1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кој тоа спори со Бугарија?

8 октомври 2020

Македонија и Бугарија, подеднакво како и Србија и Албанија, се Заробени Држави од кои е тешко – а често и смешно –  да се очекува какво било ослободување, дури и во рамките на ЕУ. Пишува Арсим Зеколи.

https://p.dw.com/p/3jbws
Mazedonien Arsim Zekolli
Фотографија: DW/K. Blazevska

Пред многу години, децении можеби, еден наш познат правник и професор ја соблазни домашната јавност со чудна и банална оценка дека – парафразирано – насилна обљуба е единствено кога жртвата се опира кон напасникот. Но доколку жртвата во одреден момент на бруталниот чин даде само една воздишка на екстатично задоволство, или уште полошо, со своите нозе го опфати телото на насилникот, тогаш тоа веќе не е обљуба, туку акт на консензуално задоволство. Моралната, филозофска и психолошка подлога на таквата оценка со денови беше тема на жестоки протести и негодувања. Денес, со сета нејзина контроверзност, е илустративно податлива подлога за диспаритетот во односот кон насилството низ призма на политичкиот интерес. Како што е случајот со тековните дебати и полемики околу нашите соседи, поточно односите со Бугарија.

Ние, родените во 1960-те, имавме можност нашироко и темелно да учиме за сите злосторства на турските аги и бегови, навечер надополнети со „Македонска крвава свадба”. Учевме и за злосторствата врз децата од Ваташа, навечер надополнети со „Истрел”. Во школски клупи учевме за злосторствата на Џем Гостивари, а навечер гледавме вестерни „Капетан Леши”. Учевме за децата бегалци, навечер гледавме „Црно Семе”. Учевме и за СКОЈ, за Сава Ковачевиќ, нѐ водеа во „Кино Карпош” на едукативно плачење за гинењето на Бошко Буха. Непријатели беа само Германците.  

Толкување на злосторството и казната

Дури подоцна ми се даде можноста да ја разберам скепсата и потсмевот на постарите кон таквите диспропорционални толкувања на злосторството и казната во Социјалистичка Република Македонија. Во еден од походите по скопските книжарници, наидов на извештајот на Карнеги Комисијата од 1914 година, неверојатно детален приказ на судбините на народите на овие простори. Прелистувајќи ги податоците и сведоштвата за масакрите низ Македонија, она што ми остави впечаток е непропорционалноста помеѓу наведените податоци во извештајот и селективноста на домашната јавна дебата во однос на осудата и меморијата кон извршителите на истите. Поентата е, набројувањата на злосторствата извршени од бугарските, турските, албанските, грчките сили беше (и сѐ уште е) во помалку-повеќе рамномерна пропорција со јавниот дискурс. Што пак не може да се каже за далеку побројните злосторства извршени од страна на Србија, евидентирани низ историските записи, но речиси сосема отсутни – или на фуснота сведени – од образовниот, политичкиот, медиумскиот и културниот дискурс на Македонија. Социјалистичка, Демократска или Северна, сеедно. 

Тој диспаритет е присутен и во овдешната чудна и нападна потреба за поврзување на Бугарија со фашизмот, подеднакво како и Албанија, но без премногу – никакви! – обиди за поврзување на Србија со Љотиќ. Истото се однесува и на скандалозното пренебрегнување на фактот што во текот на Втората светска војна во Бугарија и Албанија немало ниту еден концентрационен логор. За разлика од десетици и десетици концентрациони кампови на територијата на Југославија. Од каде, тогаш, таа прелесна, препотентна, морализаторска поза на „партизанско” попување кон едните, и снисходливо премолчување во однос на други, под наш нос блиски примери на злото?

Првите размислувања за таа чудна дисхармонија беа на линијата дека „ете, и тоа се должи на цензурата на комунизмот”. Но сосема набргу, таквите размислувања и сомнежи за системските недела беа ставени настрана и отфрлени поради поинакви, спонтани феномени кои се надополнуваа со системското октроирање на смислата на злосторството и казната. Како минуваше времето, сѐ повеќе ме скокоткаше љубопитноста зошто Македонците имаат такво богатство на навреди, пцовки, потсмевања, вулгарности на сметка на „Татари азијатски Бугари”, за „hell-ass цигани Грчишта”, надополнети со „клети Турчиња погани” и сите прелиени со creme de la creme поздрави и честитики кон „племето шиптарско, љунгарско, шипци” на Албанците. Во помала мерка се користеа и изрази за „виенските коњушари и Јанези” од Словенија, за „усташите и фашистите” од Хрватска. Интересно, во сиот тој репертоар, традиционално и громогласно одекнува отстуството на какви било погрдни називи, пцуења, потсмевања на Србија и Србите. Причината за таквиот диспаритет – службен во системот, спонтан во популизмот – ми се разјасни од еден мал графит, напишан во една од уличките во Љубљана: „Доколку сакаш да знаеш кој владее врз тебе, обиди се да дознаеш кого не смееш да критикувашВолтер”. На извесен начин, токму тој графит, таа изрека, ме помири со Македонците. И скара со Македонија.

