1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Историчарите од Скопје и Софија далеку од решение

ДТЗ
10 декември 2021

Експертите од Комисијата за исторички и образовни прашања два дена дискутираа, но не најдоа заеднички јазик за спорните прашања.

https://p.dw.com/p/446xG
Nordmazedonien Bulgarien Historikerkommission
Фотографија: Government of North Macedonia

И 16-та средба на Заедничката мултидсциплинарната експертска комисија за историски и образовни прашања заврши без позитивен епилог. Експертите од Северна Македонија и од Бугарија на дводневна онлајн средба дискутираа за забелешките за учебниците по историја, но не најдоа заеднички јазик за спорните прашања.

„Остануваат разликите во пристапот и разбирањето на улогата на историјата и историското образование во современите општества и градењето на добри односи ослободени од политизирање на историјата“, информираат од Министерството за надворешни работи.

Според македонските историчари, пристапот кој се заснова на позитивните европски искуства и препораките на Советот на Европа и УНЕСКО остануваат основа во работата на македонската страна во Комисијата и од тука произлегуваат главните недоразбирања со колегите од Софија. „Тие остануваат на исклучивиот пристап кој е туѓ на современото разбирање на историското образование кое подразбира мултиперспективен и интердисциплинарен пристап“, укажуваат од МНР.

По дводневните дискусии, заклучокот е дека двете страни се сè уште далеку од решение кое би довело до подобрување на образовниот процес и остварување на заедничката цел за градење добрососедски односи и пријателство во кое минатото и различните толкувања на историјата нема да бидат пречка.

Разговорите заглавија кај цар Самуил

Еден од претседавачите на Мешовитата историска комисија меѓу Бугарија и Македонија, професорот Ангел Димитров за БГНЕС вели дека „кога не сакаш да прифатиш основна формулација на самиот Договор за пријателство и добрососедство, односно дека има заедничка историја, тоа значи дека се сомневаш во примената на тој договор“. Тој вели дека резултатите од средбата се еднакви  на „нула“.

„Разговаравме и за цар Самуил и повторно разговорите не вродија со плод. Заглавени сме во X-XI век. Се плашам дека и следната година ќе биде тешко да постигнеме напредок“, вели Димитров.

-повеќе на темата: Македонските предлози неприфатливи за бугарските историчари – незадоволството на двете страни

Во текот на двата дена, членовите на Комисијата работеле и на усогласување на содржината на записниците од минатите средби. Мешовитата македонско-бугарска комисија беше формирана согласно Договорот за пријателство, добрососедство и соработка потпишан меѓу двете земји во 2017 година. Ова беше последниот  состанок на Комисијата за годинава. Следната средба треба да се одржи на 24 и 25 февруари идната година.