ИД под сѐ поголем притисок во Мосул
7 ноември 2016Ирачките сили ја преземале контролата врз градот Хамам ал-Алил, клучна цел на јужниот фронт во офанзивата за ослободување на Мосул од рацете на терористичката милиција Исламска Држава. Федералната полиција, армијата и елитните единици на Министерството за внатрешни работи воспоставиле целосна контрола врз Хамам ал-Алил, последен поголем и значаен град на патот кон Мосул од југ, јавија светските новински агенции.
Тој се наоѓа на брегот на реката Тигар, на околу 15 километри одалеченост од Мосул. Ирачките сили веќе влегоа во Мосул од исток и денеска се придвижуваат сѐ поблиску до периферијата на градот од север, но од јужната страна имаат да поминат уште определено растојание.
Освојувањето на Хамам ал-Алил им го отвора патот на ирачките сили да напредуваат кон север и да се придвижат до јужните предградија на Мосул. На јужниот пристап кон Мосул се наоѓа и меѓународниот аеродром на градот.
Курдските борци Пешмерга пак започнаа офанзива за освојување на последното позначајно упориште на ИД на североистокот од Мосул. Курдските единици го нападнале местото Башика и наишле на жесток отпор од страна на џихадистите, кои во борбите вклучиле и бомбаши-самоубијци. Според наводите на курдските борци во местото се забарикадирани уште 50 екстремисти. Башика се наоѓа на 20 киломатри од Мосул и местото беше опколено од Пешмерга уште пред две недели. Освојувањето на Башика е една од последните етапи за курдските единици кои најавија дека нема директно да се вклучат во борбите во Мосул.
Ирачката армија, курдските Пешмерга борци и локалните милиции ја започнаа големата копнена офанзива за освојување на Мосул, кој повеќе од две години се наоѓа во рацете на Исламска држава.