1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кој тоа таму имитира?

21 март 2019

Иронијата на судбината на Балканот е што за раководства има ликови кои со својот настап и политики ја исцртуваат сликата за Балканот во очите на Европа. Колумна на Арсим Зеколи

https://p.dw.com/p/3FRME
Mazedonien Arsim Zekolli
Фотографија: DW/K. Blazevska

Пролета стигна на Балканите, расцветана и сончева. Таа констатација засега има само регуларно сезонска конотација и без премногу поводи да се надополнува со некаков политички пролетаријат поради тековните протести низ регионот. Всушност, кога веќе бараме соодветна метафора за демонстрациите во Белград, Тирана, Подгорица, пролета е последната соодветна илустрација која ни доаѓа на памет. Во споредба со некои други метафорични описи за духот на протестите. На пример, гуски во демократски магли би бил посоодветен термин за доловување на духот на анти-владиниот протест во регионот. Па и пошироко.

Велам пошироко бидејќи доколку ја изземеме административната поделба на континтентот на западни унијати и балкански пазачи, тековните демонстрации во регионот се ништо повеќе од локална демонстрација како регионален оддел на се-европското незадоволство. Мислам, зошто протестите кај нас би биле повеќе  „пролетни” од оние во Париз, Рим, Мадрид или Варшава? Секако, изблиците на незадоволство се взаемно специфично сценографски различни, но сижето е споделено определено од чувствот на девалвирана тежина на граѓанскиот збор во демократските процеси. Па така, во духот на Толстој, би можело да се каже дека континенталните естаблишменти се секаде среќни на ист начин, додека пак оттуѓените општества се несреќни поради безмалку идентични причини. И барем во тој поглед можеме да кажеме дека ние сме веќе Европејци– разочарани, гневни и изгубени во преводот.

Protest gegen den serbischen Präsidenten Vucic in Belgrad
Фотографија: Reuters/M. Djurica

Гледано од страна, и базирано врз нашите овдешни искуства и чувства, вепечатокот од следењето на протестите во соседствата е дека општествата се растргнати помеѓу желбата да се збогуваат со Вучиќ, Рама, Ѓукановиќ и свеста дека тие кои се нудат како замена не заслужуваат ниту подршка, ниту доверба. Никој не може да спори со оценките дека Александар Вучиќ е автократ, манипулатор, цензор на слободната мисла. Дека естетиката на Еди Рама веќе стана излитена и дека ниедна уметничка интервенција не може да ја затскрие поразителната неефикасност и корупција на неговата администрација. Ценам дека и самиот Мило Ѓукановиќ се има барем на час зацрвенето во лице додека ја читал веста дека дури и Нурсултан Назарбаев се заситил од државништвото врз Казахстан. Сумирано, не треба премногу напор за да се убедиме дека на наведените им истекува рокот на траење во политиката.

Други колумни од авторот:

-Еден убав банкрот

-Последното Југо на Балканот

-Албанската СДСМ и симулација на демократијата

А сепак, летаргијата на општествата упатува на заклучок дека тие всушност и не се проблемот туку само последица на немањето веродостојна и кредибилна алтернатива која ги држи на тронот на власта како „помало зло”. Пизмата на Србите кон Вучиќ е сепак недоволно емотивно заслепена за да спас од него побараат и најдат во лидерот на Српске Двери, превртливиот Милован Ѓилас или ефтиниот провокатор Вук Јеремиќ. Чиниш дека гневот на Албанците кон Еди Рама не може да биде поголем – сѐ додека пред очите не им излезе Моника Круемади во најновото издание на хистерија или некоја нова фејсбук провала на Сали Бериша. Кои здружени во неконтролираниот бес и омраза успеааја да го девалвираат надежниот Лулзим Баша онака како што Еди Рама не би ни помислил дека може да го понижи. На Црногорците не им е потребен ниту Си Ен Ен ниту британски пензионирани дипломати да им ја опише смаченоста од Мило и неговата свита. Но на истите Црногорци не им треба гатање во кафе за да разберат дека апсолутната контрола на Мило врз Црна Гора е сепак сеуште поприфатлива казна од анрохичната какофонична повика на опозицијата во сите нејзини фрагменти.

