1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудство

Конфискуван имотот на криминален клан во Берлин

Хајнер Кизел
20 јули 2018

Со пленот од извршени грабежи, членови на фамилијарен либански криминален клан од Берлин купиле бројни недвижности, кои сега се конфискувани, соопшти берлинското обвинителство.

https://p.dw.com/p/31nXl
Deutschland Razzia nach Goldmünzen-Diebstahl in Berlin
Фотографија: picture-alliance/dpa/P. Zinken

Берлинското обвинителство смета дека е зададен клучен удар против еден од најголемите организирани криминални кланови во германската престолнина.

„Тоа можете да си го претставите како една огромна слагалка“, вели Бернард Микс, еден од обвинителите кои ја вршеле долготрајната макотрпа работа на собирање доказен материјал за изведување на спектакуларна акција против припаднциите на една либанска фамилија. Обвинителството конфискуваше 77 објекти во вредност од 9,3 милиони евра - станови, куќи и плацови кои се стекнати со пари од криминални активности. „На трагата стигнавме преку грабежот на банка во 2014. година“, објаснува Микс. Филијала на Шпаркасе во таа прилика беша ограбена и делумно разнесена во воздух. За делото е осуден еден извршител, но пленот од девет милиони евра исчезна.

Вниманието на истрагата било привлечено откако еден од браќата на осудениот почнал да купува станови. „Овој човек дотогаш живееш од социјална помош од државата“, вели Микс, кој заедно со тим колеги почнал да ги следи движењата на банкарските сметки на членовите на фамилијата, да ги проверува внесените промени во катастарските документи, констатирајќи  ширење на кругот на партиципиентите. Пари биле префрлани и во странство, а оттаму повторно враќани во Берлин и инвестирани во недвижности. Микс тврди дека објектите се купувани преку луѓе од Либан.

Повеќе: 

„Забранети квартови“ во Германија-мит или реалност?

Правна основа за конфискувањето на имотот на криминалниот клан претставува новиот кривичен закон кој е во сила од пред една година. Тој на правосудните органи им олеснува заплена на имот со неразјаснето потекло. Според законот, не органите на прогонот, туку во посебни случаи осомничените криминалци треба да докажуваат дека парите или имотот кој го поседуваат потекнува од легални извори.

Deutschland Einbruch in Berliner Sparkassen-Filiale
Ограбената филијала на банката Шпаркасе во Берлин во 2014. годинаФотографија: picture-alliance/dpa/W. Kumm

Истрага против членови на кланот за перење пари

Членови на либанскиот клан од Берлин се обвинети за перење пари, за што им се заканува казна затвор до пет години. Микс истакнува дека постапката е исклучително комплицирана, не се даваат податоци за државната припадност на 16-мината осомничени, но тие се дел од фамилија со либанско миграциско потекло и нејзиното опкружување. 

Медиумски извештаи велат дека оваа фамилија постојано била доведувана во врска со делумно спектакуларни кривични дела. Покрај грабежот и минирањето на филијалата на Шпаркасе во Берлин, на товар на либанскиот клан се става и кражбата на златна монета тешка 100 килограми од еден музеј, чија вредност изнесува 3,7 милиони евра. Обвинителот Микс истакнува дека случајот со кражбата во музејот не е поврзан директно со конфискувањето имот, но сепак игра одредена улога. 

Повеќе: 

Златна монета од 100 килограми украдена од музеј

Арапските фамилијарни кланови во Берлин се тема за која се водат бурни дискусии. Во нивни раце се тврди дека е најголем дел од трговијата со наркотични средства, а неодамна се појавија шпекулации дека се инфилтрирале и во берлинската Полициска академија. Од полициски извори се дознава дека е тешко да се расветлат структурите на фамилиите кои достигнуваат и до 500 членови, дека истрагата е макотрпна и бавно напредува. За конзервативните кругови, постоењето на криминалните кланови е олицетворение на неуспешната интеграција и општествено разединувачките паралелни светови.

Deutschland Berlin Goldmünze Big Maple Leaf aus Bode Museum gestohlen
Украдена и веројатно претопена - најголемата златна монета, Big Maple Leaf Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Mettelsiefen

 Сигнал во борбата против криминалните арапски кланови

Акцијата на конфискување, при која се ивршени и претреси на 13 локации, е подготвена од страна на сите четири оддели во берлинското обвинителство надлежни за организиран криминал. „Ова е еден од најголемите процеси, ваков обем не се постигнува лесно“, констатираше берлинскиот виш обвинител Јерг Раупах. Тој не соопштува натамошни детали во интерес на тековната истрага.

Портпаролот задолжен за прашања од внатрешната политика и шеф на пратеничката група на опозиционата Христијанско демократска унија во берлинскиот парламент, Буркарт Дрегер, е задоволен од решителната постапка на обвинителството. Мора да се има во предвид дека најновата постапка против фамилијарниот клан е овозможена од неодамна донесениот нов сојузен кривичен закон, вели тој. „Во однос на овој канцероген чир на организираниот криминал, берлинската влада досега покажуваше наивност и лесноверност“, оценува Дрегер.