1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Култура

Копнеж по неделен ручек со фамилијата

13 април 2020

Човекот навистина не е создаден да биде сам. Колку силно прозвучува оваа мисла токму сега, во пандемиската ограниченост! Може ли ова искуство да го натера човештвото да го промени своето однесување од темел?

https://p.dw.com/p/3ap6n
Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Фотографија: Privat

Пандемијата сите не‘ затвори во безбедноста на нашите домови. Ама ни‘ ја одзема можноста да живееме заедно со неколку генерации. А тоа, одеднаш, барем мене, болно ми ги предочи најскапоцените нешта во животот. Тие, кои ја сочинуваа содржината на мојот ден. Кои ми беа најскапоцените. Речиси катадневната врска со нашите  возрасни деца и внуци.  За мене токму тоа е домот. Заедница  од неколку генерации. Свет ритуал на обичниот живот, кој  се празнува секоја недела и секој празник – како подарок, како радост на живеењето. Затоа со секој  изминат ден во самоизолацијата, се‘ повеќе копнеам по обичниот неделен ручек со фамилијата! По тоа што досега се чинеше, за секоја фамилија, најнормалното нешто на светот. Да се соберат  во домот неколку генерации. Да се прегрнуваат  долго за добредојде и на заминување. Да готват заедно, дури и  во  најтесната кујна, мајките, заедно со ќерките и синовите. Внуците, заедно со дедовците и бабите. Копнеам по  вечерите со пријатели, исполнети до доцна во ноќта со  долги, пријатни разговори. Копнеам по најобичните нешта на заедничкото живеење со многу роднини и со многу  пријатели. Сфаќам дека сите нешта  го губат значењето кога нема со кого да ги споделиме. И најбогатиот и најсиромавиот се осамени во нивната затвореност во себе. Човекот навистина не е создаден да биде сам. Колку силно прозвучува оваа мисла токму сега, во пандемиската ограниченост! Ќе не‘ преобрази ли ова искуство до таа мера, за да има надеж дека човештвото може  да го промени своето однесување од темел? За доброто на нашите деца и внуци, за идните генерации.

Никогаш досега не го славевме католичкиот Велигден на ваков начин. Секоја генерација, сама во својот свет. Младите родители со децата, во својот дом. Нивните родители, дедовците и баби, во своите четири ѕида. Тие што најмногу тагуваа, и покрај Велигденските подароци, беа децата. Велигден во германските фамилии е  празник на децата. Во градините, на балконите, во домовите  родителите положуваат на скришни места  крошнички со јајца, вапцани во боите на пролетта, со слатки, чоколади и бонбони, со секакви велигденски подароци. Според  германската традиција,  најубаво е кога тие мали слатки гнезда  се скриваат во  зеленилото на градината. Тогаш децата подолго трагаат по нив. Со овој ритуал за слави радоста на Велигден заедно со радоста за почетокот на пролетта. Имено, за германските деца подароците за Велигден ги носи велигденскиот зајак – Osterhase. Децата и вчера радосно извикуваа, секогаш кога ќе се зашаренеше нешто во грмушката. Само што нивната радост беше поматена. Можеа да ја споделат само со родителите. Ама не и  со постарите во фамилијата. Овојпат радосната потрага по подароците скриени во градината и од наше име,  ние, отсутните баба и дедо,  ги следевме преку видео-порака. 

Во тихоста на мугрите пред велигденското утро, светот одеднаш ми се појави како сцена од последниот филм  на Андреј Тарковски. „Жртва“. Никогаш досега не ми беше станало толку болно јасно зошто токму тој наслов. Затоа што да се жртвува нешто во обичниот говор  значи тоа да се изгуби. Одамна тоа не значи свет  ритуал. Токму тоа значење станува јасно кога насловот на филмот на Тарковски се изговара на неговиот мајчин јазик, рускиот -  „Жртвоприносение“. „Жртва“  во последниот филм на Тарковски значи  религиозен ритуал. Таа  се принесува пред Бога. Како молитва за милост пред можното исчезнување на светот во атомската катастрофа. Главниот јунак го жртвува најмилото. Љубениот дом. Светиот простор на фамилијарниот живот. Исконското чувство на заштитеност на човека во домот. Го жртвува, за да го спаси светот. Оти не може да се принесе како „жртва“ нешто што  не ни‘ е скапоцено.

Други колумни од Кица Колбе:

-Ние, скопските гимназијалци родени 1951/52

-Сѐ може да биде и поинаку!

