1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како да се постапува со новиот претседател на Иран?

Мари Зина
5 август 2021

Во Иран денеска стапува на должност новиот претседател Ебрахим Раиси, човек одговорен за измачување и убиства на негови сонародници. Тоа отвора многу прашања за односите на Германија кон Иран.

https://p.dw.com/p/3yXKS
Iran Ebrahim Raisi
Фотографија: jamaran

Новиот претседател на Иран, Ебрахим Раиси, денеска (5.08) полага заклетва. Ултраконзервативецот стапува на функција во критични времиња: во Виена стагнираат индиректните разговори со САД за иднината на Атомскиот договор, а последниот напад со дрон врз танкер пред брегот на Оман уште еднаш јасно покажа колку е експлозивна безбедносната состојба во Персискиот Залив. И САД и Велика Британија го обвинија Иран за нападот врз танкерот, со кој управува израелска фирма.

Не само што надворешнополитичката иднина на Иран во мандатот на Раиси не изгледа светло, туку црни дамки има и неговата биографија кога станува збор за борците за човекови права. Во поновото минато Раиси, како шеф на правосудството, е одговорен за ликвидација на голем број учесници на протестите во 2018 и 2019 година.

Раиси се профилира како бескрупулозна продолжена рака на режимот уште на почетокот на својата политичка кариера. Во 1988 година учествувал во измачување и убиства на илјадници политички противници. Токму поради тоа, Раиси во 2019 година е ставен на листата за санкции на САД.

Deutschland Omid Nouripour (Bündnis 90/Die Grünen) im Bundestag
Омид Нурипур, портпарол на Зелените за надворешна политикаФотографија: Imago Images/C. Spicker

Со оглед на темното минато на Раиси, германските политичари се залагаат за промена во односите кон Иран: „Ако претседател на земјата е докажан 'судија со крвави раце', тогаш наша обврска е да ја ставиме темата човекови права на врвот“, вели за ДВ Омид Нурипур, портпарол на Зелените за надворешна политика.

„Потребна ни е нова стратегија кон Иран“, пледира Бижан Џор-Сараи, портпарол на Либералите за надворешнополитички прашања. Таа стратегија не би смеела да се ориентира само кон тековните преговори за спас на Атомскиот договор, уверен е тој.

Тема не е само Атомскиот договор

Атомскиот договор беше доминантен во германско-иранските односи во последните осум години, анализира Корнелиус Адебар од Германското друштво за надворешна политика (ДГАП). „Но, има и други теми, имено внатрешна политика, човекови права и регионални прашања. Германија дејствуваше впечатливо малку во врска со нив“, оценува Адебар за ДВ.

Умерената фасада на претходникот на Раиси, Хасан Рохани, го олеснуваше вртењето на погледот од ове теми. „Сега за Германија и Европа ќе биде потешко да ја бранат јавно досегашната линија на авторитарна стабилизирачка политика“, нагласува германско-иранскиот политиколог Али Фатолах-Неџад.

За повреди на човековите права сведочат и неделите пред инаугурацијата на Раиси. Во југозападната провинција Хузестан од страна на милиции верни на владата се брутално задушени протести против недостигот на вода. Амнести Интернешнал зборува за најмалку осум жртви.

Iran | Demo in Khuzestan
Во Иран постојано избиваат протести - во јули безбедносните сили пукаа врз демонстранти во седум градови во земјатаФотографија: Mellium.org

Има први знаци за промена на мислењето во германската политика кон Иран. На крајот на јуни Бундестагот во врска со Иран ја донесе првата резуолуција за човекови права во последната деценија. Во барањето поднесено заеднички од ЦДУ-ЦСУ, СПД, ФДП и Зелените, се бара состојбата со човековите права да се стави во центарот на германската политика кон Иран и таа политика редовно критички да се преиспитува. Од Иран би морало да се бара да се придржува до договорите за човекови права, а германската влада би требало да работи и на тоа Иран да пристапи кон конвенциите на ОН за права на жените и против измачување.

Кризите како шанса за соработка?

Експертите опоменуваат дека во сопствен интерес е во билатералните односи посилно во фокус да бидат ставени и економските и еколошките проблеми. Иран страда од голема невработеност, екстремен недостиг на вода и има големи проблеми во делот на здравството. „Ако сѐ повеќе луѓе ја напуштаат земјата затоа што таму не може да се живее, тогаш тоа ги допира и нашите интереси“, предупредува Адебар.

Експерто на ДГАП тука гледа пред сѐ шанси за германско-иранска соработка. „На пример, Германија може по прашањето на водата да направи многу во делот на еколошка и економска помош. Преку научно разбирање таму може да се направат многу позитивни работи.“

Iran Urmia-See schrumpft
Последици од промените на климата: Езерото Урмија во северозападен Иран има сѐ помалку водаФотографија: picture-alliance/NurPhoto/D. Zarzycka

Да се тематизира регионалната политика на Иран

Она што исто така не смее да се испушти од вид е улогата на Иран во целиот регион, предупредува Нурипур. „На маса за разговори мора да се најдат и повреди на човекови права од страна на системот надвор од границите на Иран, на пример во Сирија.“

Иран е активен во сириската граѓанска војна, им дава поддршка на шиитските милиции во Либан и во Ирак, како и Хамас во Појасот Газа, а сојузник е и со бунтовниците во Јемен. Освен тоа, земјата има една од најголемите програми за балистички ракети во регионот. Со нив може да погоди дури и цели во Израел.

Германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас веќе се изјасни за вклучување на ракетната програма во преговорите за Атомскиот договор. Ебрахим Раиси, меѓутоа, тоа веќе категорично го отфрли.