Западен Балкан: Еколошко новинарство против национализмот
17 декември 2019Од Сараево во Босна до Приштина во Косово има околу 262 километри воздушна линија. Со автомобил мора да се минат 428 километри низ Црна Гора, за кои, заради двете граници и не толку добрите патишта, ви се потребни седум часа. Младиот босански новинар Азем Куртиќ за патот од главниот град на БиХ до Приштина мораше да испланира 20 часа. Причината за тоа се визните регулативи меѓу двете земји: „Морав прво да одам во Скопје во Северна Македонија и да побарам виза, бидејќи нема претставништво на Косово во Босна“, објаснува Куртиќ. Сѐ додека не добил печат во пасошот било неизвесно дали воопшто ќе му се дозволи да влезе во Косово.
Тој во Косово оди на покана на Дојче Веле за завршната средба на третиот „Балкан Бустер“ (#dw_BalkanBooster) проект за млади новинари од Западен Балкан и Југоисточна Европа во чии рамки би- или тринационалните тимови снимаат видео репортажи само со помош на мобилен телефон. Целта на проектот е да ги вмрежи младите новинари од Балканот и да даде ново гледиште на темите кои се важни за целиот регион. Животот во земјите од екс-Југославија до денес се бележани од национализам. Одисејата на Куртиќ со визата е само еден пример за пречките со кои овие луѓе се соочуваат во секојдневието.
Темите за животната средина не познаваат граници
Такви проблеми природата не познава. Ветерот, реките и почвата: таму каде што национализмот ги дели земјите од Западен Балкан животната средина без проблем ги поврзува. Тоа го сфатија и младите новинари од регионот. Во третиот „Балкан Бустер“ на Дојче веле природата им беше пример и со мобилниот телефон в рака тргнаа да истражуваат во соседството. На пример, Теодора Ќурчиќ од Србија и Албан Хоџа од Косово. Тие се занимаваа со загадувањето на воздухот од електрани во двете земји.
Повеќе:
#dw_BalkanBooster на Преспанското Езеро: Различни земји, исти проблеми
За двајцата млади новинари тоа беше искуство кое влијае не само професионално, туку и на лична основа: „Соработката беше многу позитивна. Меѓусебно си помагавме со преводите и така можевме да разбереме кои се всушност проблемите што ги мачат луѓето во другата држава”, објаснува Албан Хоџа. Искуството слично го сумира и неговата партнерка од тандемот: „Тоа што истата тема ја третиравме на две различни места покажува дека сме соочени со истите предизвици, иако нашите политичари се натпреваруваат едни со други и се прават многу важни. Албан и јас заедно известувавме од две електрани. Сепак, сето беше тесно поврзано едно со друго.”
За Аделхајд Фајлке, уредник на програмата за Европа во Дојче веле, е јасно дека сите страни профитираат од „Балкан Бустер“ и дека решенијата може да се најдат единствено на меѓучовечка основа. „Веројатно на Балканот засега нема некој пострашен, нерешен конфликт како оној меѓу Косовците и Србите. Секоја форма на средби меѓу луѓето и воспоставување директни контакти покажува дека имаат исти проблеми и дека се исправени пред заеднички предизвици. И само тоа ги води напред. Токму затоа мора да ги поврзуваме, особено младите луѓе. Од енормно значење е во региони со државни и етнички конфликти да се формираат тимови за да се покаже дека се може и поинаку. Можеме и сосема нормално да се однесуваме едни со други."
Медиумите се често под контрола
Во медиумите во регионот речиси и да нема приближување или соработка. Недостасува и независно известување за теми кои излегуват од домашни рамки. Заедничките предизвици се очигледни. Економска изолација, масовно иселување, па дури и загадување на животната средина. Листата на проблеми е долга. Хендрик Зитих од фондацијата „Конрад Аденауер“ во Бугарија е свесен за проблемите на медиумите. Повеќе од една година ги анализираше јавните сервиси во Југоисточна Европа. Резултатот гласи: луѓето во регионот точно знаат зошто не им веруваат на своите медиуми.
Зитих во интервју за ДВ вели дека тоа пред се должи на два фактора: „Од една страна надзорните одбори, односно Советот на јавниот сервис. Членовите се избираат од парламентот или други државни институции. Тоа секако создава зависност. Тие совети всушност би требало да го отсликуваат општеството и да бидат слободни во носењето одлуки, како на пример изборот на генералниот директор. Покрај тоа, најголемиот дел јавни сервиси се или целосно, или делумно финансирани односно субвенционирани од државниот буџет. Често финансирањето е недоволно и не постои ни перспективна финансиска стратегија врз основа на која сервисот би можел да прави долгорочни планови."
Мрежа за иднината
Ситуацијата за младите новинари е често фрустрирачка. Ретко има буџет за нови формати, а мал е интересот за реално и критичко известување. Прекугранична соработка во медиумите на Балканот сѐ уште е само исклучок. Проектот „Балкан Бустер“ на Дојче веле сака на младите новинари да има даде шанса да разменат искуства и да ги применат онаму каде што луѓето се чустуваат изневерени од политиката.
За Аделхајд Фајлке еколошките теми не се само нешто што ги поврзува младите, туку се дел од целокупната проблематика. „Работите се поврзани. Ако се игнорира животната средина и не се известува за вакви теми во медумите, тогаш нема да се случи ниту промена во политиката. Бидејќи политиката во најмала рака е заглавена во партиско-политичкиот дискурс и нема извештаи за социјалните или еколошките теми. Тоа значи дека притисокот мора да дојде од населението. И ако млади новинари сериозно ја сфатат оваа тема и објавуваат написи, тогаш и политиката ќе мора да реагира на тоа“, вели Фајлке.
Вмрежувањето на младите луѓе притоа е од клучно значење. Поединци може да бидат држени настрана. Но, во време на дигитално поврзување и прекугранична соработка, сепак нагонот на младите новинари не може да биде задржан на долг рок.
„Сигурна сум дека мрежата која ја изградивме на секој учесник поеднечно му даде нов стимул да продолжат да известуваат на тема екологија. Се надеваме дека ефектот од овој проект ќе биде зголемен број медиумски извештаи на тема екологија во домашните медиуми на овие млади луѓе“, вели Фајлке.