-Бегалците – испит на човечноста

Токму на најголемиот христијански празник, овојпат сме присилени да го принесеме како жртва тој дар, за кој досега мислевме дека е нешто неприкосновено наше. За кое одлучуваме само ние самите. Небаре некој невидлив, голем драматург одеднаш не‘ постави во една досега невидена драма. Не‘ затвори во  себеси! Ни‘ ги забрани врските и средбите си другите. Затоа што знае дека ние, луѓето, стануваме свесни за своите грешки само пред загроза. И се менуваме, напати, само од страв по животот. Тој драматург, со невидливата опасност, не‘  натера да го жртвуваме (да се надеваме само за кусо време!) тоа што досега го сметавме за саморазбирливо. Дури до здодевност обично! И, како што верувавме,  нешто што е постојано под нашата контрола. Имено, нашиот фамилијарен живот,  заедно со неколку генерации. Нашите роденденски прослави. Нашите свадби и крштевки. Нашите најобични фамилијарни неделни ручеци.

Колку често досега токму тој факт ни‘ бил здодевен? Затоа што ни‘ се чинеше секогаш ист, непроменет, едноличен.  Колку често сенилните родители, баби и дедовци не‘  нервирале? Затоа што не  не‘ разбираат. Затоа што лошо слушаат. Затоа што постојано раскажуваат секогаш исти приказни. Колкупати благодаревме, барем само во себе, за таа среќа  да се живее, барем во неделата, со сета фамилија? Колку, воопшто, бевме способни да благодариме за тоа? И не само за тоа! Туку и за самиот факт што постоиме. Што секој ден се разбудуваме во истиот  чудесен свет. Под истото сино небо! Имануел Кант во тоа исконско чувство на благодарност  за убавината, за совршеноста на природата го гледаше најубавиот доказ за постоењето на Бога. Колку често му благодаревме на Бога за насмевката на внуците, за нивната весела игра, додека се кријат под масите, на свадбите, на празниците? Колку често го доживуваме секој собир со драги луѓе како свет чин на благодарност? Колку често благодаревме за здравјето на нашите стари родители? За сопственото здравје! Верувавме ли навистина дека во „болен свет можеме  да бидеме постојано здрави", како што потсети Папата во една проповед во празниот двор пред црквата Св. Петар во Рим. А човекот самиот направи од природата  болен свет.  Природата боле дува од нас самите.

А сега? Сега, спречени во нашата жед и глад по моќ врз се‘ што постои, почнуваме да разбираме дека убавината на животот е токму во таа обичност на најскапоцените нешта. Сега секој е затворен во карантинот со својата приказна. И нема кому да му ја раскажува во долгите, толку обични, толку насушни  фамилијарни неделни ручеци! Ќе извлечеме ли, барем,  од ова искуство на присилно ограничување поука за иднината? Колку долго ќе не‘ држи ова сознание? Дека најдрагоценото, најскапоценото се луѓето со кои живееме во љубов и пријателство. Дека нашите домови се преполни со илјадници непотребни нешта. Додека  некаде, во некоја друга земја, децата копнеат по најобичните, катадневни нешта.

Ќе сфатиме ли конечно дека за неделниот фамилијарен ручек не мора да поседуваме големо богатство? Туку само широко срце и желба да делиме се‘ со ближниот! Можеби, во  некоја мистична смисла, како што е тоа со „жртвоприносението“ во филмот на Тарковски, овој лош сон ќе заврши тогаш, кога барем еден мал  дел од човештвото ќе  се  „преуми“. Ќе сознае  кои се темелите на човечкото заедничко и мирољубиво постоење со сета природа и со сите  животински и растителни видови. Дека треба да се биде постојано благодарен за најдребното,  за да се почитува во неговата самобитност и највозвишеното.  Убавината и совршеноста на природата. Неповторливоста на секој животинскии и растителен  вид. Неповторливоста на секој ден, секој миг, поминат со  луѓето што ги љубиме. Мојата молитва  до Бога во овие денови на преиспитување, лично и заедничко, е да ни‘ дари дух на благодарност  за најобичните нешта. Оти само тој  дух ја одржува мерката во мислењето и однесувањето. Тогаш го согледуваме најобичното во животот како свет ритуал. Каков што е неделниот  ручек, на кој се збрани сите генерации од фамилијата. 

 

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе Филозофина и македонска и германска писателка.