1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кинеска медиумска офанзива во Европа

Родион Ебигхаузен
24 февруари 2018

Актуелна студија предупредува на растечкото влијание на Кина во европските медиуми и јавното мислење. Наведени се и германски весници. Оправдана или претерана загриженост?

https://p.dw.com/p/2sOMv
China Kulturrevolution Propaganda
Фотографија: Imago/United Archives

Кина е сѐприсутна во медиумите. Само во 2017. година британскиот магазин „Економист“ на Народна Република Кина ѝ посвети две насловни страници. Германскиот магазин „Шпигел“ на својата насловна страница во 2017. година ја прогласи Кина за „светска сила број еден“. Во текстот стануваше збор за  мегапроектот на претседателот Ши Џинпинг, „Новиот пат на свилата“,  за неговото (вербално) залагање за слободна трговија, за масовните инвестиции во Европа, за стравот од кражба на идеи (како што е преземањето на компанијата Кука, која произведува индустриски роботи), за военото опремување или за кинеските планови за тотален државен надзор.

За заштитата на интелектуалната сопственост од кинеските инвеститори одамна се водат дискусии. Но, најдоцна од 19. Конгрес на Комунистичката партија на Кина во октомври 2017. година, не е во прашање само за економско туку и за идеолошко влијание на Кина. Претседателот Ши на Конгресот го фалеше кинескиот авторитарен модел како алтернатива за либералните демократии од западен тип, кои наводно се во залез. 

Кина како државен модел

Берлинскиот Меркатор, Институт за кинески студии (Мерикс) и Глобалниот институт за јавна политика (ГППИ), во актуелната студија предупредуваат од недостиг на свест во поглед на растечкото влијание на Кина врз политичките и економските елити, медиумите, како и врз цивилното општество и академскиот европски свет. Кина е активна на сите полиња „за во светот да се подобри мислењето за кинескиот политички и економски систем и тој да се позиционира како одржлива алтернатива на либералната демократија.“

Притоа, според мислењето на авторите на студијата „Авторитарен напредок“ („Authoritarian Advance" ) клучна улога има влијанието врз јавното мислење кое се одвива преку медиумите. Важно средство за тоа е додатокот на англиски јазик, „Чајна воч“, што го објавува најголемиот кинески дневен весник „Чајна дејли“. Како и сите други медиуми во Кина, и тој е во државни раце и се смета за партиски весник. „Чајна воч“ на пример се појавува како додаток и во „Вашингтон пост“, „Њујорк тајмс“, британскиот „Дејли телеграф“, францускиот „Монд“, како и во германските весници „Ханделсблат“ и „Зиддојче цајтунг“.

China Shanghai Kuka wird vom chinesischen Midea Konzern übernommen
Преземањето на германската фирма за роботика „Кука“ од кинески инвеститор предизвика полемикиФотографија: picture-alliance/dpa/Zhang Jinqiao

Искористување на веродостојноста на етаблираните медиуми

Очигледна е предноста на таквата постапка, оценуваат авторите на студијата: „Поефикасно е користењето на веќе етаблираните медиумски куќи во одделни земји, посебно затоа што тие кај читателите уживаат поголема веродостојност отколку кинеските медиуми.“ Додатокот „Чајна воч“ е навистина издвоен, но има сличен изглед со останатите редакциски содржини, истакнуваат авторите на студијата. Кина на овој начин влијае на полемиките во Европа. Со оглед на тоа што весниците примаат пари за тоа, можно е создавање зависност која Кина би можела да ја искористи. 

На прашање на Дојче веле, весникот „Зиддојче цајтунг“ објаснува дека „Чајна воч“ е објавен само еднаш во 2017. година, како додаток на весникот на странски јазик. Означен е на следниот начин: „Платената, посебна публикација е додаток на “Зиддојче цајтунг'. Уредувачкиот колегиум на ЗЦ не учестува во подготовката на посебната платена публикација.“ Весникот „Хенделсблат“ додатокот го има од 2015. година и за Дојче веле објаснува: „На првата страница на додатокот јасно се вели: 'Платена посебна публикација како додаток на 'Ханделсблат'. За уредувачката содржина и изгледот на додатокот исклучиво е одговорна редакцијата на 'Чајна дејли' (Народна Република Кина)“.

Повеќе на темата: 

ЕУ го сака Балкан, токму сега!

Ши Џинпинг - големиот кормилар 2.0

Спор со Кина поради интелектуалната сопственост

Преземање и медиумска соработка

Авторите на студијата оценуваат дека Кина е активна и преку други канали. Кинески инвеститори се обидуваат да купат западни медиумски компании, но засега без поголем успех. Лани пропадна обидот на Кина да го купи американскиот магазин „Форбс“. Сепак, кинескиот конгломерат „CEFC China Energy" сега има понуда за „Central European Media Enterprises", кој е активен во Бугарија, Чешка, Романија и Словачка, за што во декември известуваше новинската агенција Ројтерс. Преговорите сѐуште не се завршени.

Кина е заинтересирана исто така и за медиумски кооперации и форуми. Кооперациите служат за разменам на содржини, кои на таков начин подлежат на контролата на кинеските државни медиуми. Медиумските форуми на Кина ѝ служат за пропагирање на своите ставови за новинарството. „Тоа практично значи дека Кина ги пропагира своите убедувања, според кои медиумите не ги критикуваат моќниците, туку соработуваат со нив. Во меѓународен контекст, тоа би требало да го поттикне пријателството помеѓу државите“. Како пример за таквиот медиумски форум се наведува „Медиумски форум  Кина-Германија-САД“, што од 2010. до 2017. година го организираа и Фондацијата Роберт Бош и кинески Глобал тајмс.

China Presse Treffen KP in Peking
Кина се обидува да ги пропагира своите ставови преку медиуми на ЗападФотографија: picture-alliance/dpa/Kyodo

Критички дискусии и транспарентност

Авторите во тоа гледаат опасност поради европската „еднострана отвореност“, која Кина ја користи за испраќање на своите пораки, а истовремено на европските медиуми им го ускратува пристапот на кинескиот пазар.

Цензурата го погодува и Дојче веле, кој нуди и програма на кинески јазик. Истовремено, ДВ ѝ испраќа прилози од својот лајвстајл магазин „Euromaxx" на кинеската ТВ-платформа ЦПД и става на располагање бесплатни курсеви за германски јазик на кинеската интернет платформа.

Авторите на студијата инсистираат на критичка дебата за кинеската медиумска офанзива и бараат поголема транспарентност во случаи кога се инволвирани кинески државни медиуми.

Фридерике Беге, кинески диписник на весникот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“, го поздравува тоа што студијата укажува на систематскиот настап на Кина, но смета дека германските весници се претерано критикувани. Таа потсетува на зборовите на американскиот политиколог Џозеф Нај - отвореноста е најголемата сила на демократијата.

Читајте не и преку апликацијата на ДВ за андроид