Карневалот носи милијарди евра
28 февруари 2019Карневалот започна денеска во 11:11 часот, а завршува наредната недела, на т.н. Среда пепелница. Сезоната на карневалските прослави почнува на 11 ноември, кога тие се одржуваат во карневалски сали. Од кога официјално започнува и завршува уличната прослава сега одлучи Судот за спорови од работни односи во Келн. Причина за пресудата беше тужба од келнерка која не била согласна со формулација во нејзината работна препорака. Таа работела и во саботите и неделите по почнувањето на карневалот и сакала тоа да стои збележано. Работодавецот одбил. Судот пресуди во полза на тужителката и одлучи дека барем во Келн карневалот трае од четвртокот (Вајберфастнахт) до Среда пепелница, или точно 132 часа и 49 минути.
Во целиот тој период се вртат милијарди. Во Диселдорф комитетот надлежен за тамошниот карневал објави податоци, според кои годинава на Розенмонтаг во поворката ќе учествуваат 8700 карневалисти и 124 возила, како и 24 музички оркестри. Организаторите очекуваат стотици илјади посетители. Диселдорф, покрај Мајнц, е карневалско упориште, но и двата града ниту по димензиите на настанот ниту по неговото значење не може да се споредат со Келн и неговиот карневал.
„И во Берлин знаат да слават карневал... малку“
На германскиот телевизиски канал РТЛ 2 има ријалити серија во која еден брачен пар милионери покажуваат колку може да биде невкусно кога човек не знае што да прави со парите: „Гајсенови“. Новинската агенција ДПА открива каква врска има ова со карневалот. Освен тоа што ТВ-милионерите изгледаат како постојано да се маскирани, во нивното семејство парите се заработуваат со карневал.
Новинарот побара еден роднина на ТВ-ѕвездите - Херберт Гајс, сопственик на продавница за карневалски маски и костуми „Дајтерс“ во гратчето Фрехен, кај Келн. Херберт Гајс не е маскиран, напротив очигледно му значи да е убаво дотеран. „Неприфатливо е да се оди маскиран на работа“, вели тој. Гајс носи вратоврска и косата му е уредно исчешлана. Притоа, тој заработува од продажба на карневалски костуми: пирати, принцези, кловнови и каубојци. Според неговата реклама, Дајтерс е „најголемата продавница за карневалски костими во светот“. Досега оваа компанија има 26 свои филијали, меѓу другото и во градови кои не се познати по карневал, како Берлин, Штутгарт или Франкфурт. Според Гајс, „и граѓаните на Берлин во меѓувреме се научија малку да слават карневал."
Конкуренцијата се зголемува
Семејната фирма основана во 1921 година, во 2017/18 имаше обрт од 30 милиони евра, односно плус од 4 милиони во однос на претходната. Пред само пет години (2012/13) обртот изнесувал 13 милиони евра. Бизнисот е профитабилен, последната добивка изнесувала 2 милиони евра. Фирмата има околу 300 постојано вработени и околу 400 сезонски работници. Директна конкуренција е фирмата „Карневалсвиртс“ од Ахен. Таа има околу 40 вработени и не одговара на прашања од медиумите, но го следи трендот на експанзија: во центарот на Келн отвори ново продажно место, а вкупно ги има девет.
Обрт од милијарди
Михаел Хитер од Институтот за германска економија во Келн дава добри прогнози за карневалската индустрија, вклучително и производителите на костими. „Карневалот е бизнис кој цути и е во тренд”, вели професорот. Економистот проценува дека обртот во Келн и Диселдорф е околу една милијарда евра. Роман фон дер Више од компанијата „Маркетинг ДОО“ од Диселдорф вели дека големо е значењето и на посетителите-туристи, без разлика дали се дојдени на еден ден, или пак резервираат и хотел за карневалскиот период. Покрај тоа, поворките за Розенмонтаг имаат значење и за промоцијата на самиот град, нагласува тој.
Повеќе: Карневал во Келн: Совети за почетници
Одлично период и за гастрономијата
Според една студија на консултантското биро Бостон Консалтинг Груп, претставена пред една недела, само во Келн обртот за карневалот во изминативе десет години е пораснат за 29% и изнесува речиси 600 милиони евра. Најголемиот дел од колачот со карневалскиот бизнис, според студијата, отпаѓа на гастрономијата со 257 милијарди евра. Тоа е плус од 34% во споредба со резултатите од претходните студии. За текстил – односно костими – дадени се 110 милиони евра (плус 41%). Профитираат и хотелите, бидејќи во Келн, за време на карневалот, доаѓаат сѐ повеќе карневалисти. Исто така, картите за карневалските поворки се сѐ поскапи – авторите на студијата сметаат дека ова е „предизвик“ кој треба да се реши.
Заработување пари со лош вкус
Во минатото, лидерот на пазарот за костими и маски „Дајтерс“ беше активен речиси само за кареневал, но сега луѓе се маскираат и за други поводи. Така, има производи за Хеловин, Октоберфест или тематски забави. Но карневалското време останува јадрото: две третини од обртот, „Дајтерс“ го прави од продажба на костими, маски и додатоци кои се носат за време на карневал.
Притоа едно прашање мора да се разјасни: кој тренд на костими доминира годинава? Принцези или панкерки, пирати или полицајци? Тука повторно во игра се враќа роднината на богатата ТВ-ѕвезда: трендот годинава се стари хипици од цветната револуција – сѐ што спаѓа под терминот „лош вкус" – или џогинг-тренерки во стилот на 1980-те.