1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

И по вонредната состојба- вонредна состојба

Кено Верзек
18 јуни 2020

Виктор Орбан ја укина „неограничената вонредна состојба” а со тоа се откажа од правото да владее со декрети. Критичари сметаат дека тоа е само маневар и укажуваат на новиот закон кој на премиерот му ги дава истите права.

https://p.dw.com/p/3dyXn
Ungarn Ministerpräsident Viktor Orban
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/T. Kovacs

Кога унгарскиот премиер Виктор Орбан кон крајот на март заради корона-кризата воведе временски неограничена вонредна состојба реакцијата на меѓународната заедница беше недвосмислена. Затоа што таа „посебна вонредна состојба” на Орбан му овозможуваше да владее со декрети, односно без контрола од владата и парламентот. Унгарија, тоа така многумина го доживеаа, беше претворена во диктатура.

Извинување за клевета

По неполни два месеци унгарскиот премиер и неговата влада, неочекувано за критичарите, објавија дека „временски неограничената” вонредна состојба ќе биде укината кон крајот на јуни. Истовремено се нагласува дека се очекува сите оние кои неосновано ја нападнале Унгарија со „неосновани политички обвинувања” да се извинат јавно за клеветата. Како што се соопштува, Унгарија во ниту еден случај не станала диктатура, туку вонредната состојба била воведена со цел борба против пандемијата на корина-вирусот. И тоа успешна борба и затоасе укинува вонредната состојба. 

Corona-Lockerungen in Europa Ungarn
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/Z. Balogh

Тоа унгарскиот парламент го стори во вторникот (16.6.) – специјалната вонредна состојба е окончана. Одлуката веројатно ќе стапи на сила в четврток (18.6).

Повеќе:

-Тајното преуредување на Унгарија во корона-кризата

-Кој е поефикасен во борбата против коронавирусот - автократиите или демократиите?

-Страв од „Ковид-диктатура“ во Европа

Се очекуваше дека Орбан ќе ја држи вонредната состојба најрано до есеноска или до крајот на годината зада може и натаму да владее со земјата по свое. Сега унгарскиот премиер на критичарите во странство и дома им ја трие под нос одлуката на парламентот: „Сите оние овде и во странство кои вриштеа ‘диктатура’ сега може јавно да се извинат”, порача Орбан преку Фејсбук.

Орбановата мачка во вреќа

Во реалноста укинувањето на вонреднатасостојба е мачка во вреќа. Имено, истовремено со укинувањето на вонредната состојба унгарскиот парламент изгласа нов закон за нов вид вонредна состојба - „медицинска состојба на опасност”. Тој на премиерот му дава повторно право да владее со декрети и тоасо уште помалку можности за контрола отколку што беше случај до сега.

Досегашната вонредна состојба ако ништо друго, на крајот на март мораше да ја потврди парламентот. Дури потоа Орбан доби право да владее неограничено. Според новиот нацрт, медицинска состојба на опасност или вонредна состојба може да прогласи и главниот лекар во Јавно здравје, без консултации со парламентот.

Медицинската вонредна состојба во тој случај автоматски трае шест месеци, но владата во секој момент може да ја продолжи. За тоа време таа може да носи декрети кои не се во склад со постоечките закони, а единственото тело пред кое одговара е парламентарниот Одбор за здравство.

Аларм за тревога

Најважните унгарски организации за заштита на човековите права веќе алармираат. „Укинувањето на актуелната вонредна состојба е чиста оптичка измама”, се наведува во заедничката изјава на Хелсиншкиот комитет за човекови права, Друштвото за слободи и права и Амнести интернешнл за Унгарија.

„Ако биде прифатен нацрт законот во сегашната форма владата може повторно неограничено да владее со декрети, овој пат и без минимална контрола во склад со Уставот”, се предупредува во заедничката изјава. 

Новиот закон за цел ја поставува борбата со епидемијата, а исто така на владата ù се наложува правилото на „умереност” во носење на декретите, но последните месеци покажаа дека не се придржуваше ни до едното, ни до другото. Од крајот на март Орбан издаде преку 200 декрети. На тоа треба да се додаде и речиси иста количина одредби од различни министерства, што сѐ заедно прави прилично непрегледна количина законски мерки. Многу од нив не служат на борбата против епидемијата, туку на сосем различни политички и економски цели. 

Укината парламентарната контрола

Претприемачите од кругот на премиерот во тој период добија лукративни владини налози. Протокот на информации за медиумите е ограничен во голема мера, а заштитата на податоците изгуби на значење. На локалните власти им се одземени даночните приходи и останатите можности за полнење на касите што пред сѐ се однесува на градовите и општините каде владее опозицијата. Против опозицијата е насочена и мерката намалување на средствата за финансирање на партиите бидејќи кампања финансирана од даноци во Унгарија води само Орбановата влада, а не неговата партија Фидеш.

Мате Сабо, правен експерт при невладината организација Друштво за права и слободи, за ДВ вели дека се работи за “недвосмислена злоупотреба на законот за вонредна состојба. Врз основа на тој закон донесени се многу декрети кои во земја со функционални контролни механизми не би биле возможни”, вели Сабо.

Нацрт законот за медицинска вонредна состојба се чини уште полош. “Ако се донесе тој закон, парламентарната контрола веќе нема да биде потребна. Таа нема ни да постои.”