Битката за Мосул ќе биде жестока, долга и скапа
24 октомври 2016Беа потребни две години тренинг за деморализираната армија, потпомогната со воздушна поддршка и специјалци од најсилната земја во светот, за Ирак да започне офанзива за освојување на Мосул од Исламската држава.
Една недела по почетокот на офанзивата, многумина од инволвираните велат дека битката за градот ќе биде долга и тешка. Но, тие успеаја да ја идентификуваат и слабата точка во оклопот на џихадистите.
Доколку локалните борци во Мосул бидат убедени да ѝ ја откажат поддршката на Исламската држава, има шанса битката да заврши побрзо, и тоа може да има големи импликации за иднината на Ирак. Некои ривалски команданти веруваат дека успешниот обид да се придобијат локалните борци би значело дека битката ќе трае со недели, наместо со месеци.
Мосул, вториот најголем град во Ирак, е местото каде лидерот на ИД Абу Бакр ал-Багдади го прогласи сунитскиот калифат во 2014 година, откако коалицијата на радикалните муслимани и искусните офицери од распуштената армија на Садам Хусеин за неколку дена уништи пет дивизии на ирачката армија.
Не само од исходот на битката, туку и политичката чувствителност со која ќе се води битката може да ја одреди иднината на Исламската држава и на сунитскиот екстремизам, како и изгледот на овој дел од Блискиот исток, кој е потресен од секташко насилство.
Миниран град
Борците на Исламската држава, проценети на меѓу 4 и 8 илјади, го преплавија градот со експлозиви, ги минираа патиштата, ги опкружија нафтените полиња со мрежи кои можат да ги запалат во секое време, ископаа тунели и ровови, и покажаа подготвеност да ги искористат околу 1,5 милиони жители на Мосул како човечки штит. Притоа, ИД има и добри залихи на бомбаши самоубијци кои без двоумење ги користи против курдските пешмерга-борци кои го напаѓаат Мосул од исток и североисток, како и против ирачката армија- поддржана од САД, која напредува од југ и југозапад.
„Мосул ќе биде повеќемесечна операција. Ова ќе трае долго време“, вели висок американски претставник во Ирак.
Вешти во експлоатирањето на поделбите кај непријателите, минатонеделниот напад на ИД врз Киркук, не беше само обид да се сврти вниманието на ирачките и курдските трупи и да се намали притисокот од главниот фронт. Идејата беше и да се мобилизира јавното мислење кај сунитските арапи против Курдите, чии борци досега се покажаа најефикасни против ИД.
Затоа, многумина од оние кои се вклучени во битката за Мосул ја потенцираат потребата од уривање на единството меѓу ИД и незадоволните Сунити, во Мосул и надвор од него. Таква можност постои, велат познавачите. За разлика од странските џихадисти за кои очекуваат да се борат до самиот крај, ирачките борци, особено оние од самиот Мосул, би можеле да го положат оружјето.
„Повеќето од борците на ИД сега се локални племенски борци. Имаат борци од други делови на Ирак и Сирија или странци, но мнозинството се локални борци“, вели висок курдски разузнавачки офицер.
„Доколку им ги одземеме тие борци, ослободувањето на Мосул ќе биде прашање на недели, а не на месеци“, вели изворот.
Битка за улиците
„Доколку Ирачаните испратат порака и им дадат гаранции на сунитите дека ќе добијат втора шанса, а сметам дека е мудро да се стори тоа, тогаш отпаѓа 60 проценти од силата на ИД“.
Наводно е веќе договорено по освојувањето на градот во него да не влегуваат ни курдските, ниту шиитските борци, за да се избегне секташко насилство.
Иако напредувањето на анти-ИД коалицијата оди добро, воените стратези велат дека со приближувањето кон Мосул ќе стане многу потешко.
„Доколку решат да го бранат градот ќе биде многу тешко и процесот ќе се успори“. Откако ќе влезат во Мосул, ирачките специјални сили ќе мораат да водат битка од улица до улица и притоа да внимаваат на поставени експлозиви и мини.
„Улиците се многу тесни. Не можете да користите возила или тенкови, така да тоа ќе биде битка гради в гради“, вели Карим Синџари, министер за внатрешни работи во курдската регионална влада на Северен Ирак.
Ирачките команданти се оптимисти дека овојпат, сепак, ќе успеат да ја разбијат тактиката на ИД, со тоа што прво ќе им ја отсечат поддршката од околните села, а потоа ќе го поделат градот на сектори и ќе напаѓаат симултано во повеќе населби.
Мосул не е крај за ИД
Надежта е дека голема улога ќе игра и воздушната поддршка од САД, но големо прашање е како да се погодат целите на ИД во Мосул, а да не настрада цивилното население?
Полковникот Махди Амер од 9-та ирачка дивизија тврди дека Исламската држава „намерно ги блокира жителите кои сакаат да си заминат од градот за да ги користи како жив штит“.
Офанзивата во Мосул ќе биде најважната битка водена во Ирак по инвазијата на САД во 2003 година. Она што ќе се случува потоа ќе ја определи субината на веќе поделениот Ирак.
„Расте загриженоста за постигнувањето политички мир на денот по ослободувањето на Мосул“, вели Хошјар Зебари, водечки ирачки политичар и поранешен министер за финансии.
„Како овој мултиетнички и мултирелигиски град да се раководи без локални конфликти, без одмазда и без раселување на луѓето? За тоа е потребно политичко планирање. Мора да се изгради силна, репрезентативна влада во градот“.
Но битката против радикалните исламисти во регионот нема да заврши со ослободувањето на Мосул.
„Мосул нема да биде крајот на Исламската држава или крај за екстремизмот во регионот. Тие ќе преземаат повеќе асиметрични напади. Ќе гледаме самоубиствени напади во Курдистан, во ирачките градови и насекаде“, вели Зебари.