Кога ќе има вакцина против мутираниот вирус?
25 февруари 2021Постојано растечкиот број на мутации од коронавирусот научниците, производителите и властите ги става пред нов предизвик. Околу тоа немаат никакви дилеми тројца германски виролози кои во вторникот (23. февруари 2021) организираа виртуелна пресконференција. Но, заедничката констатација е дека може да останеме во надеж. „За една година имаме веќе три одобрени вакцини", нагласи Мерилин Адо, професорка по вирологија на Универзитетската клиника во Хамбург Епендорф. „Тоа е одлично и во критичките дебати сега се заборава дека всушност секој ден имаме нови успеси на кои треба да се радуваме."
Иако вирусот постојано мутира, медицината не е беспомошна. „Веќе развиените вакцини се добра основа и алатки со чија помош може да се реагира на изменетите форми на вирусот," вели Адо.
мРНК вакцините и векторските теориски брзо се адаптираат
Тука во игра влегуваат производителите на вакцини. Две од трите вакцини кое имаат одбрение за користење се т.н. мРНК вакцини (Бионтек/Фајзер и Модерна), а една е векторска (АстраЗенека).
Кај сите три релативно лесно е да се инсертираат нови секвенци кои потоа, просто кажано, ќе предизвикаат адаптиран одговор на имуниот систем на мутиран вирус. Најбрзо во теорија тоа би функционирало со мРНК вакцините, но и со векторските во лабораторија не би траело многу подолго. Но, да не избрзуваме ништо!
Да се употребува тоа што помага во моментот
Во пракса не сме дојдени до новата генерација вакцини. Угур Сахин, еден од основачите на Бионтек со неговите колеги постојано истражува со новите вирус варијанти, но најпрво со веќе одобрената вакцина. „Ние научниците постојано синтетизираме нови варијанти и спроведуваме тестови за неутрализација на вирусот. Се обидуваме да дознаеме дали антителата ги препознаваат мутациите и можат да ги неутрализираат."
И тоа е доста успешно. „Кај британскиот сој проблемот не е дека полошо се неутрализира вирусот со постоечките вакцини, туку дека е многу позаразен", нагласува Сахин. Против тоа не помага нова вакцина, туку „продолжување на локдаун мерките додека не се вакцинираат поголем број луѓе."
Слично е и со бразилскиот сој каде што постоечките вакцини исто така се ефективни. Генерално научниците забележуваат заштитна реакција на имуниот систем против различните соеви со постоечките вакцини. Само кај јужноафриканскиот сој некои вакцини не нудат голема заштита, потенцира Сахин. „За тоа немаме уште податоци од реалниот живот и не можеме да заземе став." Но, Сахин во никој случај не е песимист. Иако одговорот на имуниот систем во лабораториски услови се покажал послаб, мРНК вакцината на неговата компанија нуди некаква заштита. „Ние мислиме дека благодарени на одговорот на Т-клетките заштитата од вакцината ќе биде доволна и во овој случај."
Сега е најбитно да се вакцинираат што е можно повеќе лица со веќе одобрената вакцина. Во секој случај „уште не е отпочнат процес за вадење на нова вакцина на пазарот”. За тоа биле потребни клинички студии. Властите работат на забрзана процедура за одобренија. Но, тоа не значи и дека во скоро време може да очекуваме таков развој на нештата. Нови, адаптирани вакцини ќе се појават порано или подоцна. Развојот на нова вакцина врз основа на веќе разработена платформа трае околу шест недели и одобрението може да се добие за околу два месеца, проценува Мерилин Адо.