Иронијата на судбината на Балканот е што за раководства има ликови кои со својот настап и политики ја исцртуваат сликата на Балканот во очите на Европа. Како нужно зло, како иритирарчки корички врз незалечени рани. Збунетоста на граѓаните на Србија со Вучиќ, на Албанија со Рама, Црна Гора со Ѓукановиќ и Македонија со Заев не е происход на незнаење, туку - напротив – на сеќавањето дека сите наведени ликови беа донесени или однесени, прифатени или наметнати како ликови на новото, на реформите, на подоброто, на современото. Некогашната некритичност и алаш-вериш пристап во нивно востоличување како нови „вождови со сјај во коса” денеска е клучниот мотив за целосна, апсолутна недоверба во било каква алтернативна понуда од било кого. Летаргијата и апатијата на општествата на западниот Балкан не е поради незадоволството од сегашните влади, туку од чувството дека нема субститути достојни за доверба, подршка и жртва. Сериски измамени, понижени и испокрадени од оние во кои веруваа и за кои  „гинеа” на барикади. Балканците ја изгубија довербата во сопствениот суд. 

Montenegro Protest gegen die Regierung
Фотографија: AFP/S. Prelevic

Песимизмот кој повторно се таложи по балканските булевари е дополнително обременет од евидентниот дефицит на бои во обидите за репризирање на нови обоени револуции со кои општествата се враќаат на почетни позиции на она што мислеа дека го рушат. Скраја сите меѓусебни разлики, цунамито на незадоволство од Вучиќ, Рама, Ѓукановиќ, Заев во себе содржи една нишка која ги поврзува сите нив и извесно ќе го определи понатамошниот тек на политичките преврати кои неминовно ќе уследат. Таа нишка, популарно наречена „децата на Сорос” површно ја отсликува непријатната вистина дека оние од кои се очекуваше изградба на „отворени општества” всушност биле ништо повеќе од трпеливи итромани кои пред финансиерот од Њујорк знаеле да ги кажат сите зборови кои газдата сакал да ги чуе. Сѐ додека не дојдат на власт и идејата на „отворено општество” ја пресвртат наопаку. Да бидам искрен, сеуште се обидувам да се убедам дека избраниците на Сорос се тие кои го надмудриле стариот банкар. Бидејќи доколку е спротивното, дека ова што денес го имаме и вреднуваме како „најдоброто од Сорос” е происход на неговиот план и видување на "отворено општество” – тогаш можеме само да свикаме финално опело за демократијата. Засега, помеѓу нас и упокојувањето на демократијата не стои веќе компромитираната замисла на либералот Сорош, туку надежта дека конзервативката Меркел ќе успее да извлече уште една победа  на претстојните избори. И со тоа не спаси нас, а со нас и полупразните европски канцеларии на слободните општества.

Albanien Tirana Opposition Proteste
Фотографија: DW/R. Shehu

Што се однесува до нас, ценам дека сегашните споредби на демонстрациите во Србија како белградски верзии на нашето „шаренаштво“ се не само погрешни, туку и залажувачки. Наместо да во белградските протести го препознаваме нашето минато, поупатно е да се каже дека во нив треба да ја препознаеме сопствената иднина. Имено, нашето „шаренисување” беше јужна имитација на северниот „отпор”, додека пак тековните „еден од пет милиони” протести во Белград се олицетворение на она што ќе се случува во Македонија под името „едни од неизбеганите”. Доколку Груевски беше лик исцртан врз фигурата на соц-реалистичката диктатура на Милошевиќ, Зоран Заев е ликот кој веќе ги исцртува контурите на Вучиќ во млади години на владеење. Сличностите се веќе видливи и препознатливи, почнувајќи од ефтиниот популизам на внатрешната политичка сцена и акробациите на надворешно-политичката сцена. 

Впрочем, како што секогаш бива во политиката, ништо не е случајно во таа предупредувачка сличност помеѓу некогашниот српски Заев на европската надеж и македонскиот Вучиќ на американската боенка. Почнувајќи од споделените кумови во првата канцеларија до онаа на премиерот на Северна Македонија.

 

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач