Кој ќе ги плати загубите од корона-вирусот?
29 јануари 2020Покривањето на загубите поради ширењето на корона-вирусот веројатно ќе падне врз хотелите, авионските компании и другите индустриски гранки, затоа што епидемиите не се вклучени во осигурителните полиси. Се работи за загуби во вредност од милијарди долари предизвикани поради откажани настани, патувања и сместување.
„Осигурителните компании ќе добијат најголем број барања од туристичките и услужните дејности, а потоа ќе следуваат здравствени и смртни случаи“, вели адвокат за осигурување од Хонгконг за агенцијата Ројтерс.
Засега никој не се осмелува да ги прогнозира трошоците.
Иако некои мултинационални компании купуваат осигурување кое покрива секојдневни болести, повеќето не ги вклучуваат и епидемиите, со цел да се намалат трошоците, велат експерти. Вообичаено осигурителните компании покриваат ризици како земјотреси или авионски несреќи, но се трудат да се ослободат од други ризици, со цел да избегнат големи загуби.
Претходните епидемии на вируси, како оние на САРС, Ебола и Зика, ги натераа осигурителните компании да бидат попретпазливи, па од стандардните полиси исклучуваат вируси.
Во 2003 година, епидемијата на САРС вирус предизвика економска штета од 4 милијарди долари во Хонгконг, меѓу 3 и 6 милијарди во Канада, и 5 милијарди во Сингапур, проценува осигурителниот брокер Марш.
„Голем број авионски компании и хотели им нудат враќање на парите на своите клиенти. Без адекватно осигурување, тие ќе мора да ги преземат врз себе трошоците“, вели Ричард Којл, од осигурителната компанија Милер.
Некои компании купуваат полиси кои ги осигуруваат во случај на присилен прекин на работата, но тие не ги вклучуваат болестите. Некои компании, како Мјуних Ре, развија посебни осигурителни полиси за инфективни болести, но речиси никој не ги купува, велат познавачите.
Ударот врз туризмот и транспортот ќе се почуствува и врз снабдувањето. Локалната влада во Шангај веќе најави дека компаниите во градот нема да смеат да работат до 9 февруари, а тоа ќе се одрази и врз фирми како Фолксваген, Тесла и Џенерал Моторс.
Со проблемите можат да се соочат и индивидуалните осигуреници. Големите осигурителни компании во меѓувреме соопштија дека ќе покриваат трошоци само доколку осигурениците ги следат советите за патување на нивните влади, а некои куќи одбиваат осигурување за одредени дестинации.