatsanwältin Katica Janeva
Јанева: Додека можам да бидам специјален јавен обвинител ќе останам до крајФотографија: DW/P. Stojanovski

„Мене не може да ме сменат, затоа што во законот нема персонални решенија. Се знае што се пишува во закон, ако сме писмени во Македонија за да сфатиме дека тоа не се пишува во закон. Додека можам да бидам специјален јавен обвинител ќе останам до крај, не поради тоа што сакам, туку затоа што сметам дека заслужувам да бидам на чело на оваа институција, изјави Јанева.

Според актуелниот Закон за СЈО, мандатот на Јанева истекува во септември.  Доколку има реизбор таа најави дека повторно ќе конкурира за позицијата специјален обвинител.

Законот мора да се донесе

Фактот дека преговорите помеѓу власта и опозицијата се во ќорсокак, а роковите за носење на законот за јавно обвинителство постојано се поместуваат за дел од експертите е загрижувачки:

„Законот апсолутно мора да се донесе. Ако ништо друго, еве го септември, ако не се донесе немаме обвинител. Особено што тој закон го предвидува специјалниот обвинител и нејзините извршители кои работат под нејзин мандат. Не е никаква тајна дека ова се користи како голем дил. Секој гледа како ќе се позиционира во новата констелација, дали ќе има поповолна позиција, бидејќи знаеме за кои предмети станува збор, а и ВМРО-ДПМНЕ сигурно ќе бара концесии. Тоа ни се случува постојано, секогаш сѐ е врзано со концесии. Секој што треба да даде согласност за нешто не размислува принципиелно и конзистентно, туку велат - ќе потпишам, ќе ги дадам гласовите, ама треба да извадам корист од тоа", реагира Драган Малиновски, адвокат и поранешен антикорупционер.

Dragan Malinovski Anwalt in Mazedonien
Малиновски: Малку како желботека станува целиот проект на усогласување и мислам дека сме заложници дури и на персонални амбицииФотографија: DW/K. Blazevska

Преговорите заложници на персонални интереси

Она што боде очи во целиот процес се условувањата, но и спротивставените позиции околу постапките пред и по истекот на 18-те месеци од формирањето на Специјалното јавно обвинителство: 

„Наспроти битката за стартни позиции на партиите поврзани со законот, се плашам дека некои работи се персонализираат. Сака Катица Јанева да биде, сака овој, сака оној. Малку како желботека станува целиот проект на усогласување и мислам дека сме заложници дури и на персонални амбиции. Не гледаме да воспоставиме еден конзистентен систем кој ќе функционира без разлика кој е на чело и како. Кога се дрзнува во овој закон да се наведува дали бомбите може да бидат доказ или не, тоа е инвалидизирање на самиот закон. Не може закон за јавно обвинителство, кој ја регулира организацијата на јавното обвинителство, да дефинира што претставува доказ, а што не. Тоа го регулира законот за кривична постапка. Така да инсталирањето одредби, макар и преодни, од аспект на бомбите дали ќе важат или не и до кога, ги надминува рамките на тој закон. Неприродно е во тој закон тоа да се регулира", коментира Малиновски.

Во делот на периодот за постапување на Специјалното јавно обвинителство, тој вели дека се прифатливи креативност и политички пазар, ама само додека се носи законот:

„На донесен закон не може некој да убедува дека ете и по 18 месеци можеме да работиме додека сакаме. Законот е тој и може да се дебатира додека се донесе и треба да се применува како што е напишано. Тоа е мојот став, ако гледаме легалистички, а не со политика. Требало да мислат кога го носеле законот какви се роковите и што ќе се предизвика кога ќе помине рокот од 18 месеци", смета Малиновски.

Повеќе:

СЈО ни на небо, ни на земја

Невладините бараат да се слушне нивниот глас за СЈО

Одекна нова бомба"

Mazedonien Press Sonderstaatsanwaltschaft in Skopje
Опозицијата бара одговорност за покренатите истраги и обвиненија по 30 јуни 2017 и инсистираат СЈО да не функционира како посебно одделение во Јавното обвинителствоФотографија: DW/P. StojanovskiDW/P. Stojanovski

И додека политиката преговара, но никако да се договори за судбината на „бомбите", во јавноста тие продолжуваат да одекнуваат иако од 2015. тоа е противзаконски. Како последно вчеравечер, на руската социјална мрежа „ВКонтакте“ корисникот со псевдонимот „Илија Громовник“ објави нов прислушуван разговор, во кој тврди дека се слуша гласот на актуелен пратеник од власта. На профилот стои дека моменталната локација му е Будимпешта и најавува дека ова е прва од новиот сет „бомби“. Претходно, корисник со истиот псевдоним објави уште четири други телефонски разговори.

Власта не прифаќа условувања

Од досегашните преговори кои ги водеа работните групи, како клучна пречка се појавува членот 105, кој се однесува на продолжувањето на постапките на СЈО и користењето на доказите што се собрани досега. Од Министерството за правда веќе соопштија дека доближување на ставовите е неможно со барања за затворање на сите постапки по првите 18 месеци и уништување на сите материјални докази собрани во нив. Тоа, велат, значи скриена амнестија и е против правната држава и интересите на граѓаните.

ВМРО-ДПМНЕ пак не отстапува од барањето за мандатот на СЈО кој е дефиниран во законот. Опозицијата бара одговорност за покренатите истраги и обвиненија по 30 јуни 2017 и инсистираат СЈО да не функционира како посебно одделение во Јавното обвинителство, туку во рамки на одделот за организиран криминал. Дополнително, бараат јавниот обвинител да се бира на предлог на опозицијата. За усвојување на законот за Јавно обвинителство е неопходно двотретинско мнозинство во Собранието.