Зеленски поставува услови за разговор со Путин
25 мај 2022Доколку Путин ја сфаќа реалноста, постои можност за наоѓање дипломатски излез од конфликтот, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска во обраќањето пред Светскиот економски форум во Давос. Прв чекор од условите за преговори би било повлекување на руските трупи на позициите од пред почетокот на инвазијата врз Украина на 24 февруари, истакна Зеленски.
Русија, според зборовите на рускиот заменик министер за надворешни работи, Андреј Руденко, пренесени од новинската агенција Интерфакс, е спремна за воспоставување хуманитарен коридор за испловување на товарните бродови со жито од Украина. Тоа меѓутоа го условува со укинување на дел од санкциите воведени против Москва: „Отсекогаш тврдевме дека решението на проблемот со прехранбени продукти мора да содржи сѐопфатен пристап, а тука спаѓа укинување на санкциите воведени против руската извозна економија и финансиските трансакции“.
Освен тоа, Ураина мора да ги исчисти од мини пристаништата во кои моментно се вкотвени бродовите, изјавил Руденко.
Двете завојувани страни меѓусебно си ја префрлаат вината за поставување морски мини во водите на Црното Море. Пристаништето на речиси уништениот град Мариупол на Азовско Море, според руски тврдења, повторно е во функција. Претходно претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен ја обвини Русија за злоупотреба на храната како оружје со далекусежни глобални ефекти.
Цените на храната ширум светот се во нагол пораст во последно време, со оглед на тоа што Украина и Русија важат за „светски житници“, а Украина покрај тоа е најголем извозник на сончогледово масло во светот. Руската поморска блокада е причината поради која бродовите засега не можат да ги напуштат пристаништата на Црното Море, заглавени се преку 20 милиони тони жито.
Почеток на офанзива врз Северодоњецк
Во источниот дел од Украина Русија во меѓувреме ги интензивира своите напади, претседателската служба во Киев соопштува за почеток на руска воена офанзива во регионот на Северодоњецк. Градот се наоѓа под непрекинат артилериски оган, притоа загинале шест луѓе, а најмалку осум се ранети, најголем дел од нив во близина на бункери, информираше гувернерот на регионот Луганск, Серхиј Гајдај. Наводите досега не се независно верификувани.
Градот Северодоњецк на источниот брег на реката Северен Доњец и неговиот град-близнак на западниот речен брег, Лисичанск, се посебно во фокусот на руската војска, која напредува од три страни и се обидува да ги опколи. Пред војната двата града заедно имаа околу 200.000 жители.