1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Зимско сметање на времето: враќање во нормала?

БГ /АФП
26 октомври 2021

Во ноќта на 31 октомври ќе ги вратиме стрелките на часовниците за еден час назад. На многумина им е преку глава од оваа промена и бараат крај на праксата. Но таа останува

https://p.dw.com/p/42BLj
Umstellung auf Sommerzeit
Фотографија: picture-alliance/APA/picturedesk/H. Pfarrhofer

Тоа што неделата на 31 октомври ќе биде еден час подолга не пречи никому. Со промената на времето се добива повеќе дневна светлина во утрата, но и порано стемнување во попладневните часови. Но анкетите покажуваат дека промената во летно сметање на времето напролет и во нормалното, или зимско, сметање наесен не е омилено кај луѓето. Истражување на германската здравствена осигурителна куќа ДАК покажува дека дури 72 отсто од испитаниците се против промената на времето.

Речиси една четвртина од испитаниците, 24 отсто, некогаш почуствувале здравствени или психички проблеми поради промената. Дури 85 проценти од нив се чувствувале уморни или истоштени, 70 проценти имале проблеми со сонот, и речиси секој втор имал проблем со концентрацијата.

Колку се штеди? 

Критичарите на промената на времето велат дека покрај здравствените последици, тоа не ја исполнува ниту основната цел. Имено, промената на времето во летно сметање треба да донесе заштеда на енергија во потоплите месеци. Убедувањето е дека поместувањето на стрелките за еден час напред ќе ја намали потрошувачката за осветлување. Но, според експертите, ефектите се незабележливи. 

Symbolbild I Schlafen
Промената на времето кај некои луѓе предизвикува проблеми со спиењетоФотографија: Christin Klose/dpa/picture alliance

Проблемот на ЕУ 

На оваа тема во ЕУ се дискутира уште од 2018 година: една анкета спроведена таа година покажуваше дека дури 84 отсто од испитаниците се против промената на времето. Бројката во Германија беше уште повисока. Иако имаше најави, ЕУ во меѓувреме не го смени правилото, затоа што недостасува консензус меѓу земјите членки. Меѓу 27-те земји членки нема согласност околу тоа како да се спроведе промената. Но, во текот на дебатата се искристализира фактот дека некои членки- како Португалија- во суштина се против ставање крај на поместувањето на стрелките на часовникот.

Што вели науката

Германското здружение за истражување на спиењето предлага задржување на нормалното, односно зимското сметање на времето. Дневната светлина и особено сончевите зраци се „главните тајмери“ на внатрешниот часовник на човекот и многу важни за ритамот на будење и спиење. Според експертите, токму зимското сметање на времето тоа најдобро го обезбедува.

Со поместувањето кон летно сметање се заканува недостаток на сон, што води кон недостаток на концентрација и намалена продуктивност, како и до повеќе несреќи. И германското здружение на учители предупредува дека летното сметање на времето води кон здравствени проблеми за учениците.