Инспекции во „Жан Митрев“ за третманот на ковид-пациентите
20 јули 2022Повеќе инспекции влегоа во клиниката „Жан Митрев“ во Скопје по информациите дека во неа се вршеле непријавени клинички тестирања и по жалбите коишто ги поднеле дел од семејствата кои бараат одговор од што точно починале нивните најблиски - од Ковид -19 или од бактериски инфекции.
Министерот за здравство, Беким Сали на прес- конференција информираше дека се во тек повеќе инспекциски контроли во клиничката болница кои треба да ги утврдат сомнежите изнесени во истражувачката сторија „Нечиста крв“ на ИРЛ. Проверки вршат и Државниот санитарен здравствен инспекторат и претставници на Агенцијата за лекови МАЛМЕД, кои треба да утврдат дали испитувањата врз пациентите кои се лекувале таму се вршени согласно важечките прописи.
„Решен сум овој случај да добие разрешница. Многумина од нас имаат негативно искуство со ковид и мора да има систем што ги заштитува граѓаните. Никој не е над законот и ова нема да биде заборавен случај, ќе го тераме до крај“, рече министерот, кој беше дециден дека сите наводни изнесени во документарниот филм ќе треба да се истражат детални и да се докажат. Во однос на обвинувањата дека болницата правела експерименти врз ковид-пациентите, беа тоа да го пријави кај надлежните институции, Сали вели дека експеримент е тежок збор. „Ако се вршеле ќе треба да докажеме, одговорност ќе има“, дециден е тој.
Спорни методи на лекување
Во однос на методата за хемофилтрација, која што била користена во болницата, Сали вели дека таа се користи при третман на пациенти во тешка состојба, сместени на интензивна нега. „Дали методата е применувана согласно строгите критериуми и индикации, треба да процени стручен надзор од експерти во соодветните области“, вели министерот.
„Во време на ковид ниту една земја, ниту еден здравствен систем, министер и доктор може да каже стриктно дека се користат лекови врз основа на докази. Се што е ново не е базирано на докази. Се се правело врз основа на искуства и институции од други земји, кои давале препораки како да се постапува во одредени моменти со пациенти“, вели министерот за здравство.
Оценка на надлежните е дека ковид-кризата е една од најнепредливите коишто се случиле, со оглед на тоа дека често имало случаи кои се воделе како полесни, за во еден момент да завршат со фатален исход. „Од пост ковид има повеќе жртви отколку што сме имале за време на ковид-кризата. Предизвикот е нов, никој не знае што прави“, вели министерот за здравство.
Државниот санитарен и здравствен инспекторат во последните три години направил 45 редовни и 52 вонредни инспекциски надзори во 12 приватни здравствени установи. Директорката Иринка Сотировска Бухова вели дека конкретно во „Жан Митрев“ се спроведени три редовни и девет вонредни инспекциски надзори.
Истрага
Веднаш по објавата на наведената документарна емисија, Основното јавно обвинителство Скопје оформи предмет врз основа на инструментот на допрен глас, предвиден во Законот за кривична постапка. Предметот е распореден кај надлежен јавен обвинител кој ќе преземе дејствија за проверка на наводите од кои произлегуваат индиции за кривични дела против здравјето на луѓето.
Министерот за здравство вели дека Јавното обвинителство треба да собере изјави од граѓани, кои добиле повик од болницата и им биле понудени пакети за одредена услуга. Станува збор за пакети со хемофилтрација во висина од 3 до 5 илјади евра, коишто семејствата во сведочење за медиумите тврдеа дека им биле нудени за време на лекувањето на нивните најблиски.
„Не смееме да брзаме, одлуката ќе биде донесена кога ќе ги имаме сите информации, кога се ќе биде потврдено и ќе се базира на докази“, дециден е првиот човек на Министерството за здравство.
Според истражувањето, кое се базира на 24 пријави на граѓани од С. Македонија и Косово кои биле истражувани и проверувани повеќе од 22 месеци. Во фокусот на нивниот интерес биле злоупотребите на методот на хемофилтрација од страна на клиниката „Жан Митрев“ за време на пандемијата. За овој метод пациентите плаќале од три до пет илјади евра, но во документарецот се наметнува прашањето дали тој бил одобрен од соодветните институции и дали придонел за влошување на здравствената состојба на пациентите. Дополнително, документарецот открива дека скапото лекување на клиниката, кое чинело од 12 илјади евра па нагоре, всушност било дел од клиничка студија, во која Жан Митрев навел дека значителен дел од пациентите добиле интрахоспитални инфекции за време на лекувањето. Според Центарот за јавно здравје – Скопје, клиниката „Жан Митрев“ не пријавила појава на интрахоспитални инфекции, иако е законски обврзана да го извести државниот орган.
Хелсиншкиот комитет за човекови права, Македонското здружение на млади правници и ИРЛ информираа дека ќе им понудат бесплатна правна помош на граѓаните чии права како пациенти биле грубо загрозени од приватни или јавни здравствени установи.