Австрија опстојува на воената „неутралност“
28 мај 2022За австрискиот канцелар, Карл Нехамер, работата е јасна: „Австрија беше неутрална, Австрија е неутрална и Австрија ќе остане неутрална“. Тоа беше непосредно пред Нехамер во Москва да апелира до Путин за прекин на војната во Украина- без резултат. Неуспешно исто како како обидот на канцеларот да ја потисне настрана дискусијата во земјата за неутралноста на Австрија. Таа едноставно продолжува да тлее.
Отвореното писмо до австрискиот претседател од 50 истакнати Австријци - научници, дипломати, автори, поранешни политичари, сега пламна низ политичкиот пејзаж. Тие го повикаа претседателот на Австрија, Александeр фан дер Белен, да побара независни експерти да испитаат дали „неутралноста“ на Австрија е сè уште оправдана. Причина: Руската агресивна војна против Украина е последниот предупредувачки повик до слободниот свет, на кој припаѓа и Австрија.
Армијата дополнително да се опреми
Волтер Фајхтингер, поранешен генерал на вооружените сили, а сега експерт за безбедност, го потпиша писмото. „Неутралноста мора да се ослободи од митот. Затоа што, автоматски, кога ќе слушнеме 'неутралност', сме сигурни - не треба многу да трошиме. Така е во последните неколку децении.“ А сега на тоа треба да му дојде крајот. Министерката за одбрана во владата на Нехамер, Клаудија Танер, сега сака брзо да ги пренамени парите. Таа сака да потроши дополнителни десет милијарди евра за вооружување и доопремување на австриските вооружени сили. Со работен наслов: „Пакет за неутралност“. Дополнително, Австрија сака барем да се приближи до воените трошоци кои инаку се очекуваат од членките на НАТО. Пожелни се два отсто од Бруто домашниот производ, Австрија има намера да постигне 1,5 насто во наредните години.
75 проценти од населението за неутрален статус
Но, тоа не треба да промени ништо во „воениот“ неутрален статус, изјави министерката. Пораката до Австријците гласи: „Знаеме каков е пристапот на Австријците кон неутралноста - многу повеќе од она што е утврдено во Уставот, таа лежи во срцата на Австријците!“ Недамнешните истражувања го потврдуваат тоа. На почетокот на мај, три четвртини од анкетираните Австријци и натаму беа против приклучување на нивната земја кон НАТО. „Треба да останеме неутрални. Треба да останеме настрана од тоа“, вели една жена на 50-годишна возраст. Еден млад човек се согласува: „Јас сум за одржување на неутралноста и за неприклучување кон НАТО.“
Повеќе: Зошто Ердоган се заканува со вето на приемот на Шведска и на Финска во НАТО?
И партијата на Зелените, која владее во коалиција со австриската Народна партија не го сака тоа, а и опозицијата во австрискиот парламент исто така. Да се остане „неутрален“ значи Австрија да може да продолжи да дава важен придонес, како домаќин на разговорите за решавање конфликти, гласи на пример ставот на опозициските Социјалдемократи на оваа тема.
Но само „воено“ неутрална
А канцеларот Нехамер сака да стави до знаење во овој контекст дека се станува збор за „воена“ неутралност. Инаку Австрија не е таква, воопшто не е неутрална, кога се во прашање вредностите на Европската заедница, само како пример: „Австриската неутралност секогаш била солидарна, солидарна во Европската унија, солидарна со Обединетите нации. , солидарна со ОБСЕ“.
Повеќе: Нови предизвици за НАТО: Финска и Шведска се поблиску до членство
Сепак, 50-те потписници на писмото дијагностицираат дека неутралноста на Австрија е само издигната до статус на „наводно недопирлив мит“. Некои зборуваат и за „животна лага“ на Републиката. Тогаш, во 1955 година, беше важно да се обезбеди независност и неделивост на Австрија по годините на окупација по Втората светска војна. Австрија веројатно можеше и поинаку да се позицинира. И тоа не дури денес.
Дискусија уште пред 20 години
Еден политичар кој носеше одговорност како Нехамер претпочиташе да ја иницира дискусијата. Тој ја спореди „неутралноста“ на Австрија со чоколадни „Моцарт кугли“ и „Липицанери“ - може да ви се допадне, не мора: „Старите шаблони, без разлика дали станува збор за Моцарт кугли, Липицанери или неутралноста, веќе не важат во сложената реалност на раниот 21 век“. Ова беа зборовите на Волфганг Шисел, исто така од Австриската народна партија, а потоа и канцелар - многу долго пред Нехамер: тоа беше во 2001 година, пред повеќе од 20 години. Значи: не се назира крајот на дискусијата во Австрија за „митот“ за неутралноста.