1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

По три месеци, Русија останува заглавена во Украина

БГ /АП
24 мај 2022

Руската инвазија во Украина влезе во третиот месец, а Москва се чини заглавена во долготрајна војна, на која не и се гледа крајот, ниту евентуалниот успех на бојното поле.

https://p.dw.com/p/4Bnmc
Ukraine Krieg, zerstörter russischer Panzer in Zalissia nahe Kiew
Фотографија: Zohra Bensemra/REUTERS

Кога Русија ја започна инвазијата врз Украина на 24 февруари, се надеваше дека ќе ја запоседне земјата со брза војна за неколку денови или недели. Многу западни аналитичари го очекуваа истото.

Но, конфликтот во вторникот (24.05.2022) влезе во третиот месец, а Москва се чини заглавена во долготрајна војна, на која не и се гледа крајот, ниту евентуалниот успех на бојното поле. 

Кусо по првиот месец од војната, Русија практично призна дека нејзиниот блицкриг пропаднал, ги повлече трупите од околината на Киев и прогласи дека целта и е источниот индустриски регион Донбас, каде про-руските сепаратисти се борат со украинските сили од 2014 година. 

За волја на вистината, Русија освои значителна територија околу полуостровот Крим, кој Москва го анектираше пред 8 години. Успеа и да ја отсече Украина од Азовското море, откако конечно ја презеде контролата врз клучното пристаниште Мариупол.

Но и офанзивата на истокот се чини заглавена, додека западно оружје пристигнува во помош на послабата украинска армија. 

Промена на целите 

Секој ден, руската артилерија и воени авиони немилосрдно ги бомбардираат украинските позиции во Донбас, обидувајќи се да ја пробијат одбраната изградена за време на сепаратистичкиот конфликт. 

Но постигна само незначителен напредок, кој јасно го одразува силниот украински отпор и недоволниот број руски трупи на боиштето. Во една неодамнешна епизода, Русија загуби стотици трупи и десетици воени возила обидувајќи се да премине река со понтонски мост.

„Русите сѐ се уште многу далеку од онаму каде што сакаа да бидат кога ја започнаа новата офанзива на истокот на земјата“, изјави портпаролот на Пентагон, Џон Кирби, опишувајќи ги борбите во Донбас како многу променливи со постојана промена на контролата врз малите места и села во регионот. 

Ukraine-Krieg | Gefechte im Donbass
Припадник на украинската територијална одбрана во ДонбасФотографија: Alex Chan Tsz Yuk/SOPA Images/ZUMA Press/picture alliance

Се чини дека Кремљ се уште се надева дека ќе успее да ја исполни амбициозната цел за отсекување на Украина од брегот на Црното море сѐ до границата со Романија. Чекор што ќе и овозможи на Москва да создаде копнен коридор до молдавскиот сепаратистички регион Транснистрија, каде се стационирани руски трупи. Но, се чини дека Москва е свесна оти оваа цел не е остварлива во моментов поради ограничениот број трупи кои ги поседува.

„Мислам дека се повеќе сфаќаат дека нема да можат да остварат сѐ, и секако не одеднаш“, вели Џастин Крамп, поранешен британски тенковски командант и воен аналитичар. 

Стратешки ќорсокак 

Од друга страна, Украина и натаму добива стабилен прилив на западни орудија, вклучително и американска артилерија и дронови, тенкови од Полска и друго тешко оружје кое веднаш се испраќа во битка. 

„Планот на Украина е едноставен и очигледен- колку што е можно повеќе да се уморат руските трупи во следните месеци, да се добие на време за да испорака на западно оружје и обука, и потоа да се започне контра-офанзива на југо-истокот“, вели Микола Сунхуровски, воен експерт во киевскиот тинк-тенк Разумков Центар. 

Тешко оружје за Украина: Кои земји и што испорачуваат?

Ќорсокакот на истокот на Украина ги разбесни националистите во Русија, кои предупредуваат дека Москва не може да победи доколку не нареди масовна мобилизација и да ги концентрира сите ресурси на одлучен напад. Игор Стрелков, поранешен разузнавач кој ги предводеше сепаратистите во Донбас во 2014 година, ја критикува неодлучноста на Кремљ, и предупреди дека тоа води кон пораз. 

EU I Militär-Hilfe für die Ukraine
Германија одлучи да и испрати на Украина модерно оружје. фото: тенковска хаубица 2000 на германската армија. Фотографија: Sven Eckelkamp/IMAGO

„На Русија и се продлабочува стратешкиот ќорсокак“, вели тој. 

Украинските власти, од друга страна, се охрабрени од бавниот тек на руската офанзива и растечката поддршка од Западот. 

Амбициозни цели 

За разлика од претседателот Володимир Зеленски кој минатата недела оцени дека враќањето на руските трупи на позициите пред инвазијата би било рамно на победа, некои од неговите соработници се далеку поамбициозни. 

Советникот Михајло Подољак вели дека Украина не е заинтересирана за прекин на огнот „сѐ додека Русија целосно не ги ослободи окупираните територии“.

Русија, пак, се чини се обидува да ја истошти Украина со прецизни напади врз резервите на гориво и инфраструктурата, додека полека напредува на истокот. Кремљ можеби се надева дека и интересот на Западот за војната ќе опадне поради економските и другите проблеми кои им ги предизвикува. 

„Нивната последна надеж е дека ние целосно ќе го загубиме интересот за војната во Украина до летото“, вели Крамп. „Тие сметаат дека западната јавност ќе го загуби интересот исто како и за Авганистан минатата година. Русија мисли дека времето работи за неа“. 

Страотните видеа од Мариупол на украинска болничарка

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема