1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Киев забрзува поделба на Украина

Бернд Јохан
17 март 2017

Единството на Украина го поткопува лично Киев. Запрена е трговијата со окупираните територии на истокот, што може да го забрза отцепувањето на тој дел од земјата, оценува Бернд Јохан.

https://p.dw.com/p/2ZNjR
Ukraine Blockade von Transportwegen - Kohletransport bei Donezk
Фотографија: Reuters/K. Chernichkin

Конфликтот во источна Украина ескалира со недели. Не поминува ден без престрелки. Во употреба повторно е и тешко вооружување. ОБСЕ требаше всушност да го надгледува одамна договореното примирје, а сега не може да испрати речиси ништо повеќе од извештаи за војна, која и по три години не е завршена.

Од сите страни - како од раководството во Киев, така и од сепаратистите и нивните поддржувачи во Кремљ - се долева постојано ново масло во огнот. Тие ја цементираат поделбата на Украина чекор по чекор. И токму Киев сега би можел дури и да го забрза овој процес: украинскиот Национален совет за безбедност одлучи да ја запре сосема размената на стоки со теротириите окупирани од бунтовниците - Луганск и Доњецк.

Им се потклекнува на вооружени активисти

Трансферот на финансии меѓу Киев и сепаратистичките региони во Донбас одамна е прекинат. Последиците се уништувачки за луѓето, а пред сѐ за старите лица. Тие мора да ја минуваат опасната линија на поделба за да си ги подигнат пензиите или друг вид социјални услуги од Киев. Со економската блокада сега Киев го запира и снабдувањето на Донбас со секаков вид стоки.

Украинската влада и претседателот Петро Порошенко со тоа му потклекнуваат на притисокот на вооружените активисти кои пред два месеца веќе ги прекинаа железничките линии меѓу Украина и Донбас. Дел од политичарите во Киев досега тоа го критикуваа. Меѓу нив беше и Порошенко. Сега од контроверзната акција на активистите настана државна блокада во име на националната безбедност.

Johann Bernd Kommentarbild App
Бернд Јохан

Луѓето се препуштени на судбината

Киев официјално натаму нагласува дека окупираните територии Луганск и Доњецк се дел од Украина. Запирањето на размената на стоки би требало да биде завршено штом сепаратистите ќе се откажат од неодамна донесената одлука за илегална „национализација“ на фабриките. Изгледа како Украина со тоа да презема политичка иницијатива, но всушност така им се оди на рака на сепаратистите и на Русија. Зашто тие сега ќе речат дека Киев се откажал од луѓето во Донбас.

Украинските планови за реинтеграција на тој начин би можеле да станат шкарт хартија. Не само во источна Украина, туку и во Киев некои политичари одамна укажуваат дека Украина прави премалку за да ги придобие повторно луѓето во Донбас. Се чини оваа цел сега е уште подалеку.

Партнерите измамени

Киев со одлуката ги измами и земјите кои се залагаат за решение на конфликтот во Донбас. Дел од нив се Германија и Франција, кои во рамки на Минскиот процес се залагаат за единствена Украина. Затоа се спротивставуваат на секоја мерка која би можела да предизвика заострување на конфликтот. Воведувањето економска блокада е таков чекор. Оттука, остра е и реакцијата на германската влада на економската блокада воведена од Киев и на илегалното присвојување на фабриките од страна на сепаратистите.

На одлуката на Киев може да се радува само Русија, која по анексијата на Крим го потпали и конфликтот во источна Украина. Неодамна Кремљ како документи за патување ги призна пасошите кои сепаратисте ги издаваат во источна Украина. Ова признавање го забрзува процесот на поделба. Економската блокада од страна на Украина сега повторно го турка Донбас во рацете на Москва. Отцепувањето на истокот на Украина напредува.