Трамп стравува од 100 илјади починати во САД
30 март 2020Американскиот претседател Доналд Трамп целосно го промени ставот кон коронавирусот, продолжувајќи ја вонредната состојба во САД за уште еден месец, но и истакна дека пикот од епидемијата дури претстои. Со тоа, по низа потези кои покажуваа донекаде лежерен став, го прифати мислењето на бројни здравстени стручњаци и на научната заедница.
Во обраќањето, Трамп истакна дека ќе „биде добро“ ако неговата администрација успее да го задржи бројот на починати од Ковид-19 до 100.000, што е неверојатен пресврт во однос на неговите поранешни оптимистички предвидувања, во рамки на кои рече и оти се надева на повторно придвижување на економијата на земјата до Велигден.
Воедно, американскиот претседател ги нападна новинарите, но изнесе и огнени обвинувања дека здравствените работници крадат маски, иако за тоа не приложи ниту еден доказ.
Повеќе:
-Пандемија во Њујорк: „Ќе имаме тела по улиците доколку вака продолжи“
-САД ја надминаа Кина: Најголем број инфицирани од коронавирусот
-Пропагандна војна помеѓу Кина и САД: Чиј е коронавирусот?
Трамп најави дека периодот од 15 дена социјално дистанцирање кое го побара федералната влада, а кое треба да истече, ќе биде продолжено до 30 април, и изрази надеж оти земјата ќе може да се врати во нормала до 1 јуни.
ФДА: Лекот за маларија може да се користи за лечење од Ковид-19
Во меѓувреме Американската сојузна агенција за лекови (ФДА) одобри примена на хлорокин и хидроксихлорокин за лечење на заболените од коронавирусот во болнички услови. ФДА вчера даде зелено светло оваа терапија да се препише на пациентите заболени од Ковид-19, „кога клиничките испитувања не се достапни или не е изводливо“. Американскиот претседател Трамп на 24 март позитивно зборуваше за оваа терапија во борба против коронавирусот.
Контроверзниот француски лекар, професор Дидие Раул, кај заболените од Ковид-19 се залага за примена на хлорокин и хидроксихлорокин, антималариски лек кој се користи и кај ревматскиот артритис и лупус.
Повеќе:
-Нигеријците во редици по лекот кој Трамп го препорача против коронавирус
-Филипче најави нова терапија за коронавирус- какви се светските искуства?
Студиите кои ги спроведува професорот Раул, како што наведува новинската агенција Франс Прес не ја увериле пошироката научна заедница. ФДА предупреди и дека заболените не би смееле да земаат лекови на своја рака. Лечењето според протоколот на професорот Раул, со хидроксихлорокин и со антибиотикот азитромицин наскоро ќе се спроведе во Њујорк. Во САД има над 143.000 заболени и преку 2.500 починати од Ковид-19.