Тоа подразбира дека компаниите ќе се договорат со ресорните власти исто како и за вакцините за сезонскиот грип, да има забрзана процедура за одобренија. Во Германија таквата функција ја има институтот Паул Ерлих кој тесно соработува со Европската агенција за лекови ЕМА, што истата функција ја врши на европско ниво. Првиот човек на институтот, Клаус Чичутек го дели мислењето на Сахин дека актуелно е најважно веќе одобрените вакцини да се искористат максимално. „Вакцинација со постоечките вакцини е подобра опција од никакво вакцинирање”, вели тој. Сепак, веќе има „разговори и предлози во Европската комисија за адаптација на одобрението”. Во основа се работи за тоа кога има само незначителни промени на вакцините заради одредена мутација да се поедностави постапката за одобрување. Предуслов е „производството да се одвива главно на ист начин како кај веќе одобрената вакцина. Во клиничка студија мора да биде докажано дека вакцината е безбедна и ефикасна”. Но, студијата не мора да биде нужно во обемот како што се барал за првичното одобрение. Таа би можела да се фокусира на делотворноста на неутрализирачката компонента. Чичутек вели дека се работи на нацрт закон. „Се поставуваат регулаторските темели за да се овозможи навремено забрзување на процедурата”.
Производствените капацитети се поврзани
И Сахин смета дека пристапот на регулаторните тела е соодветен: „Исто е и кај вакцините против грип, каде вие како производител исто така покажувате дека го имате процесот под контрола.“ Тогаш можете да направите друга вакцина врз истата платформа. Но, првиот човек на Бионтекнагласува дека сепак работите треба попрецизно да се дефинираат: „Што значи споредлива? Колкаво отстапување е дозволено?“ Научно може да се дефинира широк спектар.
Сахин нагласува и дека сега производителите ги користат сите свои капацитети за да произведат што е можно повеќе вакцини кои би се пласирале на пазарот. Се додека ова функционира е подобро, отколку прерано да се смени производството со други вакцини. „Не сакаме да направиме вакцина која ќе биде ефикасна против новите мутации, но нема да штити од основната варијанта“, вели Сахин.
И докторката Адо смета дека нема потреба да се брза: „Не мора утре да ја имаме новата вакцина, туку е важно тоа што имаме добри алатки со кои може да држиме чекор со развојот на настаните.“ Многу е поважно сега да се обезбеди правична поделба на вакцините: „Мора да се погрижиме за тоа вакцините да се поделат и надвор од индустриски развиените земји, бидејќи во спротивно инфекцијата повторно ќе ни се врати назад,“ категорична е Адо.
Мешање на вакцините: можеби!
Друга можност за зајакнување на имунолошкиот одговор против новите варијанти на вирусот е како втора доза да се користи друга вакцина која ќе даде поголем поттик. За ова засега нема официјална препорака од Комисијата за вакцинации во Германија, но ПЕИ веќе одржува консултации со колегите, вели претседателот Чичутек. И Мерилин Адо се согласува. Се размислува и за спојување на мНРК вакцините со векторските. „Ќе видиме многу интересни резултати и ќе започнеме едно ново научно патување,“ нагласува експертот. Студии веќе се спроведуваат но „не се очекуваат невообичаени несакани ефекти како резултат на имунолошкиот одговор.“
И кај векторските вакцини ништо не говори против спојување различни „транспортни вируси“ за првата и втората вакцинација. Тоа може да помогне и против создавање на можен „векторски имунитет“ – т.е против ризикот телото да ја одбие вакцината.
На пример, руската вакцина Спутник V веќе користи два различни вектори. Адо нагласува дека ова било применето кај вакцината за ебола при што дало добри резултати.
Пролонгирање на рокот за ревакцинација – подобро не!
Адо и Чичутек во едно се согласни:да не се менува препорачаното време за вакцинација меѓу првата и втората доза. За нив не е добра идеја, ниту стратегијата да има повеќе вакцинирани барем со една доза отколку помалку кои ги примиле и двете дози. По примената прва доза вакцинираните немаат ниту 50% заштита, додека целосниот ефект на заштита се достигнува по ревакцинацијата со втората доза. „Сега имаме добри докази за ова поради што не треба да се отстапи од препораките,“ вели Адо.
Претседателот на ПЕИ, Чичутек смета дека е важно во целата дебата околу вакцините да се повикаме на најновите израелски студии: „Она што го видовме во раните клинички студии во однос на безбедноста и ефикасноста на вакцините е вистина: вакцините се добри. Оние кои се одобрени во моментов се безбедни, а ризиците се многу, многу мали.“