1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ковачевски: Потребно е брзо, но не избрзано решение

МИА | ЕМФ
5 февруари 2022

Македонскиот премиер Димитар Ковачевски сака да гради мостови со Софија и ја предупредува ЕУ да не одолговлекува.

https://p.dw.com/p/46ZOf
Belgien EU l Michel empfängt den mazedonischen Präsidenten
Македонскиот премиер Ковачевски во Брисел имаше средби со челниците на ЕУФотографија: Government of North Macedonia

Македонската влада сака да вложи максимален напор за разбирање меѓу Скопје и Софија, уверува премиерот Димитар Ковачевски во интервју за агенцијата МИА. Во разговорот по посетата на Ковачевски на Брисел, тој за МИА вели дека „во подолг период во минатото дискусијата помеѓу двете држави беше водена од страна на пропагандисти коишто креираа атмосфера на недоверба помеѓу двете општества“. Сега работите би требало да се одвиваат поинаку, бидејќи „не можете да изградите заеднички став со друга страна со која не комуницирате, со која не комуницираат релевантните фактори во општеството и низ која комуникација граѓаните не можат да видат дека работите се движат во позитивна насока“.

Ковачевски ја потенцира зајакнатата комуникација со Бугарија, посетите на премиерите на двете земји во Скопје и Софија, заедничката владина седница, како и работата на работните групи во областа на економијата, инфраструктурата, образованието, културата, европските интеграции.

„Паралелно нормално се одвива и процесот на разговори за политичките прашања коишто се отворени, тоа се води на ниво на Министерството за надворешни работи. Таму се работи на работни документи коишто не е добро да се споделуваат со јавноста со оглед на тоа дека не се официјални документи прифатени од двете страни, меѓутоа кога ќе имаме решение коешто е на ниво на експерти прифатливо, тоа сигурно ќе биде презентирано како на јавноста, така и на институциите коишто се задолжени за одобрување и прифаќање на такви документи согласно со законите и со уредувањето на двете држави“, посочува премиерот Ковачевски.

Nordmazedonien- Bulgarien |  Kiril Petkov und Dimitar Kovacevski in Sofia
Ковачевски и Петков во Софија, 24.021.2022Фотографија: Reg. Nordmazedonien

Стратешката цел - полноправно членство во ЕУ останува највисок приоритет за македонската влада. Според Ковачевски, од голема важност е да се изнајде рамнотежа помеѓу квалитетно и брзо решение:

„Јас не би се врзувал за датуми. Јас велам дека ни треба брзо решение со оглед на тоа дека сме заслужиле отворање на преговорите со ЕУ, но секако не ни треба избрзано решение, бидејќи решението коешто ќе се постигне треба да претставува основа за иднината пред нас, како за добрососедските односи, така и за водење на преговорите и полноправно членство во ЕУ“, вели премиерот во интервјуто за МИА и упатува порака до европските партнери дека одолговлекувањето на процесот не само што го заморува општеството кое губи посветеност, како што вели тој, туку и отвора врата за други големи сили кои не се заинтересирани Северна Македонија, и целиот регион, да се приклучат кон ЕУ.