1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грците и Александар Велики

30 јануари 2018

Асосиејтед прес објавува анализа за потеклото на македонските антички кралеви Филип Втори и Александар консултирајќи притоа двајца историчари. Нивниот заклучок: античките Грци имале различен однос кон нив од денешните.

https://p.dw.com/p/2rkjL
Griechenland Proteste in Thessaloniki Namensstreit Mazedonien
Фотографија: Reuters/A. Avramidis

За модерните Грци, Александар Велики е интегрален дел од нивното богато наследство - еден од најголемите освојувачи во историјата кој ја поразил персиската империја, а грчката култура ја проширил до Египет и Индија. Но античките грчки градови-држави, кои повеќе од една деценија се бореле против таткото на Александар, Филип Втори од Македон, веројатно биле помалку одушевени, пишува агенцијата Асосиејтед прес

Умешен генерал и дипломат кој го трансформирал Македон - античката Македонија - од племенско мочуриште во регионална суперсила, Филип водел повеќе кампањи против грчките градови-држави, за конечно да ги победи Атина и Теба во битката кај Херонеја во 338 година п.н.е.

За првпат во историјата, поголемиот дел од грчката копнена територија се нашла под контрола на еден владетел, ставајќи им крај на интерните борби.

„Филип бил бескрупулозен владетел кој се обидел, и конечно успеал, да ја прошири моќта на Македонија низ остатокот од Грција. Но секако, голем бил антагонизмот против него“, вели Рајхнард Зенф, научен директор на Германскиот археолошки институт во Атина.

Во тоа време, Грците не ги сметале Македонците за дел од елинистичката традиција - иако и тие зборувале грчки и ги обожувале истите богови. Но, за разлика од бројните градови-држави кои биле демократии, Македон бил монархија. 

Прашањето за античкото македонско грчко наследство повторно исплива на површина по обидот на денешните Грција и Македонија да му стават крај на 27-годишниот спор околу името.

Alexander der Große Mosaik
Мозаик на Александар Велики од битката против персискиот крал ДаријФотографија: picture-alliance/akg-images

Најголемиот оратор на таа ера, Демостен од Атина, одржувал остри говори против Филип, нарекувајќи го „варварин“.

„Тоа го правел по автоматизам“, вели Стивен Милер, професор емеритус на Универзитетот Беркли во Калифорнија. (Милер ѝ е познат на македонската јавност и по писмото до поранешниот претседател на САД, Барак Обама во 2009 година за повлекување на признавањето на Република Македонија под уставното име, н.з.).

„За Демостен, секој кој не се согласува со него бил 'варварин'. И некои свои сограѓани атињани ги нарекувал варвари“, вели Милер.

Сепак, античките Македонци имале голем респект кон грчката култура и образование. Александар бил голем љубител на Илијадата на Хомер, а Филип го именувал славниот атински филозоф Аристотел да го учи неговиот син.

„Кралскиот двор на Македон, од петтиот век натаму, го развивал елинизмот... тие високо ја ценеле грчката култура и образование“, вели Зенф.

Кралевите може, поданиците - не

Како и претходните македонски кралеви, и Филип учествувал на Олимписките игри, натпреварување кое исклучиво било резервирано за Грци. Коњите на Филип победувале на три Игри едноподруго, а Филип подоцна му посветил импозантен споменик кој го носел неговото име, Филипеон, на Зевс во Олимпија.

Museen in Deutschland Römisch-Germanisches Museum Köln Flash-Galerie
Демостен го нарекувал Филип Втори „варварин“Фотографија: cc-by:Olivier Bruchez-sa

„Може да се каже дека грчкото потекло на македонските кралеви било широко прифатено уште во петтиот век п.н.е.“, вели Милер.

Но иако македонското кралско семејство било признаено како наследник на митскиот грчки херој Херкулес, нивните поданици биле третирани поинаку од страна на Грците.

„Македонците не биле прифаќани како Грци од Грците... колку што ни е познато до крајот на класичниот период само кралското семејство било прифатено во Олимпија“, вели Зенф, кој ги предводи ископувањата во родното место на Олимписките игри.

Освојувањата на Александар го означиле зенитот на грчкото културно влијание и моќ во источна и централна Азија и северна Африка. По неговата смрт, државите наследнички продолжиле да функционираат на териториите на денешен Египет, Турција, Сирија, Авганистан и Индија. Овој период, познат како елинистичка ера, траел 300 години сѐ до подемот на Рим.

Римјаните подоцна формирале огромна провинција наречена Македонија која вклучувала делови од денешна Албанија, Македонија и Бугарија.

Словените мигрирале во тој регион и во денешна Македонија од 6 век натаму, заклучува во анализата Асосиејтед прес.