Контроверзниот Кавано речиси на целта
6 октомври 2018Кандидатот за судија на Врховниот суд на САД, Брет Кавано, успешно го преброди првото, процедурално гласање во американскиот Сенат, а конечното изјаснување на сенаторите би требало да биде денеска.
Сенатот гласаше со 51 спрема 49 за продолжување на процесот на номинација на Кавано, кого за судија на Врховниот суд го предложи претседателот Доналд Трамп.
Пред гласањето не беше познато како ќе се изјаснат тројца сенатори- републиканците Лиза Мурковски и Џеф Флејк и демократот Џо Менчин. Менчин и Флејк гласаа во полза на Кавано, а Мурковски против.
Републиканската сенаторка Сузан Колинс која условно го поддржа Кавано соопшти дека ќе се определи за овој кандидат и на конечното гласање.
Повеќе:
-Случај Кавано: Протести против кандидатот на Трамп
-#MeToo - Кавга која се исплати!
-Трамп и случајот Кавано - на потег е ФБИ
Изборот на Кавано (53) беше доведен во прашање откако неколку жени го обвинија за сексуален напад. Такво обвинение прва изнесе и за тоа пред Сенатот сведочеше, универзитетската професорка по психологија Кристин Блејзи Форд (51) која тврди оти кандидатот за врховен судија се обидел да ја силува на една забава во 1982 година, кога биле во средно училиште.
Федералното истражно биро (ФБИ) спроведе неделава истрага за овие наводи и го достави извештајот вчера до Комитетот на американскиот Сенат за правосудство. Претседателот на овој Комитет, републиканецот Чак Грасли, рече дека во извештајот на ФБИ нема назнаки за несоодветно однесување на Кавано, додека демократите наведоа оти извештајот „делува како производ на нецелосна истрага.“