1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Немоќта на моќниот Вучиќ

Драгослав Дедовиќ
20 април 2018

Проблемот со испадите на Шешељ е подлабок отколку што луѓето во Србија со секојдневните грижи се подготвени да видат. Дали власта можеше да го спречи посетата од Загреб да ја претвори во шовинистички перформанс?

https://p.dw.com/p/2wNuA
Serbien Belgrad Premierminister Aleksandar Vucic
Фотографија: picture-alliance/dpa/K. Sulejmanovic

Ѓорѓе Влајиќ како новинар со децении ја набљудува политичката сцена во Србија, а со тоа, сакал тој или не, добро ги помни сите неточности на Војислав Шешељ. Се сеќава како Шешељ, заедно со неговиот кум Вук Драшковиќ, се испили од фракцијата на новопазарската Српска народна обнова. Додека неговиот кум Вук набрзо стана „крал на тигрите“, Шешељ, заедно со некои забрадени, неуредни луѓе кои себеси се нарекуваа четници, мораше буквално да се бори за можност да каже нешто. Уште тогаш, во раните 90-ти години, насилството беше дел од неговиот политички концепт. Така и остана.

Војислав Шешељ, според Ѓорѓе Влајиќ, одамна не е во политичкиот зенит. Но, неговото произведување на скандали е многу добро пресметано: „Политичкиот маркетинг на Војислав Шешељ секогаш се засноваше на скандали, остри изјави, тежок национализам, конфликти. Дури во некои ситуации се појавуваше како многу дијаболична личност. Сѐ што работеше, работеше со намера себе си да се претстави како човек кој бескомпромисно го брани српството - по секоја цена и без никакви обѕири и чувство за другите. На тој начин се однесуваше и кон политичките противници, не само кон луѓето од друга националност.“

Силниот претседател е слаб на Шешељ?

Бидејќи официјалната посета на хрватската парламентарна делегација беше важна за Србија, а сите во земјата, вклучувајќи го поранешниот политички следбеник на Шешељ и актуелен претседател на државата, Александар Вучиќ, знаат кој е лидерот на Радикалите, се поставува прашањето - дали власта можеше да го спречи во намерата посетата на политичките гости од Загреб да ја претвори во шовинистички перформанс.

Повеќе:

-Не е само шоу на Шешељ

-Четничкиот маг- повторно во Хаг?

-Процес против Шешељ- двете лица на фарсата

Самиот Вучиќ во средата (18.4.) на Првата програма на РТС го осуди инцидентот, а потоа одговори на неизреченото прашање: „Вие знаете дека ние никогаш нема да дозволиме некој од страна да загрози кого било од нашите гости. Но, како да реагирате кога во прашање се народни пратеници?“ Потоа Вучиќ нагласи дека како претставник на Србија не го напуштил Загреб кога таму палеа српски знамиња. Во лежерно издание, без вратоврска, надолго и нашироко наведуваше што е сѐ направено за подобрување на положбата на Хрватите во Србија, за на крај да рече: „И тогаш ќе ви се случи ова што ви ги урива имиџот и угледот. И што да правите? Што да правите?“

Набљудувачите во наводната немоќ на најмоќниот човек во државата гледаат сосема друга сметка. Зоран Гавриловиќ од Бирото за општествени истражување (Бироди) вели дека Шешељ не е опозициски противник, туку прилично кооперативен партнер на владејачката гарнитура: „Испадот на Војислав Шешељ е дел од репертоарот со кој тој се обидува да привлече внимание врз себе, по принципот ги загубив сите битки, но сѐ уште водам војна. Оставен на милост и немилост на својот ученик Александар Вучиќ, се претвори во негов човек за нечисти медиумски работи. Не треба да се биде голем стручњак за медиуми и да се види дека Шешељ е редовен гостин во владините билтени, каде се доаѓа само со согласност од власта.“

Vojislav Seselj in Belgrad Kriegsverbrechertribunal
Фотографија: picture-alliance/dpa/K. Sulejmanovic

Ѓорге Влајиќ, рака на срце, вели дека не постојат докази оти Вучиќ директно или индиректно го штити Шешељ - но постојат обрасци на однесување кои се прилично речовити: „Откако се подели Српската радикална партија, јас не сум сведок на ниту една жестока конфронтација меѓу Вучиќ и Шешељ, ниту политичка ниту лична. Мислам дека постои некој вид договор или премолчен пакт да не се напаѓаат, бидејќи тоа би можело да биде неповолно и за едниот и за другиот.“

Шешељ во свој елемент

Шешељ во разговорот со новинарите во четвртокот (19.4.) беше добро расположен. Бидејќи изгледа никој немаше видено како Шешељ го гази знамето, а снимката од безбедносните камери сѐ уште не беше појавена, единствена трага на тој негов чин е соопштението од неговата партија. Новинарите се прашуваа дали е сѐ измислено, а Шешељ во свој стил одговори: „Ќе беше извонредно ако ние го измислевме, а будалите наседнеа, но не го сторивме тоа. Зошто се вратија во Загреб? Само поради нашето соопштение?“ Шешељ изјави дека не верува оти ќе му биде одземен на мандатот во српскиот парламент.  

Ѓорге Влајиќ подвлекува дека току тоа го покажува недостатокот на политичка волја да се излезе на крај  со Шешељ: „Она што мене особено ме загрижува е тоа што Шешељ е правосилно осуден во Хашкиот трибунал, а останува пратеник. Со тоа власта ги крши и сопствените и меѓународните закони“.

Тешки последици од соопштението на радикалите

Премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, вчера се обиде да ги вади жешките костени од огнот и упатила телефонски повик до хрватскиот колега Андреј Пленковиќ, но тој, според нејзините зборови, едноставно не се јавил. Новиот круг недоразбирања меѓу Белград и Загреб очигледно повторно беше успешно поттикнат од провокациите на Шешељ.

Судејќи според сѐ, тој поголема целна публика има во Хрватска, бидејќи тамошната јавност на него реагира како на сериозна закана, и покрај неговата маргинална политичка сила. Во Србија луѓето се делат на оние кои ги креваат рамената и на оние кои одмавнуваат со главата. Но проблемот со испадите на Шешељ е всушност подлабок, отколку што луѓето преокупирани со секојдневните грижи се подготвени да видат. 

Зоран Гавриловиќ смета дека мотивацијата на докторот по општествени науки со титула на четнички војвода е очигледна: „Млаката реакција на властите во Србија не говори дека таа се плаши од Шешељ, туку дека не сака да расчисти со военото наследство, чиј дел беше и самата. Но од тоа е полош фактот дека државната обвинителка не сметаше дека треба да реагира, без оглед што добри правници велат дека Шешељ го прекрши законот. И еве нѐ во поглавјето 23, еве нѐ во европските интеграции. Така доаѓаме до клучниот мотив на Шешељ, а тоа е оставање на Србија надвор од европските интеграции, со надеж дека ќе стане руска губернија“.