Ослободувањето на Мосул е калкулиран ризик
19 октомври 2016Ирак и САД започнаа решавачка борба за ослободување на градот Мосул, без да одлучат кој ќе управува со непредвидливиот регион откако милитантите на Исламска држава ќе бидат отстранети, изјавија повеќе официјални лица од САД.
Официјални лица од САД признаваат дека има одредени пропусти и ризици во планот за ослободување на Мосул и покрај дополнителната загриженост дека поразувањето на Исламска држава, во нејзиното седиште во Ирак, може да отвори простор за пресметки за приграбување на земја во етнички измешаниот север на земјата.
Истите извори наведуваат дека решавањето прво на политичките прашања на ирачките фракции е нереално. Сега е времето да се нападне, додека Исламска држава е воено ослабена, велат тие.
Според извори од западните и ирачките сили, постои план за менаџирање на ситуацијата во Мосул и давање помош на стотиците илјади цивили кои може да станат бегалци за време на борбите. Но, основните прашања кои веројатно можат да ја утврдат идната стабилност на Ирак, се оставени да се решат подоцна. Меѓу нив се и горчливите спорови за територии на северот на земјата, вклучувајќи го и поделениот град Киркук и спорните граници на независниот курдски регион. Останува да се види како ќе биде поделена моќта помеѓу арапските сунити, Курдите и малцинството Туркмени, христијани и Јазиди кои живеат во Мосул.
„Некои замислуваат големи влади, а територијални прашања, всушност, ќе бидат оставени за подоцна“, изјави функционер од Стејт департментот на САД.
Лукман Фајли, амбасадорот на Ирак во Вашингтон, кој ја вршеше функцијата од 2013 до почетокот на 2016 година, изјави дека додека военото планирање напредува „за политиката, потребно е прво да ги решиме внатрешните односи и прашања".
Во изминатите години, искуството на САД потврди декаситуацијата по завршувањето на војните, е многу попроблематична од самото војување.
САД изврши инвазија врз Ирак во 2003 година без детален пост воен план и без доволно трупи, што допринесе за хаосот кој владее во земјата 13 години подоцна. Во Авганистан, талибанците „профитираат" и 15 години откако здружените воени сили на САД и Авганистан ги отстранија од Кабул.
Ирачките владини сили, со воздушна и копнена поддршка од воената коалиција предводена од САД, во понеделникот ја отпочнаа првата фаза од нападите за превземање на Мосул. Нападот беше подготвуван од јули.
Владините сили, сунитските племенски борци и курдските Пешмерга-борци го опколија градот со повеќе од милион жители во обидот да неутрализираат 4.000 до 8.000 борци на ИСИС. Се очекува борбите да траат со недели, ако не и месеци.
„Доколку се обидеме да решиме се пред Мосул, ИД никогаш нема да излезе од Мосул. Ова навистина е војна на моментум“, изјави за медиумите Брет Мек Гурк, претставник на администрацијата на Обама за борба против Исламска држава.
Барак Обама е соочен со ризик дека неговите намери за зафаќање што е можно повеќе територија од џихадистите пред да ја напушти Белата куќа во јануари, нема да се остварат. Воената кампања за ослободување на Мосул започна три недели пред претседателските избори во САД закажани за 8 ноември.
„Постои желба да се направи што е можно поголем прогрес против ИД“, изјави дипломат од западните земји, под услов да биде анонимен.
Одлуката да се поддржи офанзивата на ирачкиот премиер Хаидер ал Абади врз Мосул, кој вклучува 30.000 борци, има поддршка од клучни луѓе во администрацијата на Обама.
Но, некои службеници од одбраната и разузнувањето на САД се прашуваат дали новоизградената армија на Ирак е спремна за таков подвиг. Тие велат дека се загрижени за последиците од битките кои може да прераснат во политички кошмар, затоа што сунитите, курдите и шиитите може да се обидат да ја задржат контролата врз различни делови од градот за кои помогнале да бидат ослободени.
„Во некои кругови околу Вашингтон се бара сите работи да бидат решени пред воената офанзива да започне“, изјави лице од администрацијата на Обама пред најавата на Абади за почеток на офанзивата во понеделникот.
„Доколку Ирак го оттргне фокусот од борбите за да ги реши долготрајните политички превирања - на тој начин само ќе се изгуби поволниот момент против Исламска држава“, изјави истиот извор од администрацијата на Обама.
Турција, која има долготрајни културни и историски врски со Мосул, наведува дека воени сили, обучувани од турската војска во северен Ирак, сега учествуваат во борбите за ослободување на Мосул. Исто така, и моќните шиитски милиции сакаат да учествуваат во борбите, што го зголемува стравот од можен конфликт меѓу сектите во доминантно сунитскиот Мосул.
По дипломатската офанзива на САД која траеше неколку недели, постар советник од државните служби ја пренел пораката на домашните власти дека сите воени сили мора да бидат под командата на Абади, изјавија извори од државните органи на САД.
Додека поголемите прашања ќе бидат оставени за подоцна, биле донесени планови за управување и стабилизирање на Мосул на краток рок по завршувањето на борбите, потврди истиот извор.
Планот опфаќа повторно враќање на функција на последниот гувернер на областа Ниневех, Нафал ал Агуб и поделба на градот во административни делови, во кои секој ќе има посебен градоначалник. Агуб ќе владее заедно со претставник од Багдад и од Ербил, главниот град на автономниот курдски регион во Ирак.
Процедури за скрининг за можните цивили бегалци од Мосул се веќе воспоставени, пред се, поради искуството во Фалуџа во провинцијата Анбар. Таму, мажи и момчиња сунити беа задржувани, измачувани и во некои случаи убивани од шиитската милиција, која самата имаше поставено контролни пунктови.
Официјални претставници на САД и Ирак работат заедно да се осигура безбеден проток на цивилите надвор од градот и контролните точки да бидат набљудувани од регионалните власти и меѓународни невладини организации. Тие исто така се надеваат дека граѓаните на Мосул ќе останат во своите домови, за разлика од Тикрит, Фалуџа и Рамади кои целосно се испразнија откако беа ослободени.
Од Обединетите нации изјавија дека битката за Мосул може да доведе до 1 милион бездомни лица. „Има можност, сериозна можност, дека ќе има помалку луѓе отколку што очекуваме, но секако е опасно да го претпоставуваме тоа“, изјави извор од Стејт департментот на САД. Истиот извор потврди дека подвигот против Исламска држава во Мосул вклучува и „акт на балансирање". „Има одреден степен до кој можете да се подготвите, но штом ќе почне да се одвива операцијата, мора да бидеме флексибилни и спремни“, изјави дипломатот.