1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кауција од милион долари во случајот „Флојд“

Марко Лангер
9 јуни 2020

Полицаецот осомничен за убиство на црнецот Џорџ Флојд до пресуда во случајот би можел да биде привремено ослободен со кауција од милион долари. Одлуката за кауција е донесена на првото сослушување во случајот.

https://p.dw.com/p/3dU2y
USA Minneapolis Polizei | Verhaftung George Floyd
Момент од апсењето на Флојд Фотографија: AFP/Facebook/Darnella Frazier

Во случајот со убиениот Афроамериканец Џорџ Флојд е определена кауција од милион долари за главниот осомничен екс полицаец. Уапсениот Дерек Шовин преку видео-врска беше првпат вклучен во судска сала во Минеаполис, во американската сојузна држава Минесота.

Судијката Џенис Рединг донесе одлука по прашањето за кауција и определи уште низа други услови за привремено пуштање од затвор. 44-годишниот Шовин, кој беше отпуштен од полицијата, кога би излегол со кауција, не би смеел да ја напушта Минесота, не смее да има контакт со семејството на Флојд и мора да го предаде оружјето кое го поседува. Наредниот судски термин е на 29 јуни.

Полицаецот белец пред две недели, во текот на апсењето, го притискаше со колено врз вратот црнецот Џорџ Флојд осум минути и 46 секунди, иако тој повеќепати се жалеше дека веќе нема воздух. Видео-снимките од бруталната постапка на полицијата предизвикаа огорченост и гнев ширум САД и светот и бран протести против расизмот и полициското насилство.

Полицаецот доби отказ, а подоцна беше уапсен. Нему му се префрла „убиство од втор степен“, за што според американските закони може да биде казнет со затвор до 40 години. Обвинителството не гледа намера за убиство во постапката на полицаецот. Останатите тројца полицајци кои учествуваа во апсењето на Флојд исто така добија откази и, меѓу другото, се обвинети за пружање помош.