Други колумни од авторот:

Полилатерала и Балканска Шенгенијада

Американскиот експеримент на изборен тест

Договори и Уговори

Дводимензионална географија

Нема да трошам премногу време за традиционалната зависност на скопската системска вртелешка од официјален Белград, временски развлечена од доаѓањето на Темпо, создавањето на македонска провинциска копировка на колонијалниот мајндсет на Белград, до падот на Ранковиќ и формирањето на МПЦ, МАНУ, УКИМ, темелно всадената тунел-визија за дводимензионална географија сведена на Север-Југ, култ-покорноста кон безбедносните центри на Дедиње и генерално кажано кадровската, интелектуална, културна и (најмногу од сѐ) медиумска елитна потчинетост и искомплексиранот кон сѐ што доаѓа од Белград. Тоа е сепак дел од сеопштата култура на клиентелизмот и системското функционирање на екс-федерацијата. Но она што беше своевиден зен момент на просветлување е сепак поврзано со популистичката култура на омраза издигната на ниво на менталитет по цена на идентитетот. Имено, генезата на отворената омраза не се базира на чувството на автентично и автохтоно чувство на супериоритет во однос кон Бугарите, Албанците, Турците. Туку произлегува од длабоко всаденото чувство на инфериорност и посраменост за сервилноста кон Белград, негативно проектирана кон останатите народи како компензација за сопствената слабост. Во тој однос, омразата кон западно-источните соседи е своевиден замислен дефанзивен конструкт, ментална заштита од сопствената совест, свест и чест.

Впрочем, не треба премногу проучување дека дури и самите вулгарни конструкти, пцовки и стереотипи користени од Македонците се во сосема мал дел изуми на домашната „канализациска креативност”, туку се позајмени, адаптирани и преведени верзии од старите конструкти на империјалниот шовинизам на Србија. Притоа, кампањите за сатанизација на Бугарите и Бугарија се спроведуваа од „внимателно селектирани кадри” од Крива Паланка, Кратово и пограничните предели кон Бугарија; оние за сатанизација на Албанците главно се доверуваа на кадри од Дебар, Кичево и Гостивар; мисијата за оцрнување на Грците пак беше доверена на иселениците од Егејот. На извесен начин, судејќи по сегашната политичка сцена, таа доктрина на ставање на Македонците во „сендвич” трае и до ден-денешен, но со сезонска рокада на улогите.

Не поради смирување на чија било совест, во случајот македонската, туку како полит-историска последица на реалноста на бивање мал сред големи држави, секој народ има сопствени „непринципиелни коалиции” на зависност од поголеми играчи, преземајќи ги во пакет и нивните непријателства и фобии. Но во овдешниот случај, таа нужност се надградува со предничење во одржување на курс, став и политика која продолжува дури и кога „постариот брат” ја напушта или намалува сопствената пакосна реторика. И тоа е парадоксот на сегашниот однос на Македонија кон Србија и Грција, на сметка на Бугарија и Албанија. Прашањето е - зошто и дали е тоа навистина менталитет на Македонците?

Заробени држави

Скраја реалните и издржани критики за несфатливо непримерените и уште повеќе самопреценети ставови на политичарите од Софија кон Македонците, односот на Скопје кон спорот е во добар дел оптоварен од континуитетот на „југо-македонското” наследство според дедињските прирачници од периодот 1950-1990. За разлика од поранешните директни линии на примање наредби од Белград, сегашната негативистичка и вулгарна реторика кон Софија не е толку диктирана од Србија, колку што е производ на домашната номенклатура – наследена од федерацијата - оставена во вакуум и препуштена на временските неминовности и нови реалности. Доминацијата на политички наратив сѐ уште опстојува во медиумскиот, интелектуалниот, административниот, стопанскиот и партискиот (СДСМ, ВМРО, ДУИ) круг. Но тој број е далеку помал, едноцифрен дури, во споредба со обичните граѓани принудени да живеат во светот на реал-политиката, свеста за опкружувањето и капацитетот за соработка.  

Македонија и Бугарија, подеднакво како и Србија и Албанија, се Заробени Држави од кои е тешко – а често и смешно –  да се очекува какво било ослободување, дури и во рамките на ЕУ. Што повеќе зборуваме за интегирање на општеството во Македонија, интегрирање на Македонија во ЕУ, сѐ помалку сме подготвени да разбереме дека без сопствен, внатрешен, автентично генериран интегритет – како единки и групации – секој муабет за интегрирање во било што и било каде, не е ништо повеќе од политичко пропагандна „паралажа“ на постдемократските администрации во Балканот и Европа, изгубени во сопствените лавиринти. Таа аксиома важи за нас, за Бугарија, за регионот и за самата без-интегритетска Европска Унија. Од наша страна, Скопје ќе мора да научи и прифати дека географската централистичка поставеност во регионот не подразбира и историографска централистичка и морална апсолутистичка кредибилност. Критиките кон соседите нема да наидат на големо разбирање сѐ додека се селективни и промовирани од заштитниците на тесноградата наследена елитна привилегија за утилитарно, профитерско и експлоатативно искористување на македонското прашање како одговор за сопствените клановски, службенички и компромат-историски потреби. Поради тоа - поради нив! -  „спорот со Софија” е повеќе само-ослободувачки за Македонија од Договорот со Бугарија.

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач