1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Запира производството на „бубачката“

ЕМФ / дпа
14 септември 2018

Фолксваген наредното лето ќе запре со производство на популарната „бубачка“. Планови за сличен модел-наследник засега нема.

https://p.dw.com/p/34qcZ
USA Volkswagen Bettle Dune
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/C. Carlson

Големи џипови и просторни семејни кочии наместо култните џуџиња на тркала: Фолксваген во летото 2019 година ќе запре со производство на последниот модел на „бубачката“, т.н. „Beetle“. Американската секција на автомобилскиот концерн соопшти дека засега не се планира некаков модел-наследник. Меѓутоа, пред и последната „бубачка“ да излезе од производната лента во фабриката во Пуебла, Мексико, се планираат две специјални едиции на автомобилот.

Концернот, со цел да се прилагоди на барањата на купувачите, во иднина акцентот ќе го стави на т.н. СУВ-возила, кои се сѐ попопуларни и во Германија. Освен тоа, Фолксваген во САД ќе се концентрира повеќе и на модели за целото семејство, а ќе се пробива и на пазарот на електромобили.

Повеќе: 80 години Фолксваген-„Бубачка“

Во вакви околности, се чини дека „бубачката“ не се вклопува. Минатата година беа произведени само 15.166 автомобили. Сепак, „губњето на 'Beetle' по три генерации и осум децении, ќе предизвика силни емоции меѓу верните фанови на 'бубачката'“, изјави шефот на Фолксваген за Северна Америка, Хинрих Вебкен.

Класичната „бубачка“ беше произведувана до 2003 година. Последниот автомобил од тој тип е изложен во Волфсбург. Од 1998 година почна производството на новата „бубачка“ (New Beetle), која се произведуваше до 2010 година, а од 2011 година беше заменета од „Beetle“.