Коронавирусот ги затвори градинките и училиштата
10 март 2020Децата од сите предучилишни и училишни возрасти остануваат дома, а спортските натпревари ќе се играат без публика.
Македонската влада дополнително се мобилизира во битката со коронавирусот, откако вчера бројката на заразени порасна на седум лица. По препорака на Комисијата за заразни болести од утре се затвораат сите градинки, основни и средни училишта, како и високо образовни институции во земјата. За владината одлука, која ќе важи во следните 14 дена, денеска информираше министерот за здравство Венко Филипче. Еден родител на дете до 10 години ќе има право да остане дома во следните 14 дена, и без разлика дали работи во јавна или приватна компанија, ќе добие платено отсуство.
Директорката на Клиниката за кожни болести, за која вчера беше откриено дека е заразена со коронавирус, најверојатно денеска ќе добие отказ од функцијата. Филипче денеска за случајот се консултирал со Антикорупциската комисија од каде му било посочено дека нема пречки за нејзина смена и покрај тоа што е во тек предизборен период. На нејзино место Филипче ќе именува в.д. директор на клиниката, која од вчера е под клуч.
Покрај затворањето на образовните институции, се забрануваат и масовни собири и настани со над 1.000 учесници во следните 14 дена, а се препорачува да се откажат и настаните под оваа бројка. И спортските натпревари во следните 30 дена ќе се одржуваат без публика.
Филипче денеска им препорача на постарите и на хронично болните лица да останат дома, а истото важи и за децата кои од утре повеќе нема да посетуваат настава.
„Децата да бидат дома, а не по игротеки, како што беше случај за време на епидемијата со морбили“, порача Филипче.
Денеска на Клиниката за инфективни болести се вршат тестови на 16-годишна пациентка за која постои сомнеж дека е заразена со коронавирус. Но, освен овој случај, нема други сомнителни случаи во земјата, како што се шпекулира во некои медиуми.
По прекинот на авионските летови од и кон Италија, владата од денеска го забранува и организираниот автобуски превоз кон високо ризични земји, во прв ред токму кон Италија- која е најтешко погодена од епидемијата на европско тло, но и кон Франција.