Новиот мутант на коронавирусот предизвикува загриженост
14 јули 2022Најновата подваријанта на Омикрон, наречена „Кентаур“, за првпат беше откриена во Индија во мај годинава, и оттогаш се прошири во најмалку 10 држави, меѓу кои и САД, Велика Британија, Германија и Австралија. Официјално е именувана како БА.2.75.
„Сега е идентификувана и во Холандија“, соопшти тамошниот Национален институт за јавно здравје.
„Малку се знае за БА.2.75. Но се чини дека таа полесно ги минува одбраните создадени против Ковид-19 преку мали, специфични промени“.
Главниот научник на Светската здравствена организација (СЗО) Сумја Сваминатан изјави дека нејзината организација активно го следи вирусот, но засега постојат само „ограничени секвенци за анализа“.
„Се чини дека оваа подваријанта има неколку мутации на рецепторот кој врзува врвот на протеинот. Мораме да внимаваме на тоа“. Таа тврди дека е се уште прерано да се каже дали подваријантата може да го заобиколи имунитет и колку е опасен.
Поголема трансмисија
Директорот за Глобално здравје на Универзитетот во Женева, Антоан Флахо смета дека ширењето на БА.2.75 во Индија укажува дека има поголема трансмисија од подваријантата БА.5 на Омикрон, која масовно се рашири низ Европа и САД.
„Се чини дека станува доминантен сој во Индија. Прашањето е дали ќе стане доминантен сој низ целиот свет?“, вели тој. Експертот оценува дека постои „маргина на непредвидливост“, објаснувајќи го „судирот“ на подваријантите БА.2.12.1, која најпрво беше доминантна во САД, и БА.5 кој експресно и го презеде приматот. Флахо објаснува дека појавата на две подваријанти едноподруго го оневозможило развојот на вакцина, но смета дека е се уште рано да се проценува опасноста од БА.2